Колумни

„Не“ за „евроинтегрирање“ ала „бугарски ластик“, ниту за „бугарски чевли“, што водат во „Санстефанска Бугарија“ во 1878!

Наместо ефтини провокации со „севернизирање“ на македонскиот национален идентитет, наместо тврдења дека „македонскиот јазик не постои“, или оти е „расипан западен дијалект на бугарскиот јазик, „научниците“ од Бугарија и нејзините највисоки државни и политички претставници треба да го прочитаат „Македонскиот речник од 16 век“ и да се осведочат во еден од најважните документи за постоењето и самобитноста на македонскиот народ, идентитет и јазик. Тоа е студија на италијанскиот лингвист Ќиро Ѓанели и францускиот славист-македонист Андре Вајан за македонскиот ракопис со 300 изворни македонски народни зборови, забележани во Костурско, во Егејскиот дел на Македонија – четири века  пред да тврди политичка и лажнонаучна Софија дека „македонските зборови се бугарски зборови“, оти „македонскиот јазик е регионална норма“, или „регионален дијалект на бугарскиот јазик“! Од една страна, дел од овие „научници“ си дозволуваат да се впуштаат во неодржливи фалсификати и негирања на јазикот македонски, чии говори во Суха, Висока и Зарово, кај Солун, ја дадоа основата на севкупната словенска писменост и основата на европската цивилизација преку мисионерското дело на браќата-Македонци Кирил и Методиј, македонските и сесловенски просветители. Од друга страна, некои од тие исти „научници“ гордо ги огласуваат на сите ѕвона своите „научни наоди“ дека и „Дракула говорел на чист бугарски јазик“!

Пишува: Свето Тоевски

Бугарскиот археолог Николај Овчаров се огласи со ефтина провокација „зошто северномакедонците се лутат што ги нарекуваат северномакедонци“ преку авторската колумна со ист таков наслов, објавена на 23 мај 2026 година во бугарскиот весник „24 часа“. Овчаров реагираше за демаршот, кој Македонија го упати, поради тоа што бугарското министерство за надворешни работи употреби термин „северномакедонски партнери“. Во колумната Овчаров го „севернизира“ македонскиот национален идентитет и иронизира со позицијата на македонските власти дека Македонците се Македонци и оти елементарното почитување на идентитетот и достоинството на еден народ не може да биде прашање на политика. Кој е Николај Овчаров?

На 1 јули 2025 година тој се огласува во бугарските медиуми, како што нагласува самиот, со „сензационални резултати од бугарската научна експедиција во Монголија“, спроведена минатата година во потрагата по корените на Бугарите. „Главната цел на експедицијата беше да се бараат докази за присуство на шамански практики и други заемки од античките култури во Централна Азија во паганска Бугарија од 7-ми до 9-ти век. Главните теории за потеклото на античките Бугари се турско-алтајската и иранската. Сепак, неодамна се потврди компромисното гледиште дека нашите бугарски претци имале многу посложена етногенеза, во која учествувале голем број народи и култури.“ – ќе изјави Овчаров, нагласувајќи дека ова биле „сензационалните резултати“ од минатогодишната потрага по историските корени и потеклото на денешните Бугари.

Овој исти бугарски научник ќе се огласи во статија со бомбастичен наслов „Дракула говорел чист бугарски јазик!“ на 19 мај 2024 година, додавајќи: „Сите знаат за легендарниот ‘вампир’ Дракула овековечен во романот на Брам Стокер. Но тој херој е историска личност, која живеела во ерата на отоманската инвазија – Принцот од Влашка – Јован Влад Цепеш (1448-1476), зборувал и пишувал на чист бугарски јазик!“

И сега што да се каже за трагикомичните обиди на Овчаров да му ги претставува како „северномакедонски“ идентитетот и потеклото на народот македонски, чие име и името на Македонија во „Новиот завет“ и Библијата се споменуваат 27 пати?! Македонците немаат шамани, ниту врачеви, ниту монголски, ниту турко-алтајски и ирански наслојки во своите историски корени, туку ги имаат, покрај другите,и Кирил и Методиј, македонските и сесловенски просветители-основачите на сесловенската писменост и еден од столбовите на севкупната европска цивилизација… Николај Овчаров, но и на бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова и премиерот Румен Радев, треба да ги имаат предвид вонвременските аргументи и  констатации на францускиот книжевник Анри Барбис и францускиот лингвист Андре Вајан. 

