Хроника

Пораките од телефонот на обвинетиот газда Деко од „Пулс“ се отворија јавно во судница

Со изведување материјални докази од Обвинителството денеска во судницата во „Идризово“ продолжи судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени

Обвинителството најпрво презентираше докази од екстракција и анализа на телефонска комуникација од мобилните на првообвинетиот Дејан Јованов и неговиот син Михајло Јованов.

Се презентираа СМС пораки и вибер комуникација на Дејан со контакти како што биле запишани во неговиот мобилен – началничка Марија, Цеце, Тодор Јованов, Весна инспекторка приватен, Лазе Жти, Ацо командант, Магдалена лиценца, Вики економија, Благица диско…

Од презентираната документација, Обвинителството читаше како Дејан Јованов Деко добивал информации за можни рации во дискотеката, како комуницирал со вработени, инспектори, полицајци и неговиот син за како да постапуваат, но и дека бил потсетуван дека му истекува лиценцата и треба да побара продолжување…

Обвинителството презентираше комуникација со вработени во Економија и полиција што му даваат информации за најава за контрола на малолетници, кога му истекува лиценцата, како и комуникација меѓу Дејан и неговиот син Михајло, поврзана со функционирањето на правните субјекти каде се тие активни.

На 16 март 2025 Михаил Јованов во комуникација со Дејан го известува дека има рација во „Булевар”, од полицајци од Радовиш кои не се „наши” и дека ќе дојдат и во дискотеката, дека има многу малолетни и треба да се испразни, на што Дејан му враќа дека и да така ќе оди во стечај.

Родителите на децата што ги загубија животите во пожарот во дискотеката „Пулс“, во изјава на паузата на денешното рочиште, порачаа дека се отвораат сериозни прашања по презентирањето на комуникациите помеѓу Деко и Михаил и дел од полициските и институционалните службеници.

„Овие комуникации отвораат сомнежи дали постоела институционална заштита и влијание врз контролите и постапките. Воедно, комуникациите помеѓу таткото и синот, Деко и Михаил, отвораат прашања за улогата на Михаил во работењето и одлучувањето“, изјави Александар Наунов.

Дополнително, Наунов рече дека јавноста за првпат слушнала и имиња на лица кои имале бројни и сериозни контакти со сопствениците на „Пулс“ и „Класик“, а не се опфатени во обвинителниот акт на ОЈОГОК.

„Има полициски службеници кои биле во постојана комуникација со дојава на контроли со обвинетите Михаило и Деко, а и полициски службеник кој е во пензија, а има 400 комуникации со сопственикот и неговиот син. Ова отвора прашања дали сите се опфатени, сите релевантни факти и лица, и дали има основ за дополнителни истраги. Јавноста очекува целосно расветлување на случајот и утврдување одговорност за секој за кого ќе се докаже вмешаност“, изјави Наунов.

Со ова од материјалните докази предложени од Обвинителството ќе остане уште изведување на градежно вештачење и произнесување на вештите лица.

По изведувањето на доказите на Обвинителството, материјални докази и сведоци ќе изведува и одбраната, која, како што најави, има и две вештачења.

Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Ова е една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата.

Најнови вести од: Хроника

Започнува постапката за четирите малолетни насилници од Аеродром: побарана забрана да ѝ се доближуваат на 12-годишната жртва

Јавното обвинителство побара да се поведе постапка против две 14-годишни девојчиња и две момчиња, осомничени за насилство, помагање и неовластено снимање на нападот врз 12-годишно девојче во скопската населба Аеродром. Станува збор за насилниот инцидент на 30 јуни во скопската населба Аеродром, кога 12-годишното девојче беше физички нападнато, а целиот настан беше снимен со мобилен телефон.

Бомба фрлена кон угостителски објект во тетовското село Добарце – двајца повредени

На 08.07.2026 во 01:20 часот во Полициското одделение Групчин, Д.Ф.(51) од с.Добарце, тетовско пријави дека од патничко возило „цитроен“ во движење е фрлена рачна бомба кон неговиот угостителски објект, лоциран покрај локалниот пат во селото.

Поднесено обвинение за „Еуростандард“ банка од Скопје – намерно е втурната во стечај со долг од 27 милиони евра!

Со одобрување кредити на кредитно неспособни и поврзани правни лица, без соодветни анализи и обезбедување, со прикривање на реалната финансиска состојба и ризиците, како и со неточно известување до Народната банка, пријавените придонеле банката да биде доведена во стечај, а доверителите да бидат оштетени со околу 27 милиони евра во денарска противредност. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинителен акт против три лица кои се товарат дека сториле по едно кривично дело „Предизвикување стечај на банка“, како и обвинителен предлог против едно лице за кривично дело „Несовесно работење во службата“.

To top