Спорт

Мелсунген преслушан и во Германија, Вардар во четвртфиналето на Европската лига!

Двократниот европски шампион со победата во Касел од 34:25 избори двомеч со подобриот меѓу Флензбург и Скандерборг

Ракометарите на Вардар потсетија на деновите кога двапати ја освојуваа Лигата на шампионите со високата победа над германскиот бундеслигаш Мелсунген од 34:25 во Касел, со која го освоија првото место во групата 3 и изборија директен пласман во четвртфиналето на Европската лига на ЕХФ.

Таму „црвено-црните“ ќе ги одмерат силите со подобриот меѓу бранителот на трофејот Флензбург и Скандерборг.

Гостите од Македонија, кои имаа гласна поддршка од македонските иселеници во Германија на трибините, уште во почетокот на мечот ставија до знаење дека се дојдени по двата бода, поведувајќи со 6:1 по 9 минути игра.

На полувреме беше 17:12 за составот на Иван Чупиќ, а при крајот неговите играчи стигнаа и до максимални девет гола разлика.

Вукашин Воркапиќ со 6/7 и Жоао Педро со 6/8 беа најефикасни во вардаровиот напад, пред Николас Боно со 5/6, а на голот Милош Валах запиша 8 успешни интервенции, а Васил Гогов 3.

 

 

 

Најнови вести од: Спорт

To top