Алијанса за Албанците реагира на најавите дека следниот попис ќе биде спроведен по електронски пат и во него ќе бидат вклучени само резидентните граѓани, оценувајќи го тоа како „јасна политика на исклучување“ на албанската дијаспора и на нерезидентите, кои беа опфатени со последното пребројување на населението во Македонија.
„Најавата дека нерезидентните граѓани ќе бидат изоставени од пописот не е статистичка постапка, туку обид за промена на демографската реалност преку административни одлуки“, се наведува во реакцијата.
Алијансата за Албанците нагласува дека албанската дијаспора и нерезидентните граѓани се неразделен дел од државата и не можат да бидат „скриени“ од официјалната статистика.
Според партијата, овие граѓани одржуваат директни врски со земјата преку семејства, имоти и инвестиции и уживаат права што не можат да бидат одбиени. Партијата, исто така, изразува загриженост за можната оправданост на овој пристап со одлуките на Уставниот суд, опишувајќи го ова како „чиста манипулација“.
За АА, употребата на правни толкувања за оправдување на исклучувањето на дел од населението е неприфатлива и опасна за демократското функционирање на државата, нагласувајќи дека процесот на попис не може да се трансформира во инструмент на политички или етнички инженеринг.
На последниот (фаличен) попис во 2021 година првпат беа попишани 260.606 македонски државјани што повеќе од 12 месеци живеат надвор од Македонија, а бројот на лицата за кои податоците се преземени од административни извори изнесуваше дури 132.260.
Разликата меѓу вкупно попишаното и само резидентното население покажува и различна етничка структура, па во вкупно попишаното население, 54,21% се изјасниле како Македонци, 29,52% како Албанци, 3,98% како Турци, 2,34% како Роми, 1,18% како Срби, 0,87% како Бошњаци и 0.44% како Власи. Во вкупното резидентно население, пак, 58,44% се изјасниле како Македонци, 24,30% како Албанци, 3,86% како Турци, 2,53% како Роми, 0,47% како Власи, 1,30% како Срби и 0,87% како Бошњаци.