Бизнис

Скапуваат стотици хектари во ТИРЗ, милионски инвестиции без економска оправданост

Слабости во планирањето и реализацијата на капиталните инвестиции, недоволна искористеност на технолошко-индустриските развојни зони и финансиски и правни ризици по буџетските средства, утврди ДЗР во најновиот извештај за работењето на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони за 2024. Ревизорите констатирале дека 287 хектари од вкупната корисна површина на ТИРЗ и индустриските зони не се функционално искористени, односно не се дадени под закуп. Дополнително, седум од вкупно 16 ТИРЗ зони, со површина од 203,5 хектари, како и една индустриска зона од 3,2 хектари, воопшто не се ставени во функција, иако во нив со години се вложувале јавни финансии.

Државниот завод за ревизија изразил неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи на ДТИРЗ за 2024 година, а причина за ваквата оценка се утврдени неправилности, неусогласености со законите и слабости во управувањето со парите. Ревизијата открила дека инвестиции кои се во тек во износ од околу 69 милиони евра, и понатаму се евидентираат како материјални средства во подготовка, без пресметана амортизација, иако најголем дел од објектите фактички се користат. Како главна причина се наведува недобивањето одобренија за употреба, што укажува на институционални и административни пропусти .

  • „До крајот на 2024 година не била донесена тригодишна инвестициона програма како долгорочен документ за планирање на активностите на ДТИРЗ. Истата е донесена во декември 2024 година и се однесува за период 2025 – 2027 година“, констатирале ревизорите.

Посебно загрижувачки, според ревизорите, е договорот за изградба на објекти во неколку ТИРЗ зони, склучен во 2023 година по принцип „клуч на рака“, вреден речиси 29 милиони евра.

Утврдени се недоследности во процесот на планирање на јавните набавки и реализација на склучените договори. За изведба на објекти за времено сместување и амбуланта за прва помош, детски градинки и складишта со пратечки содржини (паркиралишта) во ТИРЗ Скопје 1 и ТИРЗ Скопје 2, и објекти за времено сместување, детски градинки и складишта со пратечки содржини (паркиралишта) во ТИРЗ Штип и ТИРЗ Прилеп, по принцип ‘клуч на рака’, во 2023 година склучен е договор со вкупна вредност од 28.972.357 евра. Набавката била спроведена без претходна анализа на трошоци и придобивки, без физибилити студија и без комплетна проектна документација, иако станува збор за сложена капитална инвестиција. И покрај тоа, бил исплатен аванс од речиси 5 милиони евра“, се наведува во извештајот на ДЗР.

Дополнителни слабости се утврдени и при изградбата на административен објект во ТИРЗ Штип, каде биле склучувани анекси за непредвидени работи поради недоволно прецизна проектна документација.

  • „За изградба на административен објект во ТИРЗ Штип во декември 2022 година е склучен договор во вредност од 3.469.886 евра при што утврдени се значајни слабости во неговата реализација. Имено, склучен е анекс за дополнителни и непредвидени работи како резултат на недоволно прецизна проектна документација и предмер-пресметка, при што изградениот потпорен ѕид и пристапната улица не се опфатени со проектната документација за која е издадено одобрение за градење, што не е согласно Законот за градење. Изведувачот започнал со набавка и монтажа на пречистителна станица без претходно одобрение за измени во тек на градба од надлежното министерство“, пишува во извештајот на ДЗР.

Нешто слично е утврдено и кај консултантски договор за јавно-приватно партнерство за ТИРЗ Гевгелија, кој бил реализиран во 85 проценти, иако клучните цели, избор на партнер и склучување договор, не биле постигнати.

  • „Во јануари 2023 година ДТИРЗ склучила договор за консултантски услуги за избор на партнер за јавно-приватно партнерство за ТИРЗ Гевгелија во износ од 634.832 евра со рок на реализација од една година, кој со анекс е продолжен до април 2024 година. Ревизијата утврдила дека поради поставени ограничувачки и дискриминаторски технички и квалификациски критериуми била доставена само една понуда. Објавените два јавни повици за избор на партнер за јавно-приватно партнерство (ЈПП) во 2023 и 2024 година биле поништени бидејќи не била доставена ниту една понуда. И покрај тоа што договорот е реализиран 85 отсто од вредноста на договорот, клучните активности од проектната програма поврзани со избор на партнер и склучување договор за ЈПП не се реализирани, што укажува на несоодветно користење на буџетските средства“, велат ревизорите.

Во извештајот уште се наведува и дека се акумулирани обврски по основ на задржани депозити од претходни години, што создава реален ризик од судски постапки од страна на изведувачите. Дополнително, нотирани се слабости во управувањето со државната помош, платите и маркетинг-услугите, каде дел од активностите се преклопуваат со внатрешни капацитети на ДТИРЗ, без јасно мерливи ефекти. Државниот завод за ревизија на крајот дал повеќе препораки за надминување на утврдените состојби, со цел подобро управување со ТИРЗ зоните и поодговорно користење на јавните средства.

Најнови вести од: Бизнис

УЈП апелира да се користат само нејзините официјални насоки за проектот е-Фактура

УЈП ги повика сите компании кои досега не се вклучиле, а кои развиваат и одржуваат системи за фактурирање, како и компаниите кои користат системи за фактурирање што може да ги надградуваат, веднаш да се вклучат во тестирањето.

(Видео): Рекордна реализација на капиталните инвестиции до сега

Паралелно се работи на сите автопатски делници низ државата, со посебен фокус на проектите што ги реализира конзорциумот „Бехтел и Енка“, дека интензивно напредуваат и железничките проекти со сериозни подготовки за изградба на брзата пруга, додека автопатот Охрид–Кичево конечно се очекува да ја добие својата завршница до крајот на годината.

(Фото): Со изградбата на далноводот Битола-Елбасан се поврзуваме со соседните електроенергетски системи

Електроенергетското поврзување меѓу Македонија и Албанија добива втора шанса. Поставен е камен темелникот на 400 киловолтниот далекувод Битола–Елбасан. Токму со овој проект започнат од 2014 година започна и емисијата Бизнис 21- Истражувањето каде завршија 50 милиони евра за нашето енергетско поврзување со Албанија.

Ќе се јаде скапо јагнешко месо – сточарите го даваат евтино, трговците го продаваат прескапо

Велигденската трпеза и годинава ќе биде сè поскапа. Ниската откупна цена на јагнето нема да ја намали цената на јагнешкото во пресрет на празниците. Одгледувачите на јагниња велат ако не се државните субвенции ќе бидат во загуба.

Кризата ќе ги помати очекувањара за растот на македонската економија?! Што прогнозира ММФ?!

ММФ препорачува да се подобрат перформансите на државните претпријатија што е од суштинско значење за да се обезбеди ефикасност на распределбата на јавните ресурси и да се ограничат фискалните ризици.

ММФ за Народна банка: Стратегиска модернизација на монетарната политика и одржување на стабилноста на финансискиот систем

ММФ искажува задоволство и од посветеноста на усогласувањето на домашната регулатива со европските стандарди, што ќе придонесе за натамошно јакнење на супервизијата, решавањето банки и на целокупната финансиска стабилност.

Народна банка внимателно ги следи светските ризици и е подготвена за соодветно реагирање

Гувернерот Славески нагласи дека Народната банка, како носител на монетарната политика, постојано ги оценува големината, природата и влијанието на шоковите на домашната економија. Според него, за да се изгради отпорност, потребни се кредибилна монетарна политика и ефикасни макропрудентни мерки со цел да се задржи макроекономската стабилност и стабилноста на банкарскиот систем.

Најнови вести

To top