Во 1926 година во статијата „Дали македонското прашање е навистина толку сложено?“ Барбис ќе нагласи за Македонците: „Навистина станува збор за една нација. Нација, која има свој оригинален етнички карактер, свои традиции, свои стремежи, своја единствена и специфична личност.“  

„Словенскиот македонски јазик претставува реалност во таква мера, што во XIX век суштествувал еден македонски литературен јазик, јазик на сосема мала учена литература, но на обилна народна литература.“ – истакнува Вајан во 1938 година во студијата „Проблемот на македонските Словени“ во врска со постоењето и засебноста на македонскиот јазик, исто така и тој со аргументи побивајќи ги сите бугарски и сечии други тврдења дека „македонскиот јазик бил измислен од Тито во 1944/1945 година“. 

Еден од најжестоките аргументи на врвниот француски и европски лингвист Вајан против негаторските тези на Петрова-Чамова и Радев, но и на самата Бугарска академија на науки и уметности, е и „Македонскиот речник од 16 век“, кој го издал заедно со Ќиро Ѓанели, професор на Универзитетот во Рим, Италија.

Ова е научна студија на два врвни европски јазични експерта за оригинален документ-ракопис со речник со повеќе од 300 изворни македонски зборови и фрази, напишан во 16 век од непознат автор, а објавен во 1958 година. Станува збор за еден од најраните ракописи напишани на чисто македонски народен јазик, со содржина собрана од селото Богатско, кое се наоѓа во регионот на Костурскиот округ, во југозападна Македонија, денес во Грција. И што правиме сега?! Македонски зборови во „Македонски речник од 16 век“ – четири века пред да тврди политичка и лажнонаучна Софија дека „македонските зборови се бугарски зборови“, оти „македонскиот јазик е регионална норма, регионален дијалект на бугарскиот јазик“!

Во овој контекст има исклучително значење промената на геополитичката парадигма на Соединетите Американски Држави, со оглед дека во извештај до Конгресот Стејт департментот најави нов пристап кон Западниот Балкан. „Соединетите Американски Држави ја напуштаат политиката на градење држави и интервенционизам во Западниот Балкан. Ерата на градење нации, предводена од САД, помина. Американската администрација е насочена кон зајакнување на локалните актери самите да ги решаваат сопствените предизвици.“ – се нагласува во тој извештај. Штом светската велесила САД предупредува дека поминала „ерата на градење нации“ и на „политиката на градење држави“, сеедно од кого спроведувано, зарем останува простор да ѝ се дозволува на политичка Софија да гради „северномакедонска нација“, во пакет со другите „добри соседи“, да ја спроведува својата политика на градење и „на втората бугарска држава“ врз темелите на македонската држава?!

Американците умно и нам ни препорачуваат „локалните актери самите да ги решаваат сопствените предизвици“. Тоа е моќен геополитички сигнал од највисоко светско рамниште да започнеме и ние самите офанзивно да ја ставаме на преден план во меѓународни рамки својата македонска парадигма. Најпрвин наспрема Европската унија. Ако сакаат да нѐ примат во своите редови, нека го сторат тоа со нас само како Македонци, не како „северномакедонци“, или како „благонадежни Б’лгари“. Не смееме да дозволиме македонската евроинтеграција, или проширувањето на ЕУ, за нас да се претвори во „европско растегнување бугарски ластик“! Кога би ги вметнале, условно, „државотворните Бугари“ во Уставот и откако ќе започнат преговорите, тогаш „ќе се растегне бугарскиот ластик“. Арно ама, ако не го прифатиме второто следно барање и откако ќе го одбиеме, на пример дека јазикот ни е „расипан западнобугарски дијалект“, оп, веднаш „бугарскиот евроинтеграциски ластик“ ќе се стегне. И пак на почеток. За вакво „бугарски ластик-проширување“ на ЕУ со нас, за мајтапења со нас како народ и држава – НЕ!

Во својата научна статија за политичките случувања во Бугарија по победата на Румен Радев, објавена на 17 мај 2026 година, д-р Мартин Маринос, американскиот професор по медиумски студии од Пенсилванискиот универзитет и политички експерт за Источна Европа, ќе ги означи од свои причини Бугарите како една од „периферните нации“. „Секако, како и многу други периферни нации, Бугарите се остро свесни за својата позиција во рамките на меѓународниот поредок.“ – ќе напише Маринос. За нас Бугарите не се  „периферна нација“. Но, ако некој во светски интелектуални и експертски кругови вака вели за нашите источни соседи, што, пак, тогаш би испаднале ние, ако би дозволиле по уставните измени да нѐ измесат од „бугарското тесто“ во копија на „периферна нација?! Не „периферна“, не „северномакедонска“, туку би се престориле и конечно, согласно со многуте нечии посакувања, во „магла-нација“, непостојна! Затоа е потребно јакнење и засилено меѓународно позиционирање на македонската национална парадигма.

