Бизнис

Јаневски: Победуваат оние што настапуваат организирано на пазарот, инвестираат и имаат јасна стратегија

Ако не сте со став дека мора да победите, тогаш и ќе изгубите

Организиран настап на пазарот, јасна стратегија за иднината и континуирани инвестиции во примарното производство се клучните предуслови за одржлив раст и конкурентност на винската индустрија во регионот. Ова се клучните пораки од претседателот на Управниот одбор на винарската визба „Тиквеш“, Светозар Јаневски, на годинешното издание на Копаоник бизнис форум, еден од врвните економски настани во регионот со долгогодишна традиција.

Првиот човек на компанијата која е најголем производител на вино во Македонија и еден од водечките во Југоисточна Европа, во разговорот што го водеше со Радојка Николиќ, главна и одговорна уредничка на Magazinabiznis.rs, нагласи дека долгорочните резултати не се случајност, туку се градат преку дисциплина во планирањето, доследност во реализацијата и постојано унапредување на процесите.

„Победуваат оние што настапуваат организирано на пазарот. Ако не сте со став дека мора да победите, тогаш и ќе изгубите. За да го постигнете тоа неопходен е континуитет во развојот и оперативна прецизност, бидејќи, квалитетот на финалниот производ зависи од одлуките што се носат во лозјето, во визбата, и од стандардите што компанијата ги применува од година во година. Континуираното инвестирање и воведувањето на нови иновативни технологии е основа за долгорочен раст. Нашиот успех не е случаен, туку е резултат на организиран настап на пазарот, со јасни цели и мерливи резултати“, порача Јаневски.

Во рамките на панелот се дискутираше и за големата слика на работењето во индустријата на пијалаци, инвестициите во примарното производство и логиката на пазарната конкуренција. Во последните години, на национално ниво, во земјоделството се инвестирани 1,2 милијарди евра.

Осврнувајќи се на сопственото искуство на „Тиквеш“ во унапредувањето на свежината на вината и намалувањето на киселоста, Јаневски потенцираше дека тоа е резултат на повеќегодишна работа, потпирање на учење преку практика, но и изградба на сопствени процеси.

Инаку, Копаоник бизнис форум повеќе од три децении е еден од најрелевантните економски настани во регионот од висок профил. Форумот е платформа за дијалог меѓу носителите на економските политики, бизнис-заедницата и експертската јавност, со фокус на унапредување на економските перформанси, индустрискиот развој, регионалната интеграција и одржливите модели на раст. Годинава, форумот обединува над 1.500 учесници, меѓу кои шефови на држави, премиери и министри, претставници на меѓународни финансиски институции, регулатори, дипломати, научници и компании од регионот и пошироко. На овогодинешното издание на форумот, говорниците имаа можност, преку бројните панели, да дебатираат за повеќе теми од сферата на бизнис и економија, индустриска политика, регионална интеграција, дигитална трансформација и вештачка интелигенција, енергетика, инфраструктура, финансии, ESG и циркуларна економија, образование, здравство, климатски промени и идни модели на економски развој. Претседателот на УО на ВВ „Тиквеш“, Светозар Јаневски, е дел од овој форум, а компанијата е и долгогодишен поддржувач на Копаоник бизнис форум.

Учеството на Јаневски ја потврдува активната улога на „Тиквеш“ во регионалниот економски дијалог и нејзината определба за одржлив и стратешки развој, иновации и градење конкурентна винска индустрија со долгорочна визија. Лидерската позиција на „Тиквеш“ во земјава и регионот е резултат токму на примената на иновации, дигитализација, алатки базирани на вештачка интелигенција и зелена технологија. Винарската визба „Тиквеш“ во континуитет инвестира во воведување напредни практики за производство на грозје и вино, користејќи ја експертизата на врвни реномирани експерти од Франција, Италија и Словенија.

Најнови вести од: Бизнис

По СЕПА, инстант плаќањата се следниот чекор во модернизацијата и регионалното поврзување на платниот систем

Крајната цел е премин од стандардни кон инстант плаќања во денари и евра и интегрирање на домашниот платен систем во поврзан регионален и европски платежен екосистем.

Министерката за финансии најави буџет од 7,2 милијарди евра за 2027

За капитални расходи во 2027 година се предвидени околу 663 милиони евра. Средствата треба да се насочат кон патната и железничката инфраструктура, образованието, енергетиката и комуналните проекти. За пензии се издвојуваат дури 2 милијарди евра.

Од 2027 нова обврска пред патување во Шенген зоната – се воведува системот за одобрување на патување

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во писмо испратено до земјите членки пред октомврискиот состанок на Европскиот совет најавила дека ETIAS се очекува да биде активиран следната година.

HELLENiQ ENERGY инвестира над милијарда евра во обновливи извори и складирање енергија во Романија

HELLENiQ ENERGY ја забрзува својата регионална експанзија со планирани инвестиции од над една милијарда евра во Романија до 2030 година, насочени кон развој на обновливи извори и системи за складирање енергија. Со целно портфолио од 1,3 GW, Романија станува вториот најзначаен пазар за раст на компанијата, по Грција.

Мисијата на ММФ во посета на Народна банка

Посетата е дел активностите на ММФ со земјите членки и претставува можност за размена на мислења и разгледување на состојбите во економијата и финансискиот систем, спроведувањето на економските политики и предизвиците во претстојниот период.

To top