Дени Мусовски, Себастијан Ерера Кардона и Имран Фетаи се нови имиња на списокот на селекторот Гоце Седлоски што заедно со него ќе дебитираат за Македонија против Данска на 26 март во Копенхаген во полуфиналето од баражот за Светското првенство 2026 во САД, Канада и Мексико.
Триесетгодишниот напаѓач на Сиетл од американската МЛС-лига, Мусовски, неодамна беше во родната земја на неговите родители и ги комплетира македонските документи, со што доби право да игра за Македонија.
Левиот бек Ерера е 31-годишен Колумбиец, капитен на Борац од Бања Лука, а македонско државјанство стекна врз основа на петте сезони поминати во дресот на Работнички од 2015 до 2020 година.
Дефанзивецот Фетаи (23) од Шкендија местото меѓу „црвено-жолтите“ го заслужи со настапите во дресот на тетовци во европските купови сезонава.
Бобан Николов од Вардар, Егзон Бејтулаи од косовска Дрита и Љупчо Дориев од узбекистанска Согдијана се повратници во националниот тим.
„Баражот против Данска за пласман на Светско првенство е натпревар кој носи голема тежина, но и огромен мотив за сите нас. Времето за подготовка е многу кратко, нецели два дена. Токму затоа, го задржавме костурот на тимот кој настапуваше во претходниот квалификациски циклус. Тоа е група фудбалери кои добро се познаваат, имаат изградено хемија и веќе знаат што значи да се игра ваков натпревар. Секако, направивме и одредени освежувања таму каде што сметавме дека е потребно. На списокот има тројца дебитанти, Фетаи, Ерера и Мусовски. Веруваме дека со формата и квалитетот што го покажуваат заслужија шанса и дека можат да донесат дополнителна енергија во тимот. Во составот се враќаат и Дориев, Николов и Бејтулаи, фудбалери кои добро го познаваат системот и атмосферата во репрезентацијата и кои во минатото знаеле да дадат важен придонес“, вели Седлоски во изјавата за вебстраницата на Фудбалската федерација на Македонија.
„Свесни сме дека Данска е топ репрезентација и дека ја има улогата на фаворит, особено затоа што натпреварот се игра во Копенхаген, но, ние имаме јасна идеја, голема мотивација и верба во фудбалерите. Наш фокус е исклучиво на тоа како ние ќе изгледаме на теренот и како ќе одговориме на предизвикот“, додава првиот со 100 настапи за македонската репрезентација.