Познатиот американски новинар, политички сатиричар и писател П. Џ. О’Рурк во неговата книга од 1994 година „Дајте ѝ шанса на војната“ сатирично ја опишува пропаста на комунизмот и Студената војна, нагласувајќи дека Источниот блок не бил поразен примарно со воена сила (нуклеарни ракети), туку поради економскиот колапс и неможноста на социјалистичкиот систем да произведе квалитетни и посакувани стоки за широка потрошувачка. „Огромен тоталитарен систем падна на колена, затоа што никој не сака да носи бугарски чевли!“ – наведе американскиот сатиричар. 

Сликовито и метафорички кажано, и ние, Македонците не сакаме да носиме „бугарски чевли“, кои наместо кон Македонија на 21 век би нѐ однеле во „Санстефанска Бугарија“ од 1878 година!

(Авторот изнесува во колумната согледувања од сопствена политиколошко-лингвистичка анализа, кои не одразуваат ставови на ниедна политичка партија во Република Македонија, ниту на редакцијата на порталот Експрес“)

(„Нова Македонија“)

 

 

 

 

 

Најнови вести од: Колумни

„Непостојниот“ македонски јазик и идентитет во концепцијата на Антоан Меје за „новата Европа“ – 26 години пред АСНОМ и кодификацијата (2)

Од денешна перспектива, придонесот на Меје може да се оцени на неколку нивоа. На балканско ниво неговото дело претставува аргументиран научен отпор кон обидите македонските говори целосно да се подведат под српскиот, или бугарскиот јазичен концепт. На европско ниво неговото значење произлегува од фактот што оваа анализа ја објавува еден од најугледните европски лингвисти, во Париз, во дело посветено на јазичната карта на Европа. Македонија  и македонскиот јазик на тој начин стануваат предмет на разгледување во поширока европска научна дискусија за јазиците, нациите и државите.

Придонесот на Антоан Меје за светското признавање и афирмација на македонскиот јазик како белег на македонскиот идентитет уште пред 108 години!

„Дијалектите на Македонија се дел од јужнословенската група. Заправо тие не се ниту српски, ниту бугарски, особено ако се мисли на пишаниот бугарски јазик, кој се засновува врз дијалекти, доста оддалечени од македонските дијалекти.“ – нагласил Антоан Меје во својата знаменита научна студија „Јазиците во Нова Европа“, објавена во Париз во 1918 година. „Дијалекти на Македонија“ и „македонски дијалекти“ вели овој јазичар 26 години пред да биде македонскиот јазик „измислен од Тито и искован врз основа на бугарски корени“. Денес се навршуваат 160 години од раѓањето на овој врвен европски и светски јазичар. Ова е соодветен повод за ново навраќање кон неговиот научен придонес кон одбраната и афирмацијата на македонската јазична и идентитетска самобитност на европскиот континент и во светски рамки.

Делото на Видоески наспрема „Бугарскиот договор“: дали е време во 2026 Македонија да постапи како Бугарија со „Бледскиот договор“ во 1949?! (2)

Грандиозното научно дело на дијалектологот Божидар Видоески не само што ги урива сегашните бугарско-грчки фалсификати и оспорувања на македонскиот јазично-идентитетски комплекс, туку и отвора сериозен простор за дилема: дали нема, или можеби и има право Република Македонија, согласно и со меѓународното право и неговиот врховен принцип „јус когенс“ да постапи денес со „Бугарскиот договор“ еднакво како што постапи Бугарија со „Бледскиот договор“ во 1949 година – како Бугарија согласно со нејзините „бугарски државни и национални интереси’, така и Македонија согласно со своите државно-национални интереси?! Зашто, великанот на македонската дијалектологија аргументирано докажа дека македонскиот јазик е столб на македонскиот идентитет и сиот свој живот го бранеше тој идентитетски столб, кој е денес загрозен со бугарските евроинтеграциски уцени и ултиматуми.

