
Ракометарите на Алкалоид го добија пехарот што го освоија во Европскиот куп на ЕХФ минатата сезона со победата над грчки АЕК од 29:25 во првиот натпревар во Атина, а реваншот во Скопје не се одигра бидејќи гостите, иако беа во салата „Борис Трајковски“, не излегоа на теренот во предвиденото време.
На освојувачот на Купот на Македонија пехарот му го врачи претседателот на Натпреварувачката комисија на ЕХФ и член на Извршниот комитет, Божидар Ѓурковиќ, пред вечерашниот реванш со Хановер во квалификациите за Европската лига.
Алкалоид е третиот македонски тим со трофеј во европските купови по ракометарките на Кометал Ѓорче Петров и ракометарите на Вардар (два пати) во Лигата на шампионите.
За клубот од скопска Автокоманда ова е трет трофеј во четиригодишното постоење по тие во македонските Куп и Суперкуп.