Регион

ЕУ одобри отворање на последното преговарачко поглавје со Албанија

„Албанија не запира“, се пофали премиерот Еди Рама на социјалните мрежи

Европската унија ѝ даде на Албанија зелено светло за отворање на последното поглавје од преговорите, кое ги вклучува земјоделството и кохезијата, објави премиерот Еди Рама.

Владата ќе ја подготви својата преговарачка позиција и ќе му ја презентира на данското претседателство со ЕУ.

„Албанија не запира – Денес, на 23 јули 2025 година, по континуираниот и динамичен напредок на Албанија на патот на пристапните преговори со Европската унија, Комитетот на постојани претставници на земјите-членки на Европската унија го овласти данското претседателство да ја покани Албанија да ја презентира својата преговарачка позиција за преговорите поврзани со поглавјата што го сочинуваат Поглавје 5 од Групата ‘Ресурси, земјоделство и кохезија’“, напиша Рама на социјалните мрежи.

Реагираше и претседателката на албанскиот парламент, Елиса Спиропали.

„Парламентот ќе продолжи максимално да ја поддржува презентацијата на преговарачката позиција и напорите, придонесите и инвестициите за одржлив рурален развој, модернизацијата на земјоделството и социјалната и територијалната кохезија на Албанија“, напиша Спиропали на социјалните мрежи.

Исто така, додава таа, Парламентот ќе ја интензивира парламентарната дипломатија „за да ја постигнеме нашата национална цел за Албанија 2030 во ЕУ“.

Албанија доби статус на кандидат во јуни 2014 година, почна преговори за пристапување во ЕУ во 2022 година, а очекува да го заврши преговарачкиот процес до 2027 година.

Најнови вести од: Регион

Словенија се откажува од „деветолетката“, по лошите податоци од ПИСА

Дури 40 проценти од учениците наведуваат дека нивните врсници на часовите не ги слушаат наставниците, 22 проценти истакнуваат дека дигиталните уреди зачестено ги попречуваат во следењето на наставата, додека 48 проценти од учениците користат алатки за вештачка интелигенција за изработка на училишните задачи.

„Корча плус“: Општина Пустец заборавена и во беда, жителите бараат конкретни инвестиции!

Жителите на Пустец со години чекаат подобра инфраструктура. Иако Преспа има огромен природен и туристички потенцијал, состојбата со патиштата и понатаму останува еден од најголемите проблеми за локалното население, објави албанскиот медиум „Корча плус“, пренесува весникот „Илинден”.

Шефовите на ЕУ со осуда за Србија за погребот на воениот злосторник Младиќ на кој присуствуваа и државници

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, денеска остро реагираа на присуството на високи српски функционери и елементите на официјална поддршка на погребот на осудениот воен злосторник Ратко Младиќ во Белград.

To top