Колумни

Поклон до земја за Лина – Пишува Роберт Димитриевски

Подвигот во Вимблдон е вистинска спортска бајка, во која само избраните како Ѓорческа успеваат да се издигнат над сите објективни околности против нив

Лина Ѓорческа ги има сите можни причини на овој свет за да биде горда на себе и на својот успех. Не само што не се посрамоти против ланската финалистка на Вимблдон и шеста носителка годинава Аманда Анисимова, туку со освоените пет гема, од кои три во првиот сет, но и со покажаната класа во одделни моменти од мечот покажа потенцијал далеку над 222. место на ВТА-листата. Спасената меч-топка при 1-5 во вториот сет и освоениот гем со три врзани поени на свој сервис против двократната вицешампионка на гренслемите се показ и доказ за карактерот на македонската тениска кралица.

Дуелот со Американката со руско потекло е шлагот на тортата и за Лина, и за македонските тенис и спорт воопшто. Со избореното учество во главната конкуренција во сингл на еден од четирите најголеми тениски турнири во сезоната како прв Македонец кому тоа му пошло од рака, Ѓорческа уште отсега ја заслужи наградата за спортистка на Македонија за 2026 година.

На Вимблдон имаат оставено трага и Александар Китинов, и Калин Ивановски, обајцата стигнувајќи до третото коло – првиот во двојки во 2001 година, а вториот меѓу јуниорите во 2021 година – но со своите 31 година и 330 дена, тетовката е највозрасниот дебитант на еден гренслем по 1971 година! Благодарејќи на трите победи во квалификациите, последната над 20. носителка Лучија Бронѕети од Италија, пред две години 46. женски рекет во светот, препуштајќи ѝ само три гема!

Лина е највисоко рангираниот македонски тенисер во сингл некогаш, и во машка, и во женска конкуренција – пред девет години беше 170. на ВТА-листата. Во кариерата има освоено 15 турнири индивидуално и уште 47 во двојки, кадешто во 2017 година се искачи на 116. место во светот.

Импресивни бројки со кои деновиве се гордее и Македонија, иако таа има само симболичен придонес што најчесто се сведува на тапкање по рамо и еуфорија, како деновиве, без поконкретна поддршка за спортистката што ја стави на тениската мапа и поради која многумина во светот првпат дознаа за македонската држава. Сè што има постигнато во супер скапиот спорт, кој некои го нарекуваат аристократски зошто само богати можат да си ги дозволат патните трошоци, сместувањето, опремата, а такви се по педесетина најдобри светски тенисер(к)и, е прво лично нејзина заслуга, а потоа и на тренерот Димитар Лабудовиќ и на нејзиниот татко Владимир Ѓорчески.

Судбината сакаше одбојкарската легенда на Македонија, цели 18 години нејзин личен возач од Тетово до Скопје на тренинг, главен финансиер и најголем поддржувач каков што само родителот може да биде, да не го дочека врвот на кариерата на ќерка си. Но, некаде од небото и популарниот Ципа, со 48 настапи за СФРЈ и прв капитен на македонската репрезентација, чиј дрес го носеше пет години, некогашен одбојкар на Барселона и на Арис покрај на Работнички, Вардар и Југохром, бездруго се радува за подвигот на своето чедо.

Има и зошто. Лина им ги стопли срцата на Македонците низ целиот свет со круната на својата максимална посветеност на животната определба што ги прослави и неа, и земјата од која доаѓа. Вистинска спортска бајка, во која само избраните како Ѓорческа, со срце како планина и со верба во сопствените капацитети, успеваат да се издигнат над сите објективни околности против нив. Од неа можат многу да научат сите што ги прават првите чекори во белиот спорт, но и сите што се соочуваат со слични пречки во животот воопшто.

Во време кога врвните спортисти се создаваат буквално во лабораторија, со сета можна придружна логистика, блесокот на новата спортска хероина на Македонија изгледа и романтично, и мотивирачки, но и отрезнувачки. Каде ли ќе ѝ беше крајот ако навреме ја добиеше потребната поддршка е легитимно прашање што се наметнува додека (не)знајни почнуваат да се туркаат за споделување дел од нејзината слава.

