Македонија

Се шират лажни вести за сместувањето во студентските домови, сè е регуларно, рече Јаневска

Транспарентно се објавени ранг-листите за сместувањето во студентските домови и за тие што се примени и за тие кои не ги исполниле условите, тврди министерката Јаневска откако партијата „Левица“ обвини дека се кријат бодовите. Јаневска ги проверила овие информации и е децидна дека тие кои ги нема на списоците, не ги исполнувале условите.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска ги отфрли обвинувањата дека Министерството ги крие бодовите и резултатите за приемот во студентските домови. Тврди дека сите приеми на студенти во сместувачките капацитети се реализираат по регуларен пат, а оние што се одбиени, вели, не ги исполнувале условите. Според министерката, критериумите се јавно објавени во огласот и кандидатите се запознаени со условите за прием.

Во студентските домови веќе почнаа да се вселуваат студентите, а процесот се одвива без проблем. Директорот на студентските домови, Александар Каровски, вели дека приемот се спроведува според листата која е објавена на страната на Министерството за образование. За неколку месеци треба да биде пуштен во употреба и реновираниот студентски дом „Кузман Јосифовски Питу“. Таму ќе бидат сместени 280 студенти.

На овој конкурс примени се 1.695 студенти, а 20 проценти се чуваат за бруцошите кои во моментов аплицираат за сместување.

Најнови вести од: Македонија

To top