Бизнис

Државната помош не смее да е товар на јавните финансии, туку инвестиција во одржливиот раст

Во државава недостига централизирање на државната помош, таа се води во разни институции, а тоа го отежнува управувањето со овие пари. Затоа е неопходно брзо да се направи централен регистар за државна помош, со широка палета програми што се нудат и на тој начин не само што ќе се подигне транспарентноста, туку и ќе може подетално да се мерат ефектите од таа помош.

Секој денар од буџетот мора да има економска оправданост и развојна цел. Нашата фискална политика се темели на фискална консолидација и забрзан економски раст. Овие цели не се спротивставени, туку се меѓусебно поврзани – рече министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска. Во обраќањето на панел-дискусијата „Зајакнување на управувањето со државната помош во Западен Балкан: транспарентност, ефективност и усогласување со ЕУ“,  таа рече дека фискалната дисциплина значи намалување на непродуктивните трошоци и насочување на средствата таму каде што ќе создадат најголема додадена вредност. Во таа рамка, додаде, државната помош е инструмент, кој мора да биде внимателно дизајниран, таргетиран и континуирано оценуван.

  • Државната помош не смее да биде товар врз јавните финансии, туку инвестиција во конкурентноста и одржливиот раст. Таа опфаќа разни области и значаен обем на средства. Според податоците на Комисијата за заштита на конкуренцијата, во 2023 година државната помош изнесувала 206 милиони евра или речиси 1,5% од БДП, а во 2024 година достигнала 235,2 милиони евра или 1,52% од БДП. Овие износи ја нагласуваат важноста на овој инструмент, но уште повеќе ја потенцираат потребата од високо ниво на транспарентност и отчетност. Економските показатели покажуваат дека поддршката за инвестиции има позитивни ефекти врз економската активност – рече Димитриеска Кочоска.

Според неа, 5 квартали по ред бележиме стапки на раст од речиси и над 3%, при што во третиот квартал од 2025 година растот достигна 3,8%. Бруто-инвестициите во истиот период пораснаа, како што истакна, за 30,6%, пред сè како резултат на зголемената активност на приватниот сектор.

  • Владата, покрај мерките за државна помош, обезбеди 250 милиони евра поволни средства за поддршка на инвестициски проекти на компаниите, како и дополнителни 250 милиони евра за капитални проекти во општините, со што се поттикнува економската активност и се обезбедува порамномерен регионален развој -рече таа.

Панелот, чија цел е да се укаже на значењето на државната помош, го организира Институтот за економски истражувања и политики Finance Think, а присуствуваат претставници на академската и бизнис-заедницата, претставници на институциите од земјите на Западен Балкан, претседатели и членови на комисии за заштита на конкуренцијата, како и претставници на меѓународни партнери.

Најнови вести од: Бизнис

(Видео): Нови мерки за стабилизирање на цените, се ограничуваат маржите на ѓубривата

Владата ќе ги ограничи маржите на вештачките ѓубрива. Целта е да се спречи растот на цените, да се помогне на земјоделците и да се стабилизира пазарот. Ресорниот министер Цветан Трипуновски информира дека оваа мерка, која содржи две одлуки, ќе се применува до 31-ви мај годинава. Дополнително, владата воведе и обврска за континуирано снабдување на пазарот со вештачки ѓубрива, со цел да се спречат евентуални недостатоци и да се обезбеди редовна достапност.

Живејачката поскапува, платите не стигаат – само за храна месечно одат 26.000 денари

Вредноста на синдикалната минимална кошница за април годинава изнесува 68.797 денари, што е зголемување од 979 денари во однос на март, кога таа изнесуваше 67.818 денари, информираше ССМ. Ако семејството живее во изнајмен стан од 60 квадратни метри, вкупните трошоци за живот за април достигнуваат 84.172 денари. Според ССМ, за периодот од јануари до април 2026 година, вредноста на синдикалната минимална кошница е зголемена за вкупно 3.305 денари, што укажува на континуирано поскапување.

(Фото): Македонија и Светската банка потпишаа договор за експертска поддршка за воведувањето инстант плаќања

Делегацијата на Народната банка во Вашингтон учествува и на тркалезна маса со претставниците на Светската банка, Банката на Италија и централните банки на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора, на која се разгледуваат тековните активности и следните чекори за воведување на системот за инстант плаќања заснован на клонот на ТИПС.

Потврдена силна поддршка за независноста на централните банки и засилена внимателност во услови на глобални ризици

Гувернерот Славески ја истакна определбата на Народната банка за водење претпазлива, конзистентна и кредибилна монетарна политика, која е насочена кон одржување на стабилноста на цените и заштита на финансиската стабилност во услови на засилена глобална волатилност и неизвесност.

ММФ: Народна банка со нови достигнувања во статистиката

Народната банка активно придонесува кон иницијативата на ММФ за проширување на СДДС плус стандардот. Во таа насока, од јануари 2026 година започна редовна дисеминација на дополнителен индикатор, кој се однесува на показателот за нето-отворена девизна позиција во однос на капиталот, на Националната страница за стандардни податоци (NSDP).

To top