Колумни

Гане Тодоровски, столбот на македонската самосвест: Да не ја раздадеме одново Македонија! Македонците со впечатлива издржливост чекорат кон надежта!

Пишува: Свето Тоевски „Летописот на македонската опстојба низ вековите прилега на неверојатна приказна: речиси, нема многу вакви или слични примери во историјата, за олку жилавост и истрајба пред непогодите на времињата! Иако благонаклонетоста на судбата најчесто ги разминувала, Македонците во својата Виа Долороса (Патот на солзите и маките) врашки упорито чекореле кон хоризонтите на надежта. […]

Пишува: Свето Тоевски

„Летописот на македонската опстојба низ вековите прилега на неверојатна приказна: речиси, нема многу вакви или слични примери во историјата, за олку жилавост и истрајба пред непогодите на времињата! Иако благонаклонетоста на судбата најчесто ги разминувала, Македонците во својата Виа Долороса (Патот на солзите и маките) врашки упорито чекореле кон хоризонтите на надежта. Македонците успеале конечно да се доближат до големата цел да се опстои низ премрежјата на долгата и исцрпувачка борба, проследена од востанија и од порази, од пркоси и поревања. Суровата школа на егзистенцијата ги научила Македонците на впечатлива издржливост. Македонија е вековита и непореклива.“ – вака беседеше Гане Тодоровски, еден од великаните на македонската литература и јазик во 20-тиот и 21-виот век и еден од столбовите на македонската национална самосвест, во своето дело „Македонија културно наследство“– „Македонија – вековита и непореклива“ во 1995 година.

Денешниов 11 мај, денот кога тој се роди во 1929 година во Скопје, е соодветна пригода за ново вдахновување со поуките, пораките и завештанијата негови кон народот македонски, кому тој му го посвети сиот свој живот и сето свое пребогато творештво. „Гане Тодоровски спаѓа во редот на највпечатливите ангажирани и остроумни личности во македонската литература.“ – нагласи Раде Силјан на претставувањето на Избраните дела во десет тома од Гане Тодоровски. Тогаш за импозантното творештво на Гане, но и за генијалноста негова како творец, Силјан ќе дополни: „Неговите стихови извираат од неисцрпниот вруток на македонската почва и со сиот свој сјај естетски и идеен проблеснуваат пророчки, секавично. Во македонската литература Гане Тодоровски заора бразди, обликува препознатлива широко прифатлива и трпеливо градена поетика, која стана репер за високите естетски вредности. Уметничките дострели на неговите бројни книги го воздигнаа на пиедесталот на една многустрана поетска големина, која може да се именува како македонска национална гордост.“

Со својата песна „Македонски монолог“ Гане Тодоровски се извишува во блескавите врвови на македонската поезија и всушност води дијалог со македонското минато, сегашност и иднина во името на македонскиот народ. Покрај другото, во „Македонски монолог“ Тодоровски испеал: В крвта ни остана едно недоречување, / ропско, македонско и зошто не: наметнато! И требат тони грижи на појќе поколенија / за да се истријат тие петна / на срам од себеси, од себепремолчување. … одвеќе стоиме! И ако така уште постоиме, / не ќе постоиме! … Толку се страхувам, некоја јанѕа ме јаде / да не би одново да Те раздадеме!

Гане Тодоровски дипломирал и докторирал во Филозофскиот факултет во Скопје, каде што бил дологодишен професор. Постигнатите научни резултати во областа на македонистиката го вбројуваат меѓу најистакнатите дејци во славистичките кругови во Европа и светот. Во 1951 година станува член на Друштвото на писателите на Македонија. Двапати (1969-1971 и 1985-1986) е и негов претседател. Бил претседател и на Советот на Струшките вечери на поезијата (1970-1971). Како член на Македонската академија на науки и уметности е избран во 1997 година.

Тој е автор на импозантно литературно дело. Напишал 12 книги со поезија, кои секогаш значеле настан во мигот на појавувањето и оставиле длабока трага во летописот на современата македонска литература. Неговите први стихови датираат од времето на Втората светска војна и во нив се огледа тематскиот и стилски печат на една епоха, во која се прават првите чекори кон македонската самостојност и слобода. Натаму овој исклучително плоден поет учествуваше во сите творечки периоди, низ кои минуваше македонската поезија, давајќи богат придонес кон нејзиниот развој. Академик Гане Тодоровски е истакнат преведувач на модерната светска поезија на македонски јазик. Неговата дејност на ова поле е ориентирана кон руската поетска школа, англосаксонската, германската, француската, полската и чешката. Кон тоа треба да се додадат и огромниот  број препеви од литературите на балканскиот книжевен круг.

