Контроверзниот план на Доналд Трамп за увоз на руски дизел во Соединетите Држави, постигнат пред меѓуизборите во САД, се чини дека пропаѓа, откако два танкера што првично се упатиле кон американскиот брег наеднаш го промениле курсот, пренесува „Фајненшел тајмс“ .
„Talisman“ – 20-годишен руски танкер кој е под санкции од САД, Обединетото Кралство и Европската Унија – и „Leruo“ – танкер во сопственост на компанија од Хонгконг, кој плови под знамето на Сиера Леоне и е под санкции од Обединетото Кралство, ЕУ и Канада – повеќе не ја наведуваат американската атлантска крајбрежна зона како своја дестинација.
Во понеделникот, „Leruo“ го промени својот сигнал, наведувајќи го Бразил како нова дестинација, додека „Talisman“ се оддалечи од Атлантскиот Океан и се упати назад кон Средоземното Море, каде што моментално се наоѓа во близина на брегот на Алжир. Бродот сигнализира дека „чека наредби“, што значи дека за неговиот товар сè уште нема потврден купувач или пристаниште за истовар.
Трет танкер што превезува руски дизел – „Agioi Fanendes“, кој е во грчка сопственост – според податоците за поморскиот транспорт сè уште се движи кон САД, но исто така пријавува дека „чека наредби“.
Оваа се случува во момент кога состојбата со снабдувањето со дизел во САД дополнително се влошува. Најновите податоци покажуваат дека залихите паднале под 100 милиони барели – првпат по повеќе од две децении. Недостигот се заканува дополнително да ја оптовари цената на горивото кое претставува витален елемент за американската економија.
