Регион

Српскиот ВД претседател и спикер не оди во Брисел

Чупиќ нема да учествува на самитот ЕУ – Западен Балкан во Брисел

Претседателот на Народното собрание на Србија и вршител на должноста претседател на Република Србија, Александар Чупиќ, нема да присуствува на Самитот на Европската унија и Западен Балкан, кој е закажан за среда, 25 ноември, во Брисел.

Ова го соопшти Делегацијата на Европската унија во Србија по средбата што Чупиќ ја имаше со отправникот на работите на Делегацијата, Џулијан Васало. Средбата се одржа во првиот целосен ден од мандатот на Чупиќ, а на неа присуствуваа и претставници на Студентското движење.

Чупиќ изразил жалење што нема да може да учествува на самитот, но притоа нагласил дека новото раководство на Народното собрание и на Србија придава големо значење на соработката со Европската унија. Според соопштението на Делегацијата на ЕУ, тој повторил дека односите со Унијата и напредокот во клучните реформи, особено во областа на владеењето на правото, остануваат меѓу највисоките приоритети.

Поканата за учество на самитот до Чупиќ ја упати претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта. На средбата во Брисел Европската унија ќе ја претставуваат Кошта и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, без учество на лидерите на земјите-членки. На дневен ред се европските интеграции на земјите од регионот, постепената интеграција, безбедносната соработка, геополитичката ситуација, како и дијалогот меѓу Белград и Приштина.

Александар Чупиќ беше избран за претседател на Народното собрание на 19 ноември, по победата на Студентската листа на вонредните парламентарни избори на 25 октомври. Со тоа тој привремено ја презеде и функцијата претседател на Србија.

Претходниот српски претседател Александар Вучиќ во минатото веќе бојкотираше еден од овие самити. Во декември 2024 година тој одби да учествува на средбата во Брисел, незадоволен од одлуката на ЕУ да не го отвори Кластерот 3 во преговорите за пристапување на Србија.

И покрај отсуството од самитот, од Делегацијата на ЕУ во Белград истакнуваат дека средбата со Чупиќ ја потврдила заедничката посветеност на дијалог и на реформи што ќе донесат конкретни придобивки за граѓаните на Србија, во согласност со европските вредности.

Најнови вести од: Регион

Мосад им доставил информации на Грција и Македонија за иранската мрежа, што подготвувала обид за атентат во Грција

Израелската агенција за надворешно разузнавање Мосад им доставила информации на Грција и Македонија за мрежата поврзана со Иран, што наводно подготвувала обид за атентат во Грција, објави израелскиот портал Ynet, повикувајќи се на свои извори.

To top