Македонија

Бесплатен роаминг за Македонците во ЕУ од 1 јануари 2027

Европската комисија на 25 февруари годинава објави дека ќе побара одобрение од Европскиот совет за отворање преговори со земји од Западен Балкан за укинување на роамингот за оние што патуваат во државите членки на ЕУ. Ова би се однесувало на Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија. Сега Советот на ЕУ треба да ѝ даде на Комисијата овластување да отвори преговори со партнерите од Западен Балкан. Откако ќе добие овластување, Комисијата ќе преговара за билатерални договори со секоја од шесте земји.

Роамингот за Македонците кои ќе патуваат во земјите од Европската Унија најрано може да се укине од 1 јануари следната година. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, вели дека земјава ги завршила сите подготовки, па сега целиот процес зависи само од Европската Унија.

  • „Ние сме подготвени кон тоа да влеземе веднаш, но роковите ќе зависат од Европската Унија. Едно оптимистичко сценарио е дека до крајот на годината би ја имале оваа можност за нашите граѓани. Сепак, зависи од Европската Унија, не зависи од нас рокот. Најоптимистичното сценарио би значело роаминг од 1 јануари 2027 година“, вели министерот Андоновски.

Потсети дека иницијативата е на Европската Унија со цел да се намалат трошоците за граѓаните од Западен Балкан кои ќе патуваат во ЕУ, но и за граѓаните од ЕУ кои што патуваат во земјите од Западен Балкан.

  • „И покрај дезинформациите дека сме биле исклучени, направивме сериозни напори и државата ја донесе потребната регулатива за да ги промени четирите директиви и регулативи на Европската Унија и да овозможи бесплатен роаминг за граѓаните од Македонија кога ќе патуваат во Европската Унија. Последната измена на Законот за електронски комуникации е испратена на Европската комисија на мислење, утврдена е на Влада и испратена. По позитивното мислење од страна на Европската Унија ќе биде донесена и во Собранието“, рече министерот Андоновски.

Во меѓувреме, Андоновски извести дека ЕУ почнува преговарачки процес за укинување на роамингот и од кај нас веќе се номинирани преговарачи. Прецизниот распоред со рокови Андоновски очекува да биде утврден наредната недела по состанокот во Тиват меѓу ЕУ и Западен Балкан.

  • „Овој процес ќе содржи одобрување на законот, преговори, а потоа потпишување договор налик на договорот за стабилизација и асоцијација од 2000 година, ЕУ со секоја држава поединечно од Западен Балкан за постигнување на овој ефект“, рече министерот.

Македонските граѓани кои патуваат во земјите од ЕУ сега плаќаат за роаминг услугите неколкупати повеќе отколку за телефонските услуги дома. Роамингот е како дома само за патувања во земјите од Западен Балкан.

Најнови вести од: Македонија

Сиљановска-Давкова на Денот на армијата: Да имаме уште многу поводи за прослава на славната македонска армија!

Триесет и четири години потоа, со сигурност тврдам дека македонската армија не е почетничка, туку високо организирана воена формација со професионален интегритет, оперативна кредибилност, висока интероперабилност со сојузничките сили, војничка дисциплина и стаменост, што резултира со највисока доверба кај граѓаните и заслужена почит од сојузниците

Леон Мерсовски – Македонец, муслиман, вмровец кој не гледа противречност меѓу овие работи

Не сум Македонец со фуснота. Не сум Македонец под услов. Не сум половина Македонец. Не сум должен да положам дополнителен испит за македонство затоа што сум роден и воспитан во исламска вероисповед.
Јас сум Македонец.
Точка.

To top