Бизнис

Николоски: Потребна е економска соработка, инвестиции и политики на просперитет

Никој не веруваше дека во 21 век на европска почва ќе има војна, наместо да зборуваме за економија, зборуваме за војна. Ова е аларм за сите нас

На земјите од Западен Балкан им е потребна силна економска соработка, повеќе инвестиции, поголема трговска размена, повеќе бизниси и тоа е нешто што ќе придонесе кон поголема демократија, просперитет, владеење на правото и заедничка соработка меѓу нас. Никој не веруваше дека во 21 век на европска почва ќе има војна, наместо да зборуваме за економија, зборуваме за војна. Ова е аларм за сите нас, истакна вицепремиерот Александар Николоски во своето експозе на отворањето на Виенскиот економски форум.

Тој потенцираше дека перцепцијата од придобивите од членството во ЕУ е се уште голема, но го истакна примерот со Македонија и нејзината неизвесност кон приклучување на Унијата. Додаде дека економската соработка е клучен фактор за стабилизација и соработка меѓу државите.

Во подолжение интегралното обраќање на вицепремиерот Александар Николоски:

„Благодарам за поканата и за оваа можност. Ќе започнам со она што сега е најважно прашање, а тоа е она што се случува во Европа. Сојузната министерка спомена дека е родена во 1994, а Австрија се приклучила во 1995. Јас ќе ви раскажам поинаква приказна, роден сум во 1984, а кога веќе бев во средно училиште, станавме прва земја во регионот која ја потпиша Спогодбата за стабилизација и асоцијација, како што се нарекуваше во тоа време и станавме придружна членка на ЕУ. Од тогаш имаме договор за слободна трговија, за слободно патување итн. Веќе во 2008 година, кога веќе бев во првиот мандат како пратеник во Собранието, најмладиот во тоа време, ја добивме првата препорака за отворање на пристапни преговори, a во 2009 веќе го добивме и првото вето за отворање на преговорите.

И тоа вето се’ уште трае. Прво беше од нашата јужна граница, сега е од источната граница и за жал, се соочуваме со она што го има кажано Черчил во времето на Втората светска војна дека “Балканот произведува премногу историја и Европа не може да ја испроцесира”. Мислам дека никој не веруваше дека во 21-от век ќе има војна на европско тло и мислам дека таа перцепција дека само позитивни работи ќе се случуваат во Европа, дека ќе има постојан економски раст, дека ќе зборуваме само за прашања поврзани со храна, остави простор за Европската Унија да биде релаксирана, да остави процесот да тече сам, ако се случи – добро, ако не се случи – нема проблем, секако се дел од континентот, сега зборувам за целиот Западен Балкан, но она што се случи во 2021 година, сметам дека е аларм за сите нас, бидејќи мислевме дека нешто сме оставиле зад нас, а тоа ни се враќа.

Повторно зборуваме нуклеарни проби, ракетни системи, за радари, дронови, анти-дронови, зборуваме за војна, за милиони изгубени животи досега, што не’ води до реалноста дека европскиот континент е само мал дел од слобода, демократија и економски просперитет и за жал, некои од големите играчи го перципираат светот поинаку од нас, не ги споделуваат нашите вредности, нашите заеднички цели и не живеат како што живееме ние и сакаат конфликт наместо просперитет.

И затоа сметам дека ако треба да се запрашаме кој е најслабиот дел од европскиот континент, некои ќе речат Грузија, некои Молдавија, јас би рекол дека е Западен Балкан. И затоа сметам дека фокусот е многу важен – јасен фокус и јасна визија. Она што ме плаши и ќе бидам искрен е дека ќе се разбудиме во 2029 година, тука, ако не’ поканите и се’ уште ќе зборуваме за проширувањето, дека ќе биде убаво и дека ќе се случи. Бидејќи ова не е првпат да сме тука, да има динамика.

Во 2000 беше Самитот во Солун, потоа во 2007 кога се приклучија Бугарија и Романија, ни велеа дека ние сме следните, а да не ви ги кажам сите отворени прозорци за кои сме слушале и сите клучни моменти. Она што е позитивно е што енергијата во регионот се’ уште е висока, јавното мислење е во полза на приклучување на Европската Унија и другите сили се’ уште не ѝ се конкуренција на ЕУ. Но прашање е дали тоа ќе биде засекогаш и затоа сметам дека треба да бидеме мудри и храбри, но и да зборуваме отворено и директно и да бидеме фер: ако нема проширување, тогаш да видиме што ќе се случува, ако е пакет, тогаш да дискутираме дали може да функционира или не. Подобро е на луѓето да им се каже вистината отколку постојано да ги лажеме или да им даваме лажни ветувања или да подгреваат очекувања кои потоа нема да се остварат.

И затоа сметам дека економската соработка е суштината на приоритетот во регионот. Не зборувам само како претседавач на Економскиот совет на Владата и како вицепремиер или министер за транспорт, туку и како човек кој има искуство во овој свет и затоа мислам дека најважен е економскиот раст на регионот. Може да видиме голем број на луѓе кои го напуштаат регионот. Ќе ви кажам еден мал пример: пред еден месец имавме локални избори и некои општини немаат градоначалник бидејќи не можат да дојдат до цензус од 33% излезност. Зошто? Најголем дел од луѓето не се тука, преселени се во централна или западна Европа.

Затоа мислам дека е важно да се фокусираме на економијата. Австрија игра огромна улога во регионот, многу австриски компании се присутни во регионот, работат добро, добредојдени се и мислам дека тоа е најдоброто што можеме да го направиме заедно – да носиме повеќе инвестиции, да имаме поголема размена, повеќе бизниси, што мислам дека потоа ќе придонесат кон други работи што ги споделуваме – демократија, просперитет, владеење на право и заедничка соработка меѓу нас. Повеќе ќе зборуваме утре, уште еднаш ви благодарам, навистина е чест и голема можност, благодарам и на сите ни посакувам успех и плодни дискусии“.

Најнови вести од: Бизнис

(Фото): HELLENiQ ENERGY ја пушти во употреба првата батериска постројка за складирање струја во Солун

Еден од најголемите системи за складирање електрична енергија во батерии во Грција и Југоисточна Европа е пуштен во употреба од страна на HELLENiQ ENERGY во индустрискиот комплекс на Групацијата во Солун. Со инсталирана моќност од 100 MW и капацитет за складирање од 200 MWh, проектот, вреден околу 50 милиони евра, претставува значаен чекор во развојот на капацитетите за складирање енергија во регионот.

Многу македонски компании ќе учествуваат на најголемата саемска манифестација во светот – Експо 2027

EXPO 2027 одржи од 15 мај до 15 август, темата на големата светска изложба е „Игра за човештвото: Спорт и музика за сите“ и ќе обедини учесници од повеќе од 140 земји од светот

Гувернерот Славески со македонскиот тим од Меѓународната економска олимпијада

Народната банка, како дел соработката со Сојузот на математичари, четврта година по ред учествува во подготовките на македонските средношколци за учество на Меѓународната економска олимпијада, преку стручни и едукативни активности од областа на економијата, финансиите и банкарството.

To top