Македонија

Откриени измамнички кол-центри и во Македонија: Европол разби мрежа, запленети повеќе од 100 сервери

Измамата започнувала со реклами што ги насочувале граѓаните кон лажни платформи

Македонија е една од земјите во кои истражителите открија сомнителни кол-центри поврзани со обемна меѓународна мрежа за инвестициски измами.

Потенцијалните жртви на оваа мрежа се наоѓаат во повеќе од 50 држави. Во координирана полициска акција спроведена на 3 ноември, со поддршка на Европол и Евроџаст, беа запленети повеќе од 100 сервери, а уапсени се седуммина осомничени.

Во операцијата учествуваа надлежните органи на Македонија, Албанија, Кипар, Финска, Германија, Израел и Косово.

Акцијата беше насочена против компанија осомничена дека обезбедувала лажни интернет-платформи за тргување, кои криминални групи ги користеле за да им ги земаат парите на граѓаните.

Посебно важно за Македонија е тоа што истражителите идентификуваа осомничени клиенти на оваа компанија кои воделе измамнички кол-центри во Македонија, Албанија и Косово. Преку тие центри операторите контактирале граѓани и ги убедувале да вложуваат во криптовалути, девизи и акции, ветувајќи им брза и висока заработка.

Шемата обично започнувала со реклами на интернет што ги насочувале луѓето кон навидум сериозни платформи за инвестирање.

Личните податоци на заинтересираните потоа биле продавани на криминалните групи што ги воделе кол-центрите. Жртвите најпрво биле наведувани да вложат помали суми. На нивните профили потоа се појавувале фиктивни добивки, со што се создавал впечаток дека сè оди добро.

Потоа лажните брокери ги убедувале да вложуваат сè поголеми износи. Кога ќе побарале да ги повлечат парите, почнувале одложувања и изговори, а потоа комуникацијата целосно прекинувала.

Европол проценува дека штетата од овие измами надминува четири милиони евра. Во последната акција беа извршени претреси на 17 локации, при што беа запленети сервери, други докази и имот. Седуммина осомничени беа уапсени со цел да бидат екстрадирани во Германија.

Истрагата ја води Јавното обвинителство во германскиот град Ицехое. Таа започнала уште во 2022 година, откако брачен пар од Германија пријавил дека не може да ги повлече парите вложени преку една интернет-платформа.

Европол засега не објавува колку кол-центри биле откриени во Македонија, каде се наоѓале, дали меѓу уапсените има македонски државјани и дали биле вршени претреси на македонска територија.

Потврдено е, сепак, дека македонските органи биле вклучени во истрагата и дека се откриени сомнителни врски со оператори на измамнички кол-центри во земјава.

Најнови вести од: Македонија

Илија Андовски привремен администратор на „Алта банка“ АД Битола

Тројца вработени во Народната банка – Илија Андовски, Весна Стојчевска и Марија Тодоровска, се именувани за администратори во „Алта банка“ АД Битола, со што управувањето со банката преминува во рацете на централната банка. Андовски е посебно овластен да ги потпишува одлуките што ќе се носат во периодот на привремената администрација.

Средба на Сиљановска-Давкова со Копман од ЕК: Потребно е забрзување на евроинтеграцијата во услови на блокади

Претседателката на Република Македонија Гордана Сиљановска-Давкова во рамки на работната посета на Брисел денеска оствари средба со Герт Јан Копман, генерален директор на Генералниот директорат за проширување и источно соседство (DG ENEST) на Европската комисија.

Мицкоски – Вуст: Македонија и Северна Рајна-Вестфалија ќе ја продлабочуваат економската соработка, можности за нови инвестиции

Продлабочување на економската соработка, привлекување нови инвестиции и унапредување на партнерството меѓу Македонија и германската сојузна покраина Северна Рајна-Вестфалија биле во средиштето на вниманието на работната средба на премиерот Христијан Мицкоски со премиерот на оваа германска покраина Хендрик Вуст.

(Фото): Турција ги претстави вратените 100 бесценети културни артефакти од САД

Враќањето на овие артефакти отвора нови можности за научни истражувања. Археолошките ископувања во Бубон, обновени во 2023 година, продолжуваат под координација на Археолошкиот музеј во Бурдур, со учество на турски археолози.

To top