Од жарот во нејзините очи додека ги чекаше сервисите на Анисимова, пак, станува јасно дека таа нема да се задоволи со историјата што ја испиша во Вимблдон. За среќа и радост на растечката армија нејзини фанови во Македонија и меѓу Македонците каде и да се.

 

 

 

 

 

 

 

 

Најнови вести од: Колумни

Димитрија Чуповски, народниот трибун и градител на македонската национална самосвест – 86 години од смртта (2)

На 29 октомври 1940 година во Ленинград, во Русија засекогаш ги затвори своите будни и неуморни очи Димитрија Чуповски, најистакнатиот и најдоследен организатор и афирматор на македонската национална мисла и акција, македонскиот општественик, револуционер, политичар и дипломат, публицист и поет, истражувач на македонското минато и култура, картограф на етничка Македонија. Чуповски беше најблизок истомисленик и идеен соборец со Крсте Мисирков во раководството на Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург. Денес се навршуваат 86 години од неговата смрт. Неуморниот борец за македонската кауза остави зад себе богато научно, публицистичко и национално наследство. Од тоа наследство засекогаш ќе зрачи вонвременската порака дека македонскиот народ не треба никогаш да очекува од никого од Балканот и Европа милост дека ќе се грижи за неговата судбина, туку оти самиот треба да ги земе своите работи во свои раце, самиот да ги уредува својот живот и својата татковина.

Македонското научно-литературно другарство од 1902 – моќниот гласник на македонската вистина во Европа и светот (1)

„Словеномакедонското национално-просветно друштво ‘Св. Кирил и Методија’ има цел да го помага духовното преродување и обединување на Македонските Словени и нивното слободно национално-битово самоопределување.“ – се наведува во член 1 на во Уставот на Македонското научно-литературно другарство (МНЛД), основано на денешен ден, на 28 октомври 1902 година во тогашен Санкт Петербург, во Русија. Активностите на Македонското научно-литературно другарство на Крсте Мисирков, Димитрија Чуповски и другите македонски национални дејци, собрани во него, имаат огромно, немерливо значење за македонскиот народ и Македонија, бидејќи уште пред повеќе од еден век многу јасно и многу силно ги претставуваа и ги заштитуваа македонските национални и државни интереси пред агресивните балкански држави и нивните поддржувачи – големите европски сили. МНЛД им укажа на Европа и светот уште пред 122 години дека постои еден народ во Балканот со своја македонска самосвест, кој се бори за правото сам да ја кове својата судбина, без никој да господари со него. Вонвременските пораки на на ова македонско интелектуално Другарство одекнуваат со сета сила и актуелност и денес, во овие сложени геополитички и меѓународни моменти, во кои се втурнати македонскиот народ и Македонија.

Претсмртниот завет на Антон Попов до сите македонски поколенија да го чуваат македонското име и никогаш да не отстапуваат од борбата за иднината на Македонија

На денешен ден, на 20 октомври 1915 година е роден непокорниот син на Македонија и македонскиот народ писателот Антон Попов. Неизмерна е важноста на неговите дела за градењето на македонската самосвест на македонскиот народ. Како бранител негов и на македонската кауза, во своите публицистички трудови, како што е знаменитата статија „Дали постои македонска нација“ Попов дава јасен, научно и историски образложен одговор за постоењето на македонскиот народ, со кој ги побива туѓите негаторски пропаганди. Попов постоеше и живееше, сонуваше и копнееше, дишеше и умре за саканата таковина Македонија, стрелан во Софија на 23 јули 1942 година од царборисовскиот фашистички режим на Бугарија.

Бистришки, 1934 – Тоевски, 2026: Зошто сме ние, Македонците, одделен народ? (4)

Одговорот на тоа прашање е од огромно геополитичко значење за Македонија и македонскиот народ и денес, на почетокот на 21 век. Авторот на овој текст чини напор сега, во 2026 година, да даде свој аргументиран одговор на истото прашање, кое си го постави пред себе Васил Ивановски – Бистришки во 1934 година. Македонците се навистина посебен народ во Балканот и Европа: својата „Македонска приказна“ тие си ја пишуваа самите низ бурните епохи на својата национална историја. Во таа историја се вградени сите државотворни стремежи на македонскиот народ, на кого никој никогаш ништо не му подарил, ниту држава, ниту фалсификувана историја како на „добрите соседи“. Напротив; толку многу му одзеле, но тој стои простум и натаму наспроти бурите на (не)времињата. Македонците со својот јазик и писменост, со својата духовност и култура, со својот идентитет и историја се длабоко во темелите на европската цивилизација.