Еден дел од активностите на поетот, литературен критичар и есеист Тодоровски е сврзан и со историјата. Тој беше пасиониран истражувач на македонскиот 19 век, книжевно-историска област, кон која тој беше доследно приврзан во текот на сиот свој творечки век. Тој ги толкува делата на нашите претходници не само како документи и сведоштва за минатото, туку и како активни чинители и вообликувачи на нашиот современ литературен израз и на состојбата на македонската современа национална свест. Во 1990 година Тодоровски е избран како прв претседател на Движењето за семакедонска акција МААК. Подоцна е назначен како прв амбасадор на Република Македонија во Руската Федерација.

Гане ја смести во националната книжнина и во македонското колективно паметење и својата монументална песна „Македонски јазик“, во која, меѓу другото, порача: „… Се откорна ти како борбен вик / на востанатиот наш бунтовник / што прв ја презре ропската мирнотија! Низ тажачки се раздипли в клет збор, / закремене низ корав непокор / ко завет свет на тие што нè родија …… Ти возбудлив здив на татковината! … / … и биди верен вардач на сиот народ наш, на молитва татковинска да прилегаш …  воздишко низ која првпат сме заплакале!“

Академик Тодоровски е добитник на повеќе признанија и награди: „11 Октомври“, „23 Октомври“, „13 Ноември“, „Браќа Миладиновци“ – Струшки вечери на поезијата, „Ацо Шопов“ – ДПМ, „Димитар Митрев“ – ДПМ, „Кирил Пејчинович“ за преведувачки опус, Книжевно жезло и на голем број пофалници во земјава и во странство. Починал на 22 мај 2010 година. Закопан е во црквата „Свети Спас“ во скопското село Кожле на 26 мај 2010 година. Со литургијата чиноначалствуваше Архиепископот на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија Стефан. Последна желба на Гане му била да го погребаат токму во Кожле и неговата песна „Завет“ да биде прочитана на закопот. Желбата му била исполнета.

„Завет“ е во вистинската смисла на зборот Заветна за македонскиот народ. Во неа Гане за себе испеал: Онаму дечиња, онаму внучиња мои, / Ридјено кајшто се грвали, дабјено кајшто се рои, Могила малечка онаму нека ми стои…“  Но, тој во „Завет“ ќе го втисне и својот последен македонски поетски здив ќе и остави трајно завештание на својот народ секогаш да се бори за својот опстој: „…Одоколу да тече време македонско, да блика!

Најнови вести од: Колумни

Седум години од „преспанските“ амандмани“ за бришењето на името Македонија, што не успеал никој трајно да го стори, па ниту Грците!

Кога-тогаш ќе дојде времето кога ќе може и кога ќе мора да бидат разурнати и „преспанската пештера“ и „санстефанската пештера“, во кои се фрлени во пранги Македонија и македонскиот идентитет. Тие „пештери“, Македонците мора да ги разурнат и да се разгрне небото, за да блесне на него шеснаесеткракото македонско сонце од Кутлеш, сонцето на македонизмот! Како што во Уставот пред седум години се избришало името Македонија, така ќе треба во време соодветно, во време политички оптимално и од домашен и од меѓународен аспект, да бидат вратени назад името Македонија и придавката „македонски“ во тој највисок правно-политички акт на македонската држава.

Делото на Славко Јаневски како потресно книжевно сведоштво за морничавата игра со македонската национална судбина

Денес се навршуваат 106 години од раѓањето на Славко Јаневски, основоположник на македонската современа литература и автор на првиот роман на македонски јазик – „Село зад седумте јасени“, објавен во 1952 година. Славко Јаневски ѝ припаѓа на првата генерација македонски писатели по војната. Од рана возраст почна да се занимава со литература и сликарство. Овој трагач и истражувач по македонската вистина по шест децении неуморно творештво остави зад себе 15 романи, 11 книги поезија, 6 книги раскази, 8 книги за деца и голем број непубликувани во посебни книги препеви, книжевни и политички есеи и полемики, односно повеќе од 40 книги оригинално книжевно творештво. Јаневски е автор на знаменитата песна „Цветови“ во чест на 12-те млади Македонци, стрелани и масакрирани на 16.6.1943 од бугарската војска кај Ваташа. „Цветови“ останува трајно врежана во македонската национална колективна меморија како моќен поетски симбол на македонската младост и борбата на македонскиот народ за слобода. „Неговото дело беше и остана видовито, пророчко и, истовремено, потресно литературно сведоштво за морничавата игра со македонската национална судбина. Славко Јаневски со своите книги и денес стои како жива стража на духот на оваа земја, како пророк на една неизвесна иднина, во која влегува човечкиот род, како книжевен волшебник, кој ни остави дело, што ја вознесува во големиот свет на светската книжевност литературата на една мала земја, која често сама и осамена, но упорно се пробива со својот дух и творештво на големиот светски мегдан.“ – има кажано академик Георги Старделов во своите сеќавања за Славко Јаневски.

