Колумни

Ќотекот не излегол од рајот – Пишува Роберт Димитриевски

Фраери ли се сега доживотно дисквалификуваниот „фудбалер“ на Шкупи и неговиот притворен татко за насилство на теренот во Штип

Фудбалската кариера на Леарт Абдули заврши уште пред да почне. Фудбалската федерација на Македонија го исклучи од фудбалската организација, најтешка можна санкција што подразбира доживотна дисквалификација на играчот од подмладокот на Шкупи, кој сега може да „клоца“ топка само приватно, но не и во кој било ранг на натпреварување каде и да е во светот. А татко му заврши во притвор и го чека експресно судење и најверојатно затвор за скршениот нос на младиот фудбалер на Брегалница со кој син му се обиде да се пресмета на теренот и за физичкиот напад врз уште едно дете од младинскиот погон на штипјани.

И сега – вредеше ли дивјачкото однесување на двајцата првоосомничени за тешкиот инцидент на игралиштето „Бело брдо“ во Штип? Се исплатеше ли примитивизмот манифестиран пред очите на млади фудбалери и на нивните родители? Испаднаа ли фраери обајцата (и уште неколкумина)? Херои ли се меѓу своите?

Каков пример им дадоа таткото и синот на сите што тренираат фудбал и што сонуваат дека еден убав, сончев ден ќе заиграат на големата сцена? Дека со насилство може да се оствари целта што не се остварила со умешност, со талент и со фудбалски вештини на теренот?

И вооопшто не е важно дали некој е Албанец, Македонец или не знам од која националност. Прво си или не си човек, а потоа доаѓа етничката, верската, социјалната или каква и да е друга припадност.

Тој што е човек во вистинската смисла на зборот, нема да му падне на ум да крене рака на друго дете, па што и да сторило тоа. На тој што е верник бездруго му е јасно дека секоја религија учи за човечност, за емпатија и за помагање секому во неволја и оти никој нема право да му суди на друг, оти тоа право му припаѓа на Бог. Сите припадници на една цивилизирана заедница, пак, знаат дека постои закон и оти тој мора да се почитува, вклучувајќи ги и спортските терени, на кои никој не смее да спроведува правда според сопствена замисла.

Срамните сцени во Штип, за жал, не се ни први, а тешко е да се верува дека ќе останат последни на овие простори. Нереалните амбиции и очекувања на родителите предизвикаа тензии и на крајот од минатата сезона во Детската лига на ФФМ, а безобѕирните постапки на актерите на и вон теренот не еднаш прекинале спортски настани во земјава, со или без национален предзнак, сеедно.

Спортот е огледало на општеството, па сета бедотија на (не)човечкото однесување видено во Штип, за жал, не е ниту изненадувачка, ниту неочекувана. Тоа што го очекува огромното мнозинство нормални граѓани е стриктно почитување и спроведување на законите, за посегањето по здравјето на туѓо дете да му биде последно секому што мисли дека тие не важат за него и оти правдата не може да го стигне.

Ќотекот не е излезен од рајот, колку и да уверуваат скромноумни егземплари на плиткоумно терање по свое.

Најнови вести од: Колумни

Мисирков е интелектуалниот архитект на македонизмот, а „За македонцките работи“ е светилник за македонскиот народ и платформа за неговото битисување (3)

Севкупното дело на Крсте Петков Мисирков е платформа на македонизмот, на македонството. Би се рекло, и повеќе: тоа дело, а особено „За македонцките работи“ е светилник на македонизмот и македонскиот народ

„За македонцките работи“ на Мисирков и денес моќен бедем против сите негирања и напади врз македонскиот идентитет, националната свест и јазикот (2)

Денес, на 26 јули 2026 година се навршуваат 100 години од смртта на Крсте Петков Мисирков – еден од највеликите Македонци во сета национална, јазична и државно-политичка историја на македонскиот народ. Оваа годишнина е пригода за ново навраќање кон врутоците на неговата генијална мисла како набележување на сѐ она, што треба да го чиниме, заради нашиот опстој во сегашниве драматично разбранувани и геополитички вителни мигови во Балканот, Европа и во светот. Идеите и пораките на Мисирков, особено во неговата капитална политичко-јазична студија „За македонцките работи“, се животно важни патокази за претстојниот развој на македонската нација и на македонската држава во полза на сите нејзини граѓани.

Повикот на Мисирков за безгранична љубов кон Македонија и постојано работење за нејзините интереси – најсилно оружје за зачувување на македонскиот идентитет и јазик (1)

Денес, на 26 јули 2026 година се навршуваат 100 години од смртта на Крсте Петков Мисирков – еден од највеликите Македонци во сета национална, јазична и државно-политичка историја на македонскиот народ. Оваа годишнина е пригода за ново навраќање кон врутоците на неговата генијална мисла како набележување на сѐ она, што треба да го чиниме како народ, заради нашиот опстој во сегашниве геополитички вителни и драматично разбранувани мигови во Балканот, Европа и во светот. Идеите и пораките на Мисирков, особено во неговата капитална политичко-јазична студија „За македонцките работи“, се животно важни патокази за опстојот и идниот развој на македонската нација и на македонската држава во полза на сите нејзини граѓани.

To top