Огромното значење на „Македонскиот манифест“ на Бистришки за посебноста на македонскиот народ сега кога се прогласува дека е бугарски и воздухот, што го дише! (3)

Статијата на Васил Ивановски – Бистришки со наслов „Зошто сме ние, Македонците, одделна нација?“, објавена во 1934 година, е еден од најзначајните и најтемелните историски документи во 20 век за афирмација на македонскиот национален идентитет и за правилното и целосно решавање на македонското прашање во Балканот. Македонски историчари аргументираат дека е таа текст од клучно значење за македонскиот народ, исто како и „За македонцките работи“ на Крсте Мисирков.

За Бугарите Васил Бистришки „талкал околу македонското прашање“, иако јасно се борел против бугаризацијата на Македонија и Македонците! (2)

„Бугарскиот, српскиот и грчкиот империјализам го одрекуваат постоењето на македонската нација. За да покажеме дека немаат никакво право над Македонија и да ја попречиме нивната асимилаторска политика, ние, Македонците треба високо да изјавиме дека не сме Срби, Грци, ниту Бугари, туку одделна македонска нација со свој јазик, национален карактер и историја.“ – истакнал Васил Ивановски-Бистришки (18.10.1906-1991) во неговата бележита статија „Зошто сме, ние Македонците, одделна нација?“, објавена во 1934 година. Оваа статија е едно од најтемелните докажувања на македонската национална посебност и идентитет, напишана од Македонец на почетокот на 20 век. Сто и дваесеттата година од раѓањето на овој значаен деец за етноидентитетската, јазична и историска засебност на македонскиот народ е пригода за должно навраќање кон неговото дело.

Васил Ивановски-Бистришки им одржа на Бугарите и Грците „лекција“ за постоењето на Македонците десет години пред „Тито да ги измисли“! (1)

„Бугарскиот, српскиот и грчкиот империјализам го одрекуваат постоењето на македонската нација. За да покажеме дека немаат никакво право над Македонија и да ја попречиме нивната асимилаторска политика,  ние, Македонците треба високо да изјавиме дека не сме Срби, Грци, ниту Бугари, туку одделна македонска нација со свој јазик, национален карактер и историја.“ – истакнал Васил Ивановски-Бистришки (18.10.1906-1991) во неговата бележита статија „Зошто сме, ние Македонците, одделна нација?“, објавена во 1934 година. Оваа статија е едно од најтемелните докажувања на македонската национална посебност и идентитет, напишана од Македонец на почетокот на 20 век. Сто и дваесеттата година од раѓањето на овој значаен деец за етноидентитетската, јазична и историска засебност на македонскиот народ е пригода за должно навраќање кон неговото дело.

„Граматиката“ на Блаже Конески од 1952 – силен научен противудар кон бугарско-грчките негирања на македонскиот јазик!

„Корените на нашиот денешен литературен јазик се впиваат во наследството на писменоста, што од векови наваму носи во Македонија самобитно јазично обележје.“ – има напишано, покрај другото, еден од архитектите на македонскиот национален идентитет и на македонскиот јазик Блаже Конески во уводот на својата „Граматика на македонскиот литературен јазик“, објавена на 13 октомври 1952 година. Издавањето на ова дело е еден од најзначајните датуми не само во јазичната, туку и националната историја на македонскиот народ. Најголемиот пораз за негаторите на мајчиниот јазик на Македонците е фактот што „Граматиката“ добива веднаш меѓународен легитимитет од најугледните светски лингвистички умови и од светските славистички центри: таа е веднаш прифатена од водечките слависти во Франција (Андре Вајан), Русија, Германија и САД. Речиси истовремено со Конески и американскиот професор од Универзитетот Харвард Хорас Лант ја објавува својата прва македонска граматика на англиски јазик. Светската наука уште во 50-тите години од минатиот век ја затвори расправата, која денес сѐ посилно, но и сѐ почајно особено Грција и Бугарија се обидуваат повторно да ја отворат со политички фалсификати.

To top