Фудбалерите на Силекс славеа со 1:0 против Шкендија во финалето на 33. Куп на Македонија во Скопје, што им го донесе четвртиот пехар во ова натпреварување и пласман во елиминациите за Конференциската лига на УЕФА.
До првиот трофеј во Купот по четири години кратовци дојдоа со голот на босанскиот напаѓач Ади Алиќ во 71. минута од натпреварот на Националната арена „Тодор Проески“.
Со четвртиот трофеј од своето шесто финале, Силекс се израмни со Работнички на третото место на вечната листа во македонскиот Куп, а пред нив е само Вардар со шест.
Шкендија по губењето на шампионската титула од Вардар останува без трофеј во најуспешната сезона на една екипа од Македонија во еврокуповите, но како вицешампион повторно ќе игра во Конференциската лига, кадешто стигна до елиминациската фаза.