Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, изрази сериозна загриженост и високо незадоволство од постапката на Бугарија која објави дипломатска нота за приватниот престој на сопругата и малолетниот син на премиерот Христијан Мицкоски во Пампорово.
Муцунски информира дека вчера бугарскиот амбасадор во Скопје, Жељазко Радуков, бил повикан во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, каде му било изразено силно незадоволство и било побарано итно објаснување и темелна истрага како дошло до протекување на нотата во јавноста.
„Тоа е за нас еден неприфатлив начин на меѓусебно функционирање, посебно кога се во прашање движења на членови на семејства на државни функционери. Безбедноста е прв приоритет“, нагласи Муцунски.
Тој потсети дека кога се случи инцидентот пред бугарската амбасада во Скопје, македонските институции веднаш го осудиле чинот и постапиле во најбрз можен рок. За разлика од тоа, Бугарија досега не изразила никаква реакција за протекувањето на нотата во јавноста.
Министерот посочи дека за случајот веќе се информирани стратешките партнери и НАТО, оценувајќи дека со ваквиот потег директно се загрозува безбедноста на семејството на премиерот.
„Со ова вадење на дипломатска нота се загрозува безбедноста на моето семејство“, рече Муцунски и додаде дека ваква практика е невообичаена и неприфатлива во меѓународната дипломатија.
Тој истакна дека постои сериозна мрежа на онлајн портали, ботовски профили и медиуми кои постојано се занимаваат не само со политичарите, туку и со нивните семејства, изразувајќи посебна загриженост за „постојаната опседнатост со семејството на претседателот на Владата“. Муцунски спомена и лажните вести дека неговиот дедо бил бугарски војник.
„Слободно напаѓајте нѐ нас. Оставете ги нашите семејства“, апелираше министерот.
За односите со Бугарија и европскиот пат
Муцунски оцени дека во последниот месец има засилена динамика на средби со бугарски претставници, кои ги оцени како корисни, но потенцира дека постојат суштински разлики во толкувањето на европските обврски.
„Од една страна ние кажуваме дека не сме подготвени за влез во постојан процес на билатерализација. Треба да се најде соодветен механизам да се разјасни тоа и да се постават цврсти гаранции“, рече тој.
Во однос на Акцискиот план за малцинства, Муцунски изјави дека лично не гледа суштинска пречка од експертска природа од бугарска страна.
Министерството веќе определило кандидат за нов амбасадор во Софија од редот на професионалните дипломати, но името сѐ уште не е соопштено.