Руско-украинскиот конфликт, заострените американско-кубански односи, Фидел Кастро и Доналд Трамп, потоа виртуелната министерка на Албанија, се појавија пред цела маса народ на карневалот во Вевчани. Сепак, највпечатливите маски на годинешната отворена сцена беше кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски со изборната песна во позадина, доказ дека политичките пораки најдолго живеат како карневалска шега. Илјадници вевчанци од Горна и Долна Маала ги исмејуваа негативните општествени појави, но и актуелните политички случувања кај нас и во светот.
Вевчанци го дочекаа мигот за да дадат свое видување, а гостите, како и домашните политичари кои дојдоа на маскенбалот, преку маските можеа да препознаат многу настани што оставија печат во годината што е зад нас. Меѓу нив беше и премиерот Христијан Мицкоски. Домаќинот, вевчанскиот градоначалник, го прашавме како ќе реагира доколку неговиот лик се најде меѓу маскираните, како оној на Максим Димитриевски.
„Како би реагирал, би примил нормално. Ако има – ќе има, што сум правел, ако сум згрешил нешто ќе го видите и тоа. Ќерка ми се маскира, па не знам, излегоа од дома, имаа нешто на нив, одат во друга куќа, таму се дотеруваат. Интересно е искуството кога дома имате василичар кој се подготвува. Интересно е, бидејќи јас кажав дека не се маскирам, никогаш сум се маскирал, меѓутоа децата мои се маскираат“, вели Спасе Кочовски – градоначалник на Вевчани.
Никогаш никој не ги знае маските, освен оние што се маскираат, ниту најблиските роднини не ги знаат – во тоа е и убавината на Вевчанскиот карневал, вели градоначалникот на Вевчани. На маскенбалот уживаат бројни домашни и странски гости, кои се напија и по некоја чашка греена ракија. За некои, карневалот е вистинско откритие. Годинава Вевчани го има можеби и најмалиот василичар откако постои карневалот.
„Јас мислам дека нема помлад, а плус тоа е женско, а женските се понов елемент во самата карневалска веселба. Малата се вика Ана и има само три месеци“, вели Анастас Ќушкоски – хроничар.
Постарите вевчанци кажуваат дека порано само мажите ставале маски, додека жените, засолнети зад прозорците, љубопитно набљудувале. Вечерва василичарите ќе ги посетат сите домови на вевчанци, славејќи го големиот Свети Василиј. Откако постои Вевчани, оттогаш постои и карневалот. Се маскираат 40 проценти од населението, а карневалот трае цели 48 часа. Со топла ракија и греано вино лесно се издржува, велат вевчанци. Карневалот завршува утре со василичарски ора и палење на маските.