Бизнис

(Фото): Инфлација од 4%, економски раст за 3,5%, очекува Народна банка

Кризата на Блискиот Исток притиска, последиците се чувствуваат. Народна банка ги ревидираше проекциите. Годинава економскиот раст ќе биде помал, а инфлацијата речиси двојно повисока од онаа што претходно ја очекуваа монетарните власти. Гувернерот Славески вели дека причината не е во домашната економија, туку во надворешните шокови, пред сè војната на Блискиот Исток, поскапата нафта и глобалната неизвесност. Според него, Македонија како мала и увозно зависна економија, директно ги чувствува последиците од случувањата во светот.

Народна банка очекува македонската економија да продолжи да расте и во наредниот период, но предупредува дека глобалната неизвесност, геополитичките конфликти и нестабилните цени на енергенсите остануваат сериозен ризик и за домашната економија. Според најновите макроекономски проекции, инфлацијата ќе се намалува побавно од претходните очекувања, додека економскиот раст ќе се потпира пред сè на инвестициите и инфраструктурните проекти. Ова е наведено во новиот Квартален извештај што го усвои Советот на Народната банка на седницата.

Во анализата се посочува дека светската економија влегува во период на умерено забавување. По растот од 3,4 проценти минатата година, глобалниот економски раст во 2026 година се очекува да се намали на 3,1 процент. Истовремено, светската инфлација е ревидирана нагоре, а најголемата неизвесност и понатаму доаѓа од конфликтите на Блискиот Исток и нивното влијание врз цените на нафтата, храната и меѓународната трговија.

Сепак, основното сценарио на Народната банка се темели на претпоставка дека конфликтот ќе се стабилизира во релативно краток рок и дека нема да дојде до подлабоки потреси на глобалните финансиски пазари. Во такви услови, централната банка очекува инфлацијата во Македонија годинава да се задржи околу 4 проценти. Намалувањето на ценовните притисоци ќе оди постепено, пред сè поради високите цени на енергенсите и храната. Според проекциите, инфлацијата во 2027 година би се намалила на околу 3 проценти, а на среден рок би се вратила кон историскиот просек од 2 проценти.

Од Народната банка оценуваат дека домашната економија ќе продолжи умерено да закрепнува. За оваа година се прогнозира раст на бруто-домашниот производ од 3,5 проценти, додека во 2027 година економскиот раст би достигнал 3,8 проценти.

Главниот двигател на растот, според проекциите, ќе останат инвестициите, особено јавните инфраструктурни проекти, но и постепеното закрепнување на побарувачката од странство.

Сепак, надворешната позиција на земјата на краток рок останува под притисок. Народната банка очекува дефицитот на тековната сметка годинава да достигне 5,7 проценти од БДП, главно поради повисокиот увоз на енергенси и засилените инвестициски активности. На среден рок, се очекува постепено подобрување, потпомогнато од стабилни финансиски приливи и раст на девизните резерви.

Во извештајот се наведува дека банкарскиот сектор и понатаму останува стабилен и обезбедува поддршка за економијата. Во првиот квартал од годинава кредитната активност пораснала за 13,1 процент на годишно ниво, иако до крајот на годината се очекува умерено забавување на растот. Растот на депозитите, пак, според централната банка, покажува дека довербата во банкарскиот систем останува стабилна.

Народната банка најавува дека и во наредниот период ќе води претпазлива монетарна политика, имајќи ја предвид нестабилната глобална средина и ризиците поврзани со геополитичките случувања и движењата на цените на примарните производи.

Од централната банка порачуваат дека остануваат подготвени да ги искористат сите расположливи инструменти доколку биде потребно, со цел да се зачува стабилноста на девизниот курс и ценовната стабилност на среден рок.

Најнови вести од: Бизнис

Успешниот домашен модел ја зацврстува регионалната експертиза: ЕОС Матрих се проширува во Косово

По успешното позиционирање на секундарниот финансиски пазар во Македонија и долгогодишното искуство во управувањето со побарувања и откупот на портфолија, ЕОС Матрих го прави следниот чекор во регионалната експанзија со обновување на активностите на пазарот во Косово. Проширувањето на активностите следува по усвојувањето на новиот Закон за банки на Косово, со кој се креираа услови за примена на современи методи и експертиза за управување со побарувања и откуп на портфолија од нефункционални кредити.

До 80 години отплата и животно осигурување на трошок на банката – нов кредитен пакет за пензионери од АЛТА банка

Со можност за отплата до 80 години старост и ризико животно осигурување целосно на трошок на банката, АЛТА банка отвора повеќе простор за личните планови, избори и финансиска сигурност на пензионерите преку новата платформа „ЗА ВАС.“

Божиновска за грчки “Енерџи Гејм”: Македонија станува клучна гасна раскрсница на Балканот

Енергетски центар за снабдување на Југоисточна Европа е новата улога што министерката Сања Божиновска ја најавува за Македонија по приклучувањето кон Вертикалниот коридор. Договорот беше потпишан на 4 септември во Солун, но патот од политички меморандум до гасна раскрсница зависи од изградбата на две клучни врски со Грција и Србија.

ММФ отвора центар за техничка помош за земјите од Западен Балкан и Молдавија

Меѓународниот монетарен фонд ќе отвори нов центар за техничка помош во Рим, наменет за земјите од Западен Балкан и Молдавија, со цел да им помогне во спроведувањето на реформите и зајакнувањето на институционалните капацитети во процесот на пристапување кон Европската Унија. Директорката на ММФ, Кристалина Георгиева, оцени дека проширувањето на ЕУ повторно се наоѓа високо […]

To top