Колумни

„Иде Дунав“ – Пишува Роберт Димитриевски

Во СДСМ се надеваат дека без промени во раководството по изборниот дебакл „и да погинат, колку толку може ќе се спасат“

Основен предуслов за да се надмине некој проблем е соочувањето со него, признавањето дека постои. Дури потоа се размислува како да се поправи штетата и да се преземе нешто за да се тргне напред.

Но, тоа, очигледно, не важи за СДСМ. Таму се убедени дека тие можеби не победиле на локалните избори, но ВМРО-ДПМНЕ загубил?!

Веднаш по потопот во првиот круг, во кој социјалдемократите освоија само три градоначалнички места наспроти 33 на владејачката партија, лидерот Венко Филипче излезе со прва проценка дека „овој резултат не е тој што го посакувавме, но, имајќи ги предвид околностите, не е лош“?! И беше во право. Ќе беше (по)лош ако победеа во две, една или во ниедна општина…

Во одреден број општини имале зголемување на бројот на гласовите во однос на лани и тоа било доказ за процесот на консолидација на партијата, процес кој барал време и ќе продолжел во наредниот период, ќе додаде тој. Поради тоа, немал намера да поднесе оставка.

„Среќни сме со резултатите. СДСМ води, односно очекува победа во Центар, Крива Паланка, Пробиштип, Чучер-Сандево, Кривогаштани, Богданци. Од тој аспект сме среќни“, ќе додаде потпретседателката Ана Чупеска.

Заеднички именител за нивната „среќа“ е дека ВМРО-ДПМНЕ загубил 130.000 гласови во однос на минатогодишпните парламентарни избори, а тие „само“ 27.000. Тоа, пак, значело дека само за 1,5 година се стопила довербата во стожерот на коалицијата „Твоја Македонија“, а тие се стабилизирале?!

„Шта реќи, а не заплакати?“. Според оваа логика, кога ќе се загуби во фудбал со 10:1, може да се смета за успех ако поразениот извел повеќе корнери, слободни удари и аути и помалку пати неговите фудбалери се нашле во офсајд?!

Тоа што по 20 години го загубија бастионот Струмица или тоа што кандидатката за градоначалник на Скопје, Каја Шукова, не само што нема да „трча“ втор круг, туку заврши четврта, нема врска. Не им верувај на своите очи, туку на Венкота, на Ана и на алхемичарите од „Бихаќка“, е пораката од таму.

В ред. Нема проблем. Уште подобро за политичките противници. Додека декласираните живеат во илузија дека се морални победници, вистинките победници можат мирно да спијат. Во догледно време политичкиот капитал стекнат на овие избори нема да им биде загрозен, освен ако самите не си пукаат во нога.

Партија што некогаш се претставуваше за државотворна, така треба и да се однесува. Да мисли не само за себе, туку и за државата. А на секоја држава, па и на македонската, ѝ треба силна опозиција како коректор на власта. За да не (се) дојде до остварување на политичкото начело дека власта корумпира, а апсолутната власт апсолутно корумпира.

Не толку одамна и ВМРО-ДПМНЕ доживеа дебакл – на локалните избори во 2017 година доби пет градоначалници, а СДСМ 57. Само еден месец подоцна избра нов лидер, Христијан Мицкоски, кој веќе на наредните избори за локалната самоуправа го победи „седесето“ со 42:16 во градоначалничката битка, за лани да го потврди тоа со уште поубедливи 58:18 во пратенички места на парламентарните избори.

Тоа е патот на сите политички организации што претендираат на власт во плуралните демократии каде и да е во светот. Признавање на неуспехот, понесување одговорност од раководството, кадровско освежување, консолидација на базата, нов пристап до гласачкото тело, поинаков вокабулар и со Господ напред до победа на некои идни изборни соочувања.

Арно ама, во СДСМ мислат дека ќе ја прејдат оваа формула и ќе измислат нова. Па, на девастирачкиот ефект од „Иде Дунав“ што им се случи одговораат со „мила душа, ризик јак, и да погинеш – колко-толко мож’ ќе се спасиш“…

Со среќа нека им е со тој памет. Во меѓувреме, ги поздрави Ѓунеш Билали:

 

 

 

 

 

Најнови вести од: Колумни

Седум години од „преспанските“ амандмани“ за бришењето на името Македонија, што не успеал никој трајно да го стори, па ниту Грците!

Кога-тогаш ќе дојде времето кога ќе може и кога ќе мора да бидат разурнати и „преспанската пештера“ и „санстефанската пештера“, во кои се фрлени во пранги Македонија и македонскиот идентитет. Тие „пештери“, Македонците мора да ги разурнат и да се разгрне небото, за да блесне на него шеснаесеткракото македонско сонце од Кутлеш, сонцето на македонизмот! Како што во Уставот пред седум години се избришало името Македонија, така ќе треба во време соодветно, во време политички оптимално и од домашен и од меѓународен аспект, да бидат вратени назад името Македонија и придавката „македонски“ во тој највисок правно-политички акт на македонската држава.

