Процентот на Американци кои ја поддржуваат работата на претседателот Доналд Трамп падна на 32 проценти, што е најниско ниво во неговата политичка кариера, според нова анкета на Ројтерс/Ипсос. Четиридневната анкета, спроведена до вчера, покажа дека 73 проценти од републиканците го одобруваат работењето на Трамп, што е намалување во споредба со 82 проценти во анкетата на Ројтерс/Ипсос спроведена една недела претходно. Неговиот вкупен рејтинг на одобрување таа недела беше 35 проценти.
Трамп се врати во Белата куќа во јануари 2025 година со ветувања за ублажување на инфлацијата и прекин на војните во странство. Според анкетата на Ројтерс/Ипсос спроведена неколку часа откако положи заклетва, тој имаше поддршка од 47 проценти. Само 17 проценти од испитаниците во новата анкета го одобриле неговото справување со трошоците за живот, клучно прашање за кое Американците велат дека ќе го одреди начинот на кој ќе гласаат на изборите на средина на мандатот на 3 ноември.
Незадоволството на републиканците од ова прашање расте откако Трамп ја почна агресијата врз Иран во февруари, што значително ги зголеми цените на бензинот и дизелот. Сега, за прв пат, републиканците кои не го одобруваат управувањето со трошоците за живот на Трамп се побројни од оние кои го поддржуваат: 51 процент наспроти 44 проценти.
Анкетата на Ројтерс/Ипсос е спроведена онлајн и собрала 1.277 одговори од возрасни граѓани на Соединетите Американски Држави низ целата земја, со маргина на грешка од три проценти.