Колумни

Тешко на ВМРО-ДПМНЕ – Пишува Роберт Димитриевски

Огромната победа носи и огромни очекувања за разултати во најкус можен рок, без изговори и оправдувања

Нека му ја мисли сега ВМРО-ДПМНЕ. Да, да, апсолутниот победник на локалните избори. Не најголемите губитници СДСМ и ДУИ. Од нив во моментов никој ништо не очекува, освен оставки на лидерите Венко Филипче и Али Ахмети и коренити внатрепартиски реформи.

Наспроти лузерите, сите очи на јавноста сега се вперени во партијата што уверливо триумфира и во изборите за органите на локалната самоуправа. Огромната победа носи и огромни очекувања. Посебно во ситуација кога граѓаните му дадоа речиси целосна власт во државата на предводникот на коалицијата „Твоја Македонија“ по таа освоена на парламентарно и на претседателско ниво минатата година.

Од партијата на Христијан Мицкоски луѓето сега очекуваат буквално волшебно стапче за решавање во најкус рок на проблеми таложени со години. Летвичката е крената толку високо што чистењето на ѓубрето и асфалтирањето улици ќе им се види како детска шега на вмровските градоначалници. Тоа веќе никој нема да им го брои на салдото на остварувањата, ако не се зафатат и не покажат резултати во реално време и во однос на аерозагадувањето, редовноста на јавниот транспорт, проширувањето на водоводната и на канализациската мрежа, притисокот на водата во зградите, изградбата на нови паркинзи, градинки, спортски објекти, културни содржини. Сè што го олеснува и подобрува квалитетот на урбаното живеење.

И не, нема да им поминат евентуалните изговори дека затекнале пустош и милионски долгови во општинските јавни претпријатија, како на пример во Скопје. Од моментот кога им ја дадоа довербата на ВМРО-ДПМНЕ и на партнерите во власта, граѓаните повеќе не ги интересира како тие ќе ја спроведат изборната програма. Напротив, педантно ќе им го пресметуваат секој чекор, секој потег или, не дај Боже, неактивност, расипништво, игнорирање на нивните укажувања.

Сето ова и многу повеќе ќе мора да се испорача во Кичево. Симболот на обединувањето на Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите и другите против наративот за некаков си воен плен и за супремација на еден етнос заслужува да биде претворен во најпривлечното место за живеење во Македонија. Како одговор на сите што мислат дека можат вечно да владеат со примитивен национализам, со криминал, со неморал и со злоупотреба на дијаспората. Истата таа што токму поради ваквите ликови фатила џенем по белиот свет.

Тешко на владејачката партија ако не испорача резултати колку што е можно побрзо и на локално ниво, зошто веќе за 2,5 години ќе ја очекува ново изборно соочување со електоратот. А тој како што знае обилно и обемно да даде доверба, како сега, уште побрзо умее да ја одземе, во што бездруго се увери и ВМРО-ДПМНЕ пред само два локални изборни циклуса, кога од 56 (с)падна на пет градоначалници во 2017 година.

„Тешкото“ не им гине, но кадрите на Мицкоски по општините добија и ретка можност со добиената безмалку плебисцитарна поддршка да покажат и да се докажат. Сега се на бришан простор, без засолништа, па и само еден погрешен чекор може да им пресуди. Оправдувањата нека си ги остават дома, нека ги засукаат ракавите и канцелариите да ги заменат со работа на терен. Жолтите гумени чизми на Коце Трајановски не само што ќе ги доближат до реизбор по четири години, туку сигурно ќе им донесат и почит од (со)граѓаните. А таа во животот со ништо не може да се купи. Мора да се заслужи.

 

 

 

Најнови вести од: Колумни

Коле Неделковски, поетот-револуционер, чиј глас одекнува силно и денес – 113 години од раѓањето

Коле Неделковски е човекот, кој ја откри заборавената книга „За македонцките работи“, член на Македонскиот литературен кружок од Софија, афирматор на македонскиот јазик во литературата и убеден антифашист. На денешен ден, на 16 декември 2025 година се навршуваат 113 години од неговото раѓање и ова е соодветна пригода за ново навраќање кон творештвото и овој македонски национален и поетски деец, кој соработувал со Никола Вапцаров и Кочо Рацин. Неговата бележита песна „Глас од Македонија“ е една од најпознатите револуционерни песни во во македонската книжевност. Таа е една од најпознатите револуционерни песни во македонската книжевност, како тревожен поетски глас за неразбраното македонско минато, за македонската вистина. Творештвото на Неделковски се карактеризира со употреба на македонскиот говор особено видливо во неговите збирки „Молскавици“ и „Пеш по светот“. Литературното дело на Коле Неделковски иако е скромно и по обем и по квалитет, сепак е мошне значајно. Основниот белег на  неговата поезијата е влијанието на народната поезија, а мотивите најчесто му се патриотски, исполнети со лиричност. Тој е еден од најреволуционерните поети во македонската литература. Коле Неделковски е поет-револуционер чиј глас сè уште одекнува силно и во оваа македонска сегашност.

