„Ла Вангуардија“: Речиси половина од Бугарите се против еврото, иако веќе се воведе!
Бугарија официјално го воведе еврото на 1 јануари 2026 година и стана 21-ва членка на еврозоната, но преминот кон единствената валута се одвива во услови на постојана политичка нестабилност., објави шпанскиот весник „Ла Вангуардија“.
Весникот пишува: Бугарија во моментов нема редовна влада и нема усвоен државен буџет, што дополнително го комплицира процесот на воведување на еврото. Националната валута – левот – ќе остане во оптек ограничен преоден период пред целосно да биде заменета. Ставовите на јавноста остануваат поделени.
Институциите уверуваат дека ќе бидат воведени механизми за контрола и следење, за да се спречи шпекулативно зголемување на цените. Сепак, темата продолжува да предизвикува сериозна јавна и политичка расправа во јавноста. – наведува „Ла Вангуардија“ќ
„Оф њуз“: Бугарија се колеба меѓу надежите и стравовите пред крајот на левот
Околу воведувањето на еврото, јавните ставови во Бугарија остануваат длабоко поделени – меѓу очекувањата за економски придобивки и стравовите од зголемување на цените и губење на финансиската стабилност. Во разговорите со POLITICO, Бугари од различни генерации и професии ги споделуваат своите стравови, надежи и очекувања во врска со воведувањето на еврото. – објави бугарскиот информативен портал „Оф њуз“.
Порталот донесува изворни искажувања на дел од Бугарите во врска со заминувањето на нивната досегашна национална валута левот и воведувањето на еврото.
Антон Теофилов, 73, продавач на пазар во Перник, мал град на 100 км од Софија
Што мислите за влезот на Бугарија во еврозоната?
„Државата треба појасно да им ги објасни работите на збунетите. Ние сме народ, на кој често му треба многу убедување, а сме и поделена нација. Во услови на воведување на еврото треба да се ослободиме од половина од пратениците во парламентот – тие добиваат високи плати и се товар за даночните обврзници, како паразити, без да работат никаква значајна работа.“ – нагласува Теофилов.
Петја Спасова (55) – ортопедски лекар во Софија
Што мислите за влезот на Бугарија во еврозоната?
„Ова многу ме загрижува. Не мислам дека беше вистинско време Бугарија да се приклучи на еврозоната. Прво, земјата е политички многу нестабилна, а самата еврозона се соочува со сериозни проблеми. Како најсиромашна земја-членка на ЕУ, ние нема да бидеме отпорни на овие проблеми. Напротив, тие само ќе ја продлабочат кризата овде. Војната во Украина, растечкиот долг во Германија и Франција… сега ќе ги споделуваме долговите на цела Европа! Го усвојуваме еврото во време кога економиите се под стрес, а тоа ќе доведе до сериозни шокови и повисоки трошоци за живот. Не разбирам зошто Бугарија толку силно се заложи да се приклучи на еврозоната. Не бевме подготвени за тоа.“ – посочува Спасова.
Што мислите дека ќе се промени во вашиот секојдневен живот откако еврото го замени левот?
„Дури и сега, кога одиме во продавница и ќе ја погледнеме цената на лебот или другите основни прехранбени производи, гледаме како цените растат. Се плашам дека многу луѓе ќе живеат во екстремна сиромаштија. Кога луѓето стануваат посиромашни, тие природно почнуваат да трошат помалку. Не сум загрижена за себе, или за моето семејство. Но загрижена сум за луѓето воопшто. Секој ден гледам пациенти, кои не можат ниту да си ги дозволат патните трошоци, за да дојдат во Софија на медицински прегледи.“ – предупредува оваа лекарка.
Дали сте повеќе надежни, или загрижени за економското влијание од транзицијата кон еврото?
„Исклучително сум загрижена. Не сакам повторно да ја доживеам економската криза од 1990-тите, кога Бугарија беше на работ на банкрот. Никому не му е гајле што мислат луѓето. Многу земји одржаа референдуми и одлучија да не се приклучат кон еврозоната. Не верувам дека нашите политичари повеќе можат да направат нешто во овој момент. Не сум ни сигурна дека знаат што треба да се направи.“ – рече Петја Спасова за „Оф њуз“