Свет

„Политико“: ЕУ размислува за прием на нови членки без целосно право на глас

Идејата е новопримените членки да немаат право на вето додека не се воведе гласање со квалификувано мнозинство

Нови земји би можеле да се присоединат кон Европската унија без целосни права да гласаат, што би можело да придонесе лидери како унгарскиот премиер Виктор Орбан да бидат поотворени за идејата Украина да стане дел од блокот, пишува „Политико“.

Предлогот за промена на правилата за членство во ЕУ е во рана фаза на разгледување и ќе треба да биде одобрен од сите сегашни земји-членки, забележува „Политико“, цитирајќи тројца европски дипломати и официјално лице на ЕУ запознаено со дискусиите. Идејата е новите членки да добијат целосни права откако ЕУ ќе го преразгледа својот начин на функционирање за да им се отежне на одделни земји да ставаат вето врз политиките на Унијата.

Тоа е најновиот обид на проевропските влади да го оживеат процесот на проширување, кој во моментов е блокиран од Будимпешта и од неколку други главни градови поради стравувања дека тој може да доведе до несакана конкуренција на локалните пазари или да ја компромитира безбедноста. Европската комисија, скандинавските и балтичките држави, како и змејите од Централна Европа, традиционално се благонаклонети кон проширувањето.

ЕУ го претвори проширувањето во стратегиски приоритет на фонот на експанзионистичката програма на рускиот претседатл Владимир Путин, но и покрај напорите за зголемување на бројот на членките од сегашните 27 на 30 во текот на следната деценија ги откриваат внатрешните поделби во Унијата.

„Идните членки треба да бидат задолжени да се откажат од своето право на вето додека не бидат спроведени клучни институционални реформи, како што е воведувањето квалификувано мнозинство при гласањето во повеќето области на политиката“, изјави Антон Хофрајтер, претседател на Комисијата за европски прашање на германскиот Бундестаг. „Проширувањето не треба да биде забавувано од одделни држави-членки на ЕУ, кои ги блокираат реформите“.

Иницијативата ќе им овозможи на земјите што во моментов се на патот кон членство, како Украина, Молдавија и Црна Гора, да користат многу од предностите на членството во ЕУ, но без право на вето – нешто што владите на ЕУ секогаш го ценеле како најдоброто средство за осуетување на политиките на ЕУ што не им се допаѓаат.

Идејата зад предлогот – кој неофицијално се разгледува меѓу земјите од ЕУ и Комисијата, според истите дипломати и официјални лица – е дека примањето нови земји, кои немаат право на вето барем во почетокот на нивното членство, ќе им дозволи да се присоединат при пофлексибилни услови, без да се наложува преразгледување на основните договори на ЕУ, кое неколку влади го сметаат за невозможно.

Пред ова лидерите на ЕУ инсистираа дека таквата преработка е неопходна пред блокот да може да прими нови членки како Украина, потцртувајќи го ризикот од зголемување на блокираните ситуации во Брисел. Обидите да се надмине правото на вето и за сегашните членки на ЕУ, меѓутоа, наидоа на силен отпор не само од Унгарија, туку и од Франција и од Холандија.

Планот за присоединување нови членки без целосно право на глас би „гарантирал дека ќе останеме способни да дејствуваме дури и во проширена ЕУ“, изјави Хофрајтер. „Од дискусиите со претставници на државите од Западен Балкан добивам јасни сигнали дека овој пристап се смета за конструктивен и одржлив“.

Барањето нови членки да не бидат примени додека ЕУ не си го реформира начинот на функционирање ризикува да доведе до „забавување на проширувањето преку задната врата“, рече тој.

Притисокот се совпаѓа со зголеменото незадоволство во земјите-кандидатки од Источна Европа и Западен Балкан, кои спровеле длабоки внатрешни реформи, но години по своето кандидирање не се поблиску до членството. Во случајот со Црна Гора преговорите за зачленување во ЕУ почнаа во 2012 година.

„Последната земја која влезе во ЕУ беше Хрватска пред повеќе од 10 години, а во меѓувреме Обединетото Кралство зја напушти“, изјави црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ во интервју за „Политико“. „Затоа сметам дека сега е моментот да се оживее процесот, а исто така и да се оживее малку идејата за ЕУ како клуб сè уште има привлечна сила“.

Претходно овој месец земјите од ЕУ го отфрлија обидот на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, да продолжи со проширувањето, додава „Политико“.

Лидерите на земјите од Западен Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија – ќе се сретнат со европските лидери в среда во Лондон на средбата на врвот во рамките на иницијативата „Берлински процес“, фокусирана врз забрзувањето на интеграцијата меѓу овие нации како увертира на проширувањето на ЕУ.

 

 

 

Најнови вести од: Свет

Нов удар на Трамп врз Брисел: се зголемуваат за 25 отсто царините за автомобили и камиони од ЕУ

Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека неговата влада ќе ги зголеми царините за автомобили и камиони од Европската Унија на 25 проценти уште од следната недела. Тој го обвини Брисел дека не го почитува претходно договорениот трговски договор. Овој најнов потег би можел да ги заостри уште повеќе трговските односи меѓу Соединетите Американски Држави и ЕУ, особено во автомобилскиот сектор.

Бардела, можниот кандидат за претседателските избори во Франција во 2027, најави отстранување на знамето на ЕУ од Елисејската палата, ако победи!

„Французите поседуваат вековна сила, способна да го разгори нивниот пламен како народ кога сè изгледа дека тој пламен бледнее. Сега реалноста во Франција е горчлива: по десет години макронизам, нашата земја страда од невидено индустриско и земјоделско распаѓање. “ – порачаа Жордан Бардела и Мари Лепен, лидери на партијата Национално собирање на Франција, на вчерашниот митинг одржан во Париз. Инаку, на 30 април, еден ден пред митингот, Жордан Бардела отворено најави отстранување на знамето на ЕУ од претседателската Елисејска палата и од премиерската резиденција Матињон, ако победи на претседателските избори во 2027 година. Во својата изјава Бардела нагласи дека „Елисејската палата не е обична зграда, туку место со силно историско и симболично значење“. Како што рече, „тоа е дом на францускиот народ“ и „токму затоа верува дека таму треба да се истакнува само француското знаме“. Во меѓувреме, на крајот на годинашниов март, неколку градоначалници од редовите на Националното собирање, избрани на општински избори, веќе ги отстранија знамињата на Европската Унија од своите општински сали.

Хаос на аеродромите и на границите на ЕУ, откако се воведе ЕЕС-системот, пропуштени летови, нервозни патници, кои се онесвестуваат, чекајќи со часови!

Воведувањето на системот за влез/излез (EES) предизвикува чекање со часови, пропуштени летови и нервозни патници низ цела Европа. Воведувањето на новиот систем за влез/излез (EES), кој се спроведува во повеќето земји од ЕУ, предизвика сериозни проблеми на аеродромите и граничните премини низ цела Европа.

Индиецот го ископал од гробот и го донел скелетот на починатата сестра во банката, за да може да ја подигне нејзината заштеда! (Видео)

Маж од Источна Индија тврди дека бил принуден да го однесе скелетот на неговата сестра во банка за да ја докаже нејзината смрт откако не успеал да ги повлече нејзините заштеди. Видео од државата Одиша, на кое 52-годишниот Џиту Мунданоси носи скелет во банка, стана вирално и предизвика јавен бес. Тој тврди дека го направил тоа од фрустрација бидејќи не можел да пристапи до парите, бидејќи немал официјален доказ за смрт.

To top