Спорт

Македонија ја декласира Грција на Медитеранското првенство во ракомет

Македонските кадети славеа над јужниот сосед со 28:20 во четвртото коло од шампионатот во Словачка

Машката кадетска ракометна репрезентација на Македонија славеше уверлив триумф од 28:20 над Грција во четвртото коло од 22. Медитеранско првенство што се одржува од 12 до 19 април во Шаморин, Словачка.

На шампионатот на кој се игра во три третини од по 15 минути, при што се добива по еден бод за победа во секоја третина или половина бод за нерешено, како и уште два бода за севкупен триумф во мечот, „црвено-жолтите“ освоија три бода, откако во првите два периода беше 9:9, а последниот избраниците на селекторот Горан Кузманоски го добија со 10:2.

Стефан Ѓорѓиевски со 7 гола беше најефикасен играч на средбата, Трајче Костов постигна 5, Лука Јовиќ 4, Јован Симоновски 3 итн.

Во другиот меч одигран денеска Македонија загуби со 24:17 од Шпанија, која првите две третини ги доби со 9:4 и 8:6, а во последната беше 7:7.

Токму Шпанците водат во групата А со 14,5 поени од три одиграни натпревари, пред Египет со 13 (3), а Македонија е трета со 10,5 (4). Следуваат Романија со 9 (2), Црна Гора со 1,5 (2), Грција со 1 (3) и Косово со 0,5 (3).

Утре македонските кадети се слободни, в четврток од 16 часот ги очекува дуелот со Косово и в петок од 9 ч. со Романија.

 

Најнови вести од: Спорт

To top