Според албанските медиуми, sиноќа во Тирана се одржа најмасовниот протест во поновата историја на Албанија, на кој учествувале неколку стотици илјади граѓани, меѓу нив и голем број Албанци од дијаспората и од соседните земји, јавува AП
Демонстрациите започнаа поради проект за изградба на луксузен крајбрежен ресорт во заштитена природна област поврзан со зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, но оттогаш еволуираа во пошироки антивладини и антикорупциски протести.
Синоќа, на плоштадот „Народни херои“ и пред зградата на Владата, повеќемина говорници ги повторија барањата за оставка на премиерот Еди Рама и формирање непартиска влада со едногодишен мандат.
Протестот беше исполнет со симболика. Беше подигната висока биста на Рама, која подоцна беше соборена со помош на јаже – гест што потсетува на соборувањето на статуата на долгогодишниот комунистички диктатор Енвер Хоџа во февруари 1991 година, настан што се одбележува на 20 февруари секоја година.
Бидејќи протестот вчера се совпадна со 62-риот роденден на Рама, некои демонстранти носеа „торти за роденден“ направени од цемент, алузија на градежните проекти.
Исто така, имаше и иронична песна „среќен роденден“ за Рама.
За време на протестот се вееле албански и американски знамиња, а се извикувале пароли „Рама, оди си“, „Рама во затвор“ и „Нова Албанија“.
Организаторите најавија дека протестите ќе продолжат и денеска пред Судот во Тирана, каде што треба да се одлучува за мерките против приведените, а порачаа дека демонстрации ќе се одржуваат секојдневно сè до, како што велат, заминувањето на премиерот Еди Рама.