Во Франција е покрената истрага против поранешен висок функционер на Министерството за внатрешни работи, под сомнение дека оддал доверливи информации на десничарската партија на Марин Ле Пен, „Национален собир“. Случајот излезе на виделина само неколку месеци пред претседателските избори.
Според францускиот весник „Ле Монд“, Иг Муту – кој моментално раководи со државната администрација во регионот Центар-Долина на Лоара – е осомничен за оддавање информации поврзани со истраги за финансирањето на политичките кампањи за изборите во 2022 и 2024 година, пренесува „Еуроњуз“.
Министерот за внатрешни работи, Лоран Нуњез, денеска потврди дека е отворена истрага и дека го повикал Муту на сослушување. „Доколку овие факти се потврдат, тие се очигледно многу сериозни“, изјави Нуњез за телевизијата БФМ. Марин Ле Пен засега не го коментираше случајот.
Јавното обвинителство во Париз за агенцијата АП потврди дека истражува дали доверливи информации од тековни истраги биле обелоденети без овластување, како и дали други страни дошле до такви информации и ги искористиле. Од обвинителството наведоа дека, засега, никој не е формално обвинет. Тие додадоа дека истражителите на 9 ноември извршиле претрес во седиштето на „Национален собир“.
Оваа истрага е најновата во низата скандали со кои се соочува партијата на Марин Ле Пен, на помалку од шест месеци пред претседателските избори во Франција.
Во септември, Жордан Бардела – кого Ле Пен го посочи како свој избор за премиер доколку таа победи – беше обвинет за изрекување антисемитски коментари во времето кога бил млад член на партијата. Бардела (31) остро ги демантираше наводите објавени од истражувачкиот портал „Медиапарт“.
И самата Марин Ле Пен (58) се соочува со правни проблеми. Во јули, таа беше осудена на една година домашен притвор со електронски надзор поради проневера. Таа поднесе жалба до највисокиот суд во Франција и верува дека, на крајот, нема да мора да носи уред за следење.
И покрај правните проблеми, Ле Пен води во анкетите пред претседателските избори следната година, на кои ќе се избира наследникот на Емануел Макрон.