Делото на Славко Јаневски како потресно книжевно сведоштво за морничавата игра со македонската национална судбина

Денес се навршуваат 106 години од раѓањето на Славко Јаневски, основоположник на македонската современа литература и автор на првиот роман на македонски јазик – „Село зад седумте јасени“, објавен во 1952 година. Славко Јаневски ѝ припаѓа на првата генерација македонски писатели по војната. Од рана возраст почна да се занимава со литература и сликарство. Овој трагач и истражувач по македонската вистина по шест децении неуморно творештво остави зад себе 15 романи, 11 книги поезија, 6 книги раскази, 8 книги за деца и голем број непубликувани во посебни книги препеви, книжевни и политички есеи и полемики, односно повеќе од 40 книги оригинално книжевно творештво. Јаневски е автор на знаменитата песна „Цветови“ во чест на 12-те млади Македонци, стрелани и масакрирани на 16.6.1943 од бугарската војска кај Ваташа. „Цветови“ останува трајно врежана во македонската национална колективна меморија како моќен поетски симбол на македонската младост и борбата на македонскиот народ за слобода. „Неговото дело беше и остана видовито, пророчко и, истовремено, потресно литературно сведоштво за морничавата игра со македонската национална судбина. Славко Јаневски со своите книги и денес стои како жива стража на духот на оваа земја, како пророк на една неизвесна иднина, во која влегува човечкиот род, како книжевен волшебник, кој ни остави дело, што ја вознесува во големиот свет на светската книжевност литературата на една мала земја, која често сама и осамена, но упорно се пробива со својот дух и творештво на големиот светски мегдан.“ – има кажано академик Георги Старделов во своите сеќавања за Славко Јаневски.

Симон Дракул: Македонија е убавина, што боли, таа е бол, на која сме сме ѝ должни!

На денешен ден се навршуваат 27 години од смртта на Симон Дракул, знаменитиот македонски раскажувач, романсиер, драмски автор,историчар, на човекот, кој нѐ потсетуваше во своите дела и филмски сценарија на историските и судбински премрежја, низ кои од искона минувала расчеречена и страдална Македонија, како наша непрестајна болка, на која ќе ѝ бидеме секогаш должни со своите дела да ја штитиме и да се бориме за неа. На своето родно Лазарополе, но и на својата татковина, овој патриот и книжевен и историски деец за вистината за Македонија им го остави записот, кој е и своевидно прозно завештание, оставено на сите нам, секогаш да го исполнуваме својот индивидуален, личен долг кон татковината и македонската кауза: „Утро во Лазарополе! Тоа е Македонија. Тоа е таа убавина,што боли. Тоа е таа бол, на која сме ѝ должни!“

Ова се опасни времиња – да ги збиеме редовите

Противник сум на параноја и гледање опасност од сите страни, ама во исто време сигурен сум дека не смееме да се однесуваме индиферентно и да се залажуваме со илузии дека сме премногу мали и неважни па со самото тоа и безбедни во вртлогот на промените кои се случуваат на светската сцена

Војдан Чернодрински: Никогаш да не се заборави македонскиот јазик на нашите прадедовци и на кој ќе зборуваат и сите идни поколенија во Македонија!

Македонскиот драматург Војдан Чернодрински среде Софија пред 125 години ја изведе „Македонска крвава свадба“, својата прва драма на македонски јазик, за кој денес таа иста Софија вели дека „не постои“, или дека „е достапен јазик“, или го прикажува со брутални фалсификати како да е „дијалект на бугарскиот јазик“! Премиерно изведена во главниот град на Бугарија во 1900 година, „Македонска крвава свадба“ стана симбол на македонската борба за национална афирмација и културна самобитност на македонскиот народ, но и трајно сведоштво за постоењето и творечките дострели на македонскиот јазик. Војдан Георгиев Чернодрински е првиот македонски драмски автор, во чии дела прозвучува македонскиот јазик. Неговата заложба за почитување на македонскиот јазик ја практикувал и во неговата театарска група.  Сите негови драмски дела обработуваат теми и проблеми од секојдневниот живот на Македонците и борбата за слобода. Со своите патриотски ставови за македонскиот јазик и идентитет здобил големи симпатии кај македонскиот народ. Денес се навршуваат 75 години од смртта на Војдан Поп Георгиев Чернодрински, кој се вложи себеси и своето творештво во служба на македонската кауза, на македонскиот јазик и идентитет.  

Митрополитот Теодосиј Гологанов, деец за автокефалноста на МПЦ-ОА и борец против бугарско-грчките напади врз црковниот и национален идентитет на македонскиот народ

Денес, кога го прославуваме големиот православен христијански празник Божиќ – Рождеството Христово во манастирите и црквите на Македонската православна црква како наследничка на древните Охридска архиепископија и Јустинијана Прима, ова е соодветна пригода за повторно навраќање кон црковно-националните дејци, кои се вложија себеси и својата дејност за возобновувањето на автокефалноста на денешната Македонска православна црква – Охридска црква и на црковно-народните традиции на македонскиот народ. Еден од тие дејци е и митрополитот Скопски Теодосиј Гологанов, роден со световното име Васил Гологанов, токму на Божиќ, на 7 јануари 1846 година во селото Трлис во Серско, во Егејскиот дел на Македонија, денес во Грција. Наша дури и своевидна национална должност е да го чуваме Гологанов засекогаш во своето колективно национално паметење како народ, да ги чуваме личноста и дејноста на овој духовник, македонски национален деец, црковен писател и борец за обновување на Охридската архиепископија и за создавање самостојна македонска национална држава. Ова дотолку повеќе што дури и во „слободната светска енциклопедија“ Википедија на англиски јазик за него се напишани дрски и примитивни фалсификати дека, наводно, бил „бугарска религиозна фигура“ и оти „учествувал во борбата за автономна Бугарска црква“!

To top