Андреј Жерновски, член на Извршниот одбор на СДСМ, не престанува да ја повикува ВМРО-ДПМНЕ да го вратела името Република Македонија. Ни помалку ни повеќе туку високиот функционер на партијата што ја преименува државата наспроти јасно изразената волја на народот на пропаднатиот референдум од 30 септември 2018 година поради масовниот бојкот и со тоа неисполнетиот уставен цензус?! И тоа во име на партијата што плукна на гробот на нејзината членска книшка број 1, првиот претседател на независната македонска држава Киро Глигоров, за кој декласифицираните документи на ЦИА покажаа дека одбил поткуп од 100 милиони долари за тоа.
„Кажете отворено дека повторно ќе бидеме БЈРМ, дека повторно ќе бидеме ФИРОМ. Ајде, de facto и de jure, меки ткива, мекотели“, ќе нафрли „тврдотелот“ од „Бихаќка“, заменик-министер за надворешни работи токму кога ѝ го сменија името на земјата. Намерно „заборавајќи“ дека до несудениот муртински нобеловец таа официјално се викаше Република Македонија (нека си ги види пасошот, личната карта и сите други документи од тоа време) и така ја имаа признаено 134 држави, меѓу кои и четири од петте постојани членки на Советот за безбедност на Обединетите нации. А некрофилскиот акроним ѝ беше привремена референца само за во меѓународните организации.
„Имате 58 пратеника, ги имате ЗНАМ, ги имате ВЛЕН, а богами, после лидерската средба ги имате и ДУИ, ги имате и Левица. Што ве спречува да го направите овој потег?“, ќе потпраша координаторот за изградба на никогаш не(до)изградениот клинички центар во Штип за 60.000 денари месечно додека Македонија уриваше рекорди по бројот на смртни случаи од коронавирус. Повторно „заборавајќи“ дека за враќање на името не е потребно само двотретинско мнозинство, туку и Бадентерово, односно над половина од немакедонците меѓу пратениците да го дадат својот глас за тоа. Што во моментов е исто толку веројатно колку и Македонија да им се спротивстави на САД и да му даде поддршка на Иран.
Другата опција е низ судска процедура да се прогласи за ништовна промената на името поради прекршување на мал милион уставни и законски одредби и (под)изведувачите да бидат казнети за велепредавство. Што при судско-обвинителска конфигурација како сегашната, со два проценти доверба во јавноста, е исто толку (не)веројатна за спроведување како таа преку Собранието.
Иако се свесни за ова и Жерновски, и „тврдите ткива“ околу него, продолжуваат да се однесуваат како што ги профилира поранешниот им лидер Заев, според кој патриотизмот не им прилегал како партија. Иако со свои раце ја погребаа Република Македонија, упорно бараат од некој друг да ја оживее.
„Македонија е свето име бе, мамето ваше!“, би извикал Митко од „Трето полувреме“. За да се игра дрндупка со него и да се (зло)употребува за дневнополитички цели. Посебно од политичари со рејтинг на ниво на статистичка грешка. Од партија што е таму каде што е најмногу поради – името.