Симон Дракул: Македонија е убавина, што боли, таа е бол, на која сме сме ѝ должни!

На денешен ден се навршуваат 27 години од смртта на Симон Дракул, знаменитиот македонски раскажувач, романсиер, драмски автор,историчар, на човекот, кој нѐ потсетуваше во своите дела и филмски сценарија на историските и судбински премрежја, низ кои од искона минувала расчеречена и страдална Македонија, како наша непрестајна болка, на која ќе ѝ бидеме секогаш должни со своите дела да ја штитиме и да се бориме за неа. На своето родно Лазарополе, но и на својата татковина, овој патриот и книжевен и историски деец за вистината за Македонија им го остави записот, кој е и своевидно прозно завештание, оставено на сите нам, секогаш да го исполнуваме својот индивидуален, личен долг кон татковината и македонската кауза: „Утро во Лазарополе! Тоа е Македонија. Тоа е таа убавина,што боли. Тоа е таа бол, на која сме ѝ должни!“

Ова се опасни времиња – да ги збиеме редовите

Противник сум на параноја и гледање опасност од сите страни, ама во исто време сигурен сум дека не смееме да се однесуваме индиферентно и да се залажуваме со илузии дека сме премногу мали и неважни па со самото тоа и безбедни во вртлогот на промените кои се случуваат на светската сцена

Војдан Чернодрински: Никогаш да не се заборави македонскиот јазик на нашите прадедовци и на кој ќе зборуваат и сите идни поколенија во Македонија!

Македонскиот драматург Војдан Чернодрински среде Софија пред 125 години ја изведе „Македонска крвава свадба“, својата прва драма на македонски јазик, за кој денес таа иста Софија вели дека „не постои“, или дека „е достапен јазик“, или го прикажува со брутални фалсификати како да е „дијалект на бугарскиот јазик“! Премиерно изведена во главниот град на Бугарија во 1900 година, „Македонска крвава свадба“ стана симбол на македонската борба за национална афирмација и културна самобитност на македонскиот народ, но и трајно сведоштво за постоењето и творечките дострели на македонскиот јазик. Војдан Георгиев Чернодрински е првиот македонски драмски автор, во чии дела прозвучува македонскиот јазик. Неговата заложба за почитување на македонскиот јазик ја практикувал и во неговата театарска група.  Сите негови драмски дела обработуваат теми и проблеми од секојдневниот живот на Македонците и борбата за слобода. Со своите патриотски ставови за македонскиот јазик и идентитет здобил големи симпатии кај македонскиот народ. Денес се навршуваат 75 години од смртта на Војдан Поп Георгиев Чернодрински, кој се вложи себеси и своето творештво во служба на македонската кауза, на македонскиот јазик и идентитет.  

Митрополитот Теодосиј Гологанов, деец за автокефалноста на МПЦ-ОА и борец против бугарско-грчките напади врз црковниот и национален идентитет на македонскиот народ

Денес, кога го прославуваме големиот православен христијански празник Божиќ – Рождеството Христово во манастирите и црквите на Македонската православна црква како наследничка на древните Охридска архиепископија и Јустинијана Прима, ова е соодветна пригода за повторно навраќање кон црковно-националните дејци, кои се вложија себеси и својата дејност за возобновувањето на автокефалноста на денешната Македонска православна црква – Охридска црква и на црковно-народните традиции на македонскиот народ. Еден од тие дејци е и митрополитот Скопски Теодосиј Гологанов, роден со световното име Васил Гологанов, токму на Божиќ, на 7 јануари 1846 година во селото Трлис во Серско, во Егејскиот дел на Македонија, денес во Грција. Наша дури и своевидна национална должност е да го чуваме Гологанов засекогаш во своето колективно национално паметење како народ, да ги чуваме личноста и дејноста на овој духовник, македонски национален деец, црковен писател и борец за обновување на Охридската архиепископија и за создавање самостојна македонска национална држава. Ова дотолку повеќе што дури и во „слободната светска енциклопедија“ Википедија на англиски јазик за него се напишани дрски и примитивни фалсификати дека, наводно, бил „бугарска религиозна фигура“ и оти „учествувал во борбата за автономна Бугарска црква“!

To top