Студиите на Божидар Видоески ги кршат на парчиња грчко-бугарските шовинистички негирања на македонските дијалекти во Егејска и Пиринска Македонија (1)

Со своето големо научно дело за македонската дијалектологија професорот и академик Божидар Видоески му изгради траен паметник на македонскиот народ за неговиот мајчин македонски јазик и неговите дијалекти, на македонскиот идентитет. Зашто во дијалектите на македонскиот јазик се вградени сета негова историја, сето зборовно богатство, културата, обичаите, народните традиции, песните. Вчера, на 8 ноември 2026 година, се навршија 106 години од раѓањето на Видоески, основоположникот на современата македонска дијалектологија. Тој остави зад себе остави огромно дело од повеќе од 300 библиографски единици – дијалектолошки студии, монографии, статии, документи и др., објавувани во домашни и видни странски списанија и зборници. Истражувањата и студиите на овој македонист, славист и дијалектолог жестоко ги побиваат сите антимакедонски и ненаучни фалсификати и оспорувања на македонскиот народ, јазик и идентитет, кои се вградени во „Договорот за добрососедство“ со Бугарија, односно „Бугарскиот договор“, како и во „Преспанскиот договор“.

Наде Проева – жестокиот научен борец против обидите на Грците и Бугарите да им го одземат Македонското сонце-македонскиот идентитет на Македонците!

Во ерата кога историјата повторно се користи како геополитичко оружје, а македонскиот национален, јазичен и културен идентитет е подложен на координиран оспорувачки притисок од соседите, научната оставнина на проф. д-р Наде Проева (1949–2024) светли како незгаслив светилник на македонската вистина ширум Балканот и Европа. Како еден од најголемите македонски експерти за историјата на Античка Македонија со меѓународен углед, Проева во своето капитално дело „Триптих за македонскиот идентитет“ изнесува сериозна, научно втемелена и методолошки беспрекорна одбрана на македонската посебност. На 6 номври 2026 се навршуваат две години од нејзината смрт. Ова е соодветна пригода за повторно навраќање кон научното творештво на оваа голема македонска научничка, која на „добрите балкански соседи“ и на политичка Европа со силата на научните аргументи им покажа и им докажа дека никој нема право да му ги оспорува на македонскиот народ неговото исконско, древно македонско национално самосознание и идентитет во име на некакви „повисоки геополитички цели“. Проева остави траен и нескршлив научен аргумент во рацете на идните поколенија за одбрана на правото на македонскиот народ да биде она што е – македонски, свој на своето, на македонското.

Ѓуров и Јотова бараат примена на „Францускиот предлог“, што е негирање на македонскиот јазик и Македонците, кои во 1890 бараа од Цариград негова употреба!

На 29 октомври во завршната дебата на Бугарската национална телевизија пред одржувањето на вториот круг на претседателските избори во Бугарија на 1 ноември 2026 година Андреј Ѓуров и Илијана Јотова, двата кандидата за претседател на Бугарија, го повторуваат барањето да се внесат Бугарите во уставот на Македонија. Едновремено тие бараат и „целосна примена“ на злогласниот „француски предлог“ и „Вториот протокол“, со кои во најдиректна смисла официјална Софија бара Македонија „да признае и да прифати“ дека „македонскиот народ и јазик имаат бугарски корени“. Јотова уште сево ова го нарекува „европска политика. И Ѓуров и Јотова се во жесток судир со реалноста и со историјата. На 30 октомври 1890 година Македонците од Охрид испраќаат официјална молба до Високата порта во Цариград. Во оваа молба, македонските првенци експлицитно бараат дозвола за основање македонски училишта во Охрид и околината, во кои наставата ќе се изведува на македонски јазик. Ова е еден од најважните документирани јавни прогласи од XIX век каде што јасно се дефинира засебноста и автентичноста на македонскиот јазик, независно од пропагандите на соседните држави.

Димитрија Чуповски, народниот трибун и градител на македонската национална самосвест – 86 години од смртта (2)

На 29 октомври 1940 година во Ленинград, во Русија засекогаш ги затвори своите будни и неуморни очи Димитрија Чуповски, најистакнатиот и најдоследен организатор и афирматор на македонската национална мисла и акција, македонскиот општественик, револуционер, политичар и дипломат, публицист и поет, истражувач на македонското минато и култура, картограф на етничка Македонија. Чуповски беше најблизок истомисленик и идеен соборец со Крсте Мисирков во раководството на Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург. Денес се навршуваат 86 години од неговата смрт. Неуморниот борец за македонската кауза остави зад себе богато научно, публицистичко и национално наследство. Од тоа наследство засекогаш ќе зрачи вонвременската порака дека македонскиот народ не треба никогаш да очекува од никого од Балканот и Европа милост дека ќе се грижи за неговата судбина, туку оти самиот треба да ги земе своите работи во свои раце, самиот да ги уредува својот живот и својата татковина.

To top