Колумни

Ѓорѓи Абаџиев, писателот на „светлосната згорнина“ на македонскиот народ: Секој треба да си го плати долгот кон татковината!

„Навлегуваше во неговиот ум јаснина како да излегол од хаосен мрак на светлосна згорнина… Другарите, кои загинаа, го исполнија својот долг. Треба и ние да го исполниме нашиот долг… Да се свртиме кон себеси, кон нашата положба… Вистинската смисла на човечкото живеење е во непрекинливата акција, во волјата на човекот да дејствува.“ – напиша големиот македонски писател Ѓорѓи Абаџиев во својот бележит историско-психолошки роман „Пустина“ за времето непосредно пред Илинденското востание, пролетта 1903, и за солунските атентатори — гемиџиите. Абаџиев ја вградува во него пораката дека секој на свој начин треба да си го плати долгот кон својата татковина. Вчера, на 2 август се навршија 63 години од неговата смрт. Овој знаменит македонски книжевен деец како да зрачи и денес со пораките од „Пустина“ дека македонскиот народ треба токму денес да се извиши кон „светлосна згорнина“ од „хаосниот мрак“ во кој го туркаат, оти треба „да се сврти кон себе и кон положбата, во која се наоѓа“, барајќи ја „смислата на своето постоење во непрекинливата акција, во својата волја да дејствува“.

Активен деец во македонското ослободително движење

Ѓорѓи Абаџиев е роден на 7 октомври 1910 година во Дојран. Тој е истакнат македонски писател, раскажувач романсиер, историограф, публицист и сценарист. Со родителите емигрирал во Бугарија. Од 1934 до 1939 година, Ѓорѓи Абаџиев студира во Правниот факултет во Софија. Во овој период тој се вклучува во активностите на организациите на напредната македонска емиграција во Бугарија и е еден поактивните дејци на македонското ослободително движење. Соработува со весникот „Македонски вести“, неофицијален орган на ВМРО (Об.), што излегува во Софија од јануари 1935 до јануари 1936 година и во кој се застапуваат идеите за независна Македонија. По забраната на „Македонски вести“ и прогонот на редакторите, тие работат полуилегално како Македонски публицистички кружок, нација и култура. Истата 1936 година, Абаџиев во Софија ги издава книгите „Последна средба“ и „Труд и луѓе“, кои се негови први уметнички цртици, репортажи и раскази.

Ѓорѓи Абаџиев

Во 1938 година поранешните редактори на весникот и други се појавуваат како Македонски литературен кружок (МЛК). Абаџиев е еден од основачите на МЛК во Софија, во кој влегуваат македонски книжевни дејци од левата ориентација од сите три дела на Македонија. Меѓу основачите и членовите на МЛК што ги поставуваат основите на современата македонска литература се: Никола Вапцаров, Антон Попов, Михаил Сматракалев (Ангел Жаров), Кирил Николов, Асен Шурдов, Ѓорѓи Абаџиев, Димитар Митрев, а подоцна се придружуваат Венко Марковски, Коле Неделковски и Митко Зафировски. Програмскиот стремеж на Македонскиот литературен кружок, искажан преку лозунгот „Слободна и независна Македонија“, претставува еден од најзначајните настани, што придонесоа во развојот на македонската национална свест. Кружокот, кој работи сѐ до почетокот на 1942 година, постојано се собира на разни места, каде што пред македонското иселеништво ги пропагира напредните идеи за ослободување на Македонија од туѓото ропство.

Ѓорѓи Абаџиев

Во текот на Втората светска војна Ѓорѓи Абаџиев учествува во активностите против фашистичкиот режим во Бугарија. По падот на режимот во 1944 година станал член на привременото претставништво на Главниот штаб на народноослободителната борба и партизанските одреди на Македонија во Софија. Истовремено ја вршел должноста секретар на Комитетот на македонското иселеништво во Бугарија. Во тоа време бил уредник на возобновениот весник „Македонско знаме“, кој го брани постоењето на македонскиот народ и ги застапува неговите барања.