Бизнис

(Видео): Ребаланс на буџет – Стабилност на јавните финансии, повеќе пари за инвестиции, економска активност и квалитетни услуги за граѓаните

Повеќе пари за патишта, железница и локални инфраструктурни проекти, но и повисок буџетски дефицит. Владата го усвои ребалансот на Буџетот за 2026 година со кој капиталните расходи се зголемуваат за 5,8 милијарди денари, додека дефицитот достигнува 46,1 милијарди денари или 4,1 процент од БДП.

Владата ги усвои измените и дополнувањата на Буџетот за 2026 година, со кои се врши прилагодување на финансиските проекции на актуелните економски услови и се обезбедуваат дополнителни средства за реализација на капитални проекти и развојни политики. На прес-конференција, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска истакна дека ребалансот е подготвен во услови на зголемена глобална економска и геополитичка неизвесност, предизвикана од движењата на енергетските пазари и меѓународните конфликти, но нагласи дека домашната економија и натаму покажува стабилност и позитивни трендови.

Според новите проекции, вкупните буџетски приходи се утврдени на 379,2 милијарди денари, додека даночните приходи остануваат речиси непроменети и се планирани на 213,2 милијарди денари. На расходната страна, буџетот е ревидиран на 425,2 милијарди денари, а дополнителните средства ќе бидат насочени кон земјоделските субвенции, железничкиот транспорт, спортот, ученичкиот и студентскиот стандард, како и кон мерки за поддршка на социјално ранливите категории граѓани.

Буџетскиот дефицит е проектиран на 46,1 милијарди денари или 4,1 проценти од бруто-домашниот производ. Според министерката, за првпат неговото зголемување главно се должи на растот на капиталните расходи и инвестициите во инфраструктурни проекти.

Капиталните инвестиции достигнуваат околу 46 милијарди денари, што претставува зголемување од 5,8 милијарди денари или 14,5 проценти во однос на првичниот Буџет.

Дополнителните средства ќе бидат вложени во изградбата на Коридорите 8 и 10-д, автопатот Скопје-Блаце, железничкиот Коридор VIII, водоводни и канализациски системи, пречистителни станици, проекти за енергетска ефикасност, како и во изградба и реконструкција на образовни објекти, студентски домови и инфраструктура во руралните средини.

Со ребалансот се предвидува и зголемена поддршка за општините преку инвестиции во локалната патна и комунална инфраструктура, спортски и образовни капацитети, со цел рамномерен регионален развој и подобрување на условите за живот низ државата.

Финансирањето на буџетскиот дефицит и обврските за отплата на долг, во вкупен износ од 76,4 милијарди денари, ќе се обезбедува преку домашно и странско задолжување. Од оваа сума, повеќе од 54 милијарди денари се наменети за сервисирање на обврските кон странските кредитори, додека околу 20 милијарди денари се предвидени за отплата на домашниот долг.

Најнови вести од: Бизнис

Коњановски: Декарбонизација не значи деиндустријализација

Зелената транзиција мора да ги земе предвид потребите на економијата и можностите на енергетскиот систем. Намалувањето на зависноста од јагленот треба да биде постепено, со обезбедено стабилно снабдување за индустријата и граѓаните

По СЕПА, инстант плаќањата се следниот чекор во модернизацијата и регионалното поврзување на платниот систем

Крајната цел е премин од стандардни кон инстант плаќања во денари и евра и интегрирање на домашниот платен систем во поврзан регионален и европски платежен екосистем.

Министерката за финансии најави буџет од 7,2 милијарди евра за 2027

За капитални расходи во 2027 година се предвидени околу 663 милиони евра. Средствата треба да се насочат кон патната и железничката инфраструктура, образованието, енергетиката и комуналните проекти. За пензии се издвојуваат дури 2 милијарди евра.

Од 2027 нова обврска пред патување во Шенген зоната – се воведува системот за одобрување на патување

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во писмо испратено до земјите членки пред октомврискиот состанок на Европскиот совет најавила дека ETIAS се очекува да биде активиран следната година.

To top