Претседателот на Собранието Африм Гаши денеска го бранеше својот став во врска со пресудата на Хашкиот суд против четворицата водачи на ОВК – Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими. Тој истакна дека, иако е прв човек на парламентот, има право на личен став како граѓанин и политичар, независно од функцијата што ја извршува.
Во објава на социјалните мрежи Гаши порача дека осудените „за албанскиот народ остануваат како ослободители на Косово“.
„Војната на ОВК, жртвите и несебичноста на оние што ја предводеа и беа нејзин дел, го претставуваат патот што доведе до слободата на Косово и до нова ера на мир и стабилност во регионот. Денешната пресуда е од прв степен, бидејќи борбата за правда продолжува“, напиша тој.
Позицијата наиде на остри реакции од опозицијата. Од СДСМ оценија дека изјавата е крајно несоодветна за претседател на Собранието на држава што се стреми кон членство во ЕУ.
„Не може двојни аршини. Ова не е пресуда против албанскиот народ. Не е пресуда против правото на Косово на слобода. Судот суди поединци. Кој денеска ја претвора пресудата во етничка лекција, прави иста грешка како оној што злосторството го крие зад некое знаме“, наведоа од партијата.
Во однос на работата на Собранието, Гаши повторно посочи на проблемот со обезбедување Бадентерово мнозинство. Решенијата, според него, мора да се бараат исклучиво преку дијалог.
„Јасно е дека во Собранието имаме проблем со гласањето на законите што треба да се изгласаат со Бадентерово мнозинство. Но, за сè во демократијата се потребни разговор и дијалог… Собранието мора да профункционира и во овој дел каде што е заглавено“, рече Гаши.
На 123. пленарна седница, закажана за 29 септември, се ставени десет предлог-закони по скратена постапка, вклучително и оние за јавната администрација и високата служба. Ако некој од нив не добие двојно мнозинство, не може повторно да се поднесе во наредните три месеци.
За Изборниот законик информираше дека темата била отворена на денешната координација. Партиите прво треба да ги усогласат ставовите внатре во своите редови, по што евентуално ќе се свика работна група.
Законот за минимална плата се очекува да дојде на дневен ред на почетокот на октомври. Гаши лично смета дека примањата треба да се зголемуваат.
На координацијата било разговарано и за анкетните комисии и барањата на семејствата на загинатите од Кочани. Гаши рече дека официјално сè уште нема примено писмо, но ќе провери. Меѓу координаторите има различни мислења дали постоечката комисија прво треба да заврши или двете да работат паралелно.