Ракометарите на Вардар остануваат единствени со максимални 22 бода откако во дербито на 11. коло од македонската Суперлига му го нанесоа првиот пораз на Алкалоид, совладувајќи го со 34:28.
Првото полувреме заврши нерешено 17:17, а резултатската нишалка заврши по 22:21 за „црвено-црните“, кои од тој момент почнаа да создаваат и да ја зголемуваат предноста, која десет минути пред крајот достигна седум гола.
Дмитро Хориха кај Вардар и Мартин Серафимов кај Алкалоид беа најефикасни на средбата со по девет погодоци, а клучен придонес за победата на двократниот европски шампион даде голманот Васил Гогов со своите осум успешни интервенции.
По 11 кола веднаш зад вардарци е првакот Еурофарм Пелистер со 19 бода, Алкалоид е трет со 18, а кругот на претенденти за титулата засега го затвора Охрид со 17.