Бранителот на титулата Аргентина се врати од целосно загубена позиција против Египет, кој водеше со 2:0 до 79. минута, пред „гаучосите“ со три гола во преостанатото време да стигнат до пресврт и пласман во четвртфиналето на Светското фудбалско првенство во САД, Мексико и Канада.
Египќаните во своето прво мундијалско осминафинале поведоа преку Јасер Ибрахим во 15. минута, а Мустафа Зико зголеми во 67. минута.
При 1:0 за африканскиот тим голманот Мостафа Шобеир му одбрани пенал на Лионел Меси во 21. минута, а во 58. минута по сугестија од ВАР судијата Франсоа Летексие од Франција го поништи голот на Зико поради прекршок пред египетскиот гол во зачетокот на контранападот.
И кога многумина очекуваа сензационална елиминација на Аргентинците, на сцена стапи Меси, прво со асистенција за голот на Кристијан Ромеро во 79. минута, а четири минути подоцна израмни со ефектен погодок откако неговиот удар се одби (п)од пречката. Со 9 гола Меси се издвои на врвот на листата на стрелците, побегнувајќи им на Килијан Мбапе и на Ерлинг Халанд, кои имаат по 8.
Конечно, во втората минута од судиското продолжение, противнападот два на два и нафрлувањето од Лаутаро Мартинез во гол со глава го претвори Енцо Фернандез за огромна радост на аргентинските навивачи на трибините во Атланта.
Противник на светскиот шампион во четвртфиналето ќе му биде победникот од последниот осминафинален дуел меѓу Швајцарија и Колумбија, закажан за вечерва од 22 часот.
Спектаклот во Атланта на линкот.