Ракометарите на Еурофарм Пелистер ја прекинаа низата на Вардар од 15 победи, совладувајќи го со 28:23 пред своите навивачи во Битола во дербито на 16. коло од македонската Суперлига.
„Црвено-црните“ подобро го отворија натпреварот, водеа со 7:4 и со 10:8, но тогаш на сцена стапи голманот Сеид Хајдарирад, кој ја спушти „ролетната“ на својот гол во период од десет минути и му овозможи на шампионот со серија од пет гола да го сврти резултатот во своја полза и да замине на паузата со 13:10.
Во второто полувреме пелистерци стигнаа и до максимални 21:15 и повторно на крилјата на Иранецот со романски пасош на голот до крајот не му дозволија на двократниот европски првак и лидер во првенството да им го загрози триумфот со кој му се доближија само на два бода на табелата.
Хајдарирад со 12 одбрани беше најдобриот поединец во победничката екипа, за која десното крило Богдан Радивоевиќ постигна 9 гола, а кружниот напаѓач Жарко Пешевски и бекот и капитен Горан Кузмановски по 5, колку што запиша и Дмигтро Хориха во поразениот тим.
Вардар води со 30 бода, пред Еурофарм Пелистер со 28, а за врвот претендираат и Охрид, и Алкалоид со по 25.