Свет

После долго време телефонски разговор Макрон-Путин

Во Париз, кабинетот на Макрон соопшти дека разговорот траел 2 часа

Рускиот претседател Владимир Путин имал „суштински“ телефонски разговор со францускиот претседател Емануел Макрон за конфликтот меѓу Иран и Израел, како и за Украина, соопшти Кремљ во вторникот – прв ваков контакт меѓу двајцата лидери од септември 2022 година, објави Ројтерс.

Во Париз, кабинетот на Макрон соопшти дека разговорот траел 2 часа, при што францускиот претседател повикал на прекин на огнот во Украина и на почеток на преговори за ставање крај на конфликтот.

Француски дипломатски извор изјавил дека Макрон разговарал со украинскиот претседател Володимир Зеленски пред и по разговорот со Путин, за да го информира за текот на комуникацијата. Макрон разговарал и со американскиот претседател Доналд Трамп за исходот од разговорот.

Според соопштението од прес-службата на Кремљ, Путин истакнал дека е неопходно да се почитува правото на Иран на мирољубив развој на нуклеарната енергија, како и неговата постојана усогласеност со обврските според Договорот за неширење на нуклеарно оружје.

Кабинетот на Макрон соопшти дека претседателот ја нагласил сериозноста на иранската нуклеарна закана, што, според него, ја оправдува вклученоста на сите 5 постојани членки на Советот за безбедност на ОН. Тој, исто така, инсистирал Иран целосно да соработува со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).

Иранскиот парламент минатиот месец усвои закон за суспендирање на соработката со МААЕ, откако Израел и САД ги бомбардираа иранските нуклеарни постројки со цел да го спречат Техеран да дојде до нуклеарно оружје. Иран негира дека има такви намери.

„Макрон ја изрази својата решителност да бара дипломатско решение кое ќе доведе до трајно и ригорозно решавање на нуклеарното прашање, иранските проектили и на улогата на Иран во регионот“, соопшти неговиот кабинет, додавајќи дека двајцата лидери се договориле да ги координираат своите напори.

Франција и Русија се постојани членки на Советот за безбедност на ОН.

Во врска со Украина, Путин му го повторил на Макрон ставот дека војната е „директна последица од политиката на Западот“, кој, според него, „ги игнорирал безбедносните интереси на Русија“ во изминатите години.

Секој можен мировен договор меѓу Русија и Украина, според Кремљ, треба да има „сеопфатен и долгорочен карактер“ и да се базира врз „новите територијални реалности“. Путин и претходно изјави дека Украина мора да ја прифати анексијата на делови од нејзината територија како дел од секој мировен договор.

Макрон, пак, останува на ставот дека само Украина треба да одлучи дали ќе прифати територијални отстапки.

Во текот на вчерашниот разговор, францускиот кабинет соопшти дека „претседателот ја нагласил непоколебливата поддршка на Франција за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“.

Макрон и Путин планираат да ги продолжат разговорите за Украина и за Иран, се вели во соопштението на Елисејската палата.

Макрон и Путин одржуваа редовни разговори во почетокот на руската инвазија врз Украина, што беше критикувано од некои европски сојузници, а Макрон го посети Путин во Русија непосредно пред почетокот на инвазијата во февруари 2022 година.

Инаку, Кремљ соопшти во средата дека токму Франција побарала францускиот претседател Емануел Макрон да оствари телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин, објави Ројтерс.

Најнови вести од: Свет

АфД поднесе кривична пријава против Мерц по обвинувањата за „етничко чистење“

Германската партија Алтернатива за Германија (АфД) поднесе кривична пријава против канцеларот Фридрих Мерц, кој во говор во парламентот оваа недела ја обвини антиимиграциската партија дека спроведува политика на „етничко чистење“.

Америка одбележува 25 години од нападот врз кулите близначки

Официјалниот број на загинати изнесува 2.977 лица, не сметајќи ги 19-те киднапери. Жртвите биле државјани на 90 земји. Меѓу загинатите имало 343 пожарникари, како и полицајци и припадници на други служби за итни интервенции

За екоцид ќе се лежи доживотно

За најтешките дела на загадување на животната средина, пропишаната казна се движи од минимум 10 години затвор до долготраен затвор или доживотен затвор – казни што се построги од оние предвидени со релевантната европска директива

Русија изгуби сто пати повеќе војници во Украина отколку во Авганистан

Според податоците објавени од Генералштабот на вооружените сили на Украина на 9 септември, загубите во рускиот воен персонал од почетокот на целосната инвазија врз Украина надминаа 1,5 милиони загинати и ранети

To top