Конески, генијот-посветеник на Македонската идеја, и неговиот аманет Македонците да си го вардат јазикот, својата „единствена неподелена татковина“

Блаже Конески (Небрегово, 19 декември 1921 – Скопје, 7 декември 1993), генијот на македонската поезија и проза, академик, книжевен историчар, филолог и јазичар, творец на „Македонската граматика“, преведувач и професор на Филозофскиот факултет во Скопје, е еден од кодификаторите на современиот македонски книжевен јазик. Денес се навршуваат 92 години од неговата смрт и ова е пригода за ново навраќање кон неговото неизмерно книжевно и научно творештво, на неговата личност и кон непресушните врутоци на неговите јазични, поетски и национални посланија и завештанија до денешново и сите наредни македонски поколенија дека токму јазикот е она, што нѐ прави како македонски народ, различен од сите други народи во Балканот, Европа и светот. Во последната, претсмртна статија „Една ситуација и едно лично становиште“ Конески ќе истакне: „Денешниот однос на бугарските раководители спрема нашиот јазик има свои длабоки корења во теоријата на великобугаризмот. Можеше ли оформувањето на нашиот јазик да биде појава случајна, дури измислена? Се разбира дека не можеше. Но, македонскиот јазик, и покрај сите викотници против него, од каде и да идат тие, постои, се развива и станува јазик на сѐ побогата литература, станува јазик, на кој што културните придобивки на човештвото му се присвојуваат на еден народ, досега потиснат во мракот на ропството. Добро кажува арапската пословица: ‘Пците лаат, карванот си мине!“

Нацрт-заклучоците на Советот на ЕУ за промената на македонскиот устав ги кршат резолуциите на ООН и Договорот од Мастрихт, затоа се ништовни

Советот на ЕУ ја повикува Македонија да изврши промена на својот Устав во согласност со „Добрососедскиот договор“ со Бугарија и протоколите кон него, Преговарачката рамка и „францускиот предлог“, кои содржат категорично тврдење-фалсификат дека македонскиот народ, македонскиот јазик, идентитет и историја имаат „бугарски историски темели“. Тоа претставува целосно негирање на етничката, идентитетската и јазичната засебност на македонскиот народ. Декларацијата на ООН за недопустливоста на интервенирањето и вмешувањето во внатрешните работи на државите целосно ги заштитува македонскиот јазик и идентитет, како и македонската историја, од какви било и чии било обиди за негирање, или присвојување. Таа декларација строго забранува завлегување во идентитетскиот комплекс на кој било народ, што значи и на македонскиот народ. Токму ова го прават Советот на ЕУ и Бугарија! Членка на ООН е и Македонија: и за неа во еднаква мера важи применливоста на резолуциите на ООН. Според нив, ниту ЕУ, ниту Бугарија, Грција, или која било друга држава, немаат право да се мешаат во внатрешните и надворешните работи на Република Македонија, ниту да ѝ наложуваат да го менува Уставот во замена за „отворање на преговорите со ЕУ“. 

Зошто низ нашите градови не ечи многу почесто „песната на Македонија“ – нејзината „молитва“?

„Народните песни се показаљка на степенот од умственото развитие од народот и огледало на неговиот живот. Народот в песни изливат чувствата си, в них увековечвит животот му и давнешните му подвиги, в них находвит душевна храна и развлечение; затова в жаљба и в радост, на свадба и хоро, на жетва и грозјебрање, на везање и предење, по поле и по гори, штедро изливат песните како од богат извор…“ – ова е напишано во предговорот на првиот дел на „Зборникот на македонските народни песни“ на браќата Димитар и Константин Миладинови, објавен во 1861 година. Зарем турбофолкот и шундот, наречен „музика“ од балканската естрадна периферија на концертите во Македонија, ќе дозволиме да станат „показаљка на степенот“ на нашето „умствено развитие“ како народ македонски? Зарем ќе се согласиме тоа да стане „огледало на нашиот живот“ како народ македонски, чиј изворен фолклор и народен мелос се со врвни уметнички и културни вредности и меѓу најценетите во Европа и светот?!

Уставот од 17 ноември 1991 со асномската основа на Македонија како држава на македонскиот народ

Првиот устав на независна Македонија од 17 ноември 1991 година е од редот на така наречените „национални устави“. Тој македонски устав во најголемиот број негови елементи е на исто ниво и содржински и во поглед на содржаните принципи како и 165 други национални устави од вкупно 189-те устави, колку што ги има во овој момент во светот.

Најнови вести

To top