Пишува: Свето Тоевски
Дел од основните елементи на „географијата на незадоволството“ во овие „развојно заборавени“ региони во Грција се и: (1) појава на „оставени сами за себе“ – жителите во таквите погранични области сметаат дека нивните региони немаат иднина, чувствувајќи се игнорирани од централните власти во Атина, што доведува до негодување; (2) сериозен структурен економски пад – долгорочниот застој во традиционалните индустрии (земјоделство, мало производство) и неуспехот да се искористат новите економски трендови ги оставија овие области во „стапица за развој“, што подразбира застој во развојот; (3) чувство на „етничка исклученост“ – жителите на неразвиените региони, западнати во „развојна стапица“, не успеваат да имаат корист од европските „политики за кохезија“ или националните планови за економско закрепнување, што предизвикува и до чувство на „етничка исклученост“ од интегралните грчки државни економско-развојни политики.

Врз основа на концепцијата на професорот Андрес Родригез-Позе, „географијата на незадоволството“ значително се однесува на периферните региони во северна Грција, особено во областите населени со негрчко население, односно и со Македонци.

Овие области функционираат како „места што не се важни“, карактеризирани со структурен пад, висока долгорочна невработеност и чувство на напуштеност од страна на политичките елити и централната влада. Иако растот на националниот бруто-домашен производ на Грција се предвидува да биде околу 1,8 отсто до 2 отсто за 2026 година, овој напредок е просторно нееднаков. До април 2026 година пошироката грчка економија покажува закрепнување, но значајните регионални нееднаквости опстојуваат. Притоа, споменатите погранични региони се соочуваат со акутна невработеност, што ги прави подложни на политичко разочарување.

Недостатокот на поврзаност со економскиот динамизам на големите урбани центри како Атина, или Солун, создава силно чувство на географска маргинализација, што се вклопува во моделот на Родригез-Позе за „географијата на економското незадоволство’. Малите и средни претпријатија како во Кукуш, Драма и Лерин, доживеаја значително преместување, или затворање на бизнисот, поради економската криза и повисокото оданочување во Грција во споредба со соседните земји, засилувајќи го чувството на локалниот економски пад.

Западна Македонија, уште поконкретно Кожани и Лерин, како регион е примарен пример за индустриски пад. Регионот е под силен притисок, поради процесот на декарбонизација и затворањето на рудниците за лигнит, што доведе до трајно губење на платите во индустрискиот сектор без соодветна замена во обновливи извори. Создаден е вакуум во локалната економија, бидејќи сѐ уште не се доволни инвестициите во „зелената енергија“ Иако не е населен само со Македонци, со негрчки малцинства, од овие причини регионот на Западна Македонија е одличен пример и за „стапица за развој“: брзото укинување на производството на лигнит (јаглен) доведува до високи стапки на невработеност (на пр, 19,7 отсто во 2022 година). Брзиот премин од енергетски центар во област во економско-енергетско опаѓање поттикнува длабоко незадоволство и недоверба кон политиката на централната влада.
Од почетокот на 2026 година, и покрај националниот тренд на одредено економско закрепнување, регионалните нееднаквости се изразени: иако Грција има корист од фондовите и инвестициите на ЕУ, „географијата на незадоволство“ опстојува на нејзината „регионална периферија“, вклучително и во регионите со негрчко население, односно и со македонско население. Ова продолжува да го поттикнува незадоволството и фрустрациите кај тоа население. Иако официјалната стапка на невработеност во Грција падна под 9 отсто, во префектурите Лерин и Костур таа останува двоцифрена, особено меѓу младите, што поттикнува дополнителна емиграција. Традиционалната индустрија за крзно во регионот на Костур и натаму страда од долгорочните санкции кон Русија и промената на глобалните трендови, оставајќи го регионот без еден од поважните извори на извозни приходи.

Најновите дискусии на грчките економски експерти (како оние од IOBE, ELIAMEP и водечките универзитетски професори) кои го применуваат концептот на д-р Андрес Родригес Позе за „географијата на незадоволството“ во грчкиот контекст, од која дали „случајно“ на удар е посебно македонското население во Егејска Македонија, во северна Грција, содржат, сумарно, сериозни индикации и предупредувања. Издвојуваме и цитираме дел од тие најважни индикации и предупредувања.
(1) Грчките економски експерти за „развојната стапица“ на периферните региони велат: „Грција во 2026 се соочува со двоен парадокс: додека националниот БДП расте, регионите како Западна Македонија и делови од Централна Грција остануваат ’заглавени во развојна стапица‘. Тие не се доволно сиромашни за масовна кохезиона (финансиска помош) од фондовите на ЕУ, но не се ниту доволно динамични, за да привлечат инвестиции надвор од енергетскиот сектор.
(2) Тие експерти, инаку застапници на концепцијата на професорот Позе, во врска со „местата кои не се важни“ во Грција истакнуваат: „Заедниците во овие подрачја, кои се соочуваат и со одлив, или губење на население, чувствуваат дека ’немаат иднина‘. Тоа поттикнува ‘опасна регионална географија на незадоволство“.
(3) Грчките економски експерти околу територијалната нееднаквост и развојните диспаритети во Грција посочуваат: „Тоа веќе не е само прашање на инфраструктура, туку на ’институционална напуштеност‘ на регионите, кои се судираат со сериозен економски пад во економската активност и во развојот. Ако грчката држава продолжи да инвестира само во Атика и Јужниот Егеј, тогаш ризикуваме запуштање на периферијата.“
(Авторот изнесува во колумната согледувања од сопствена економско-политиколошка анализа, кои не одразуваат ставови на ниедна политичка партија во Република Македонија, ниту на редакцијата на порталот „Експрес“)
(„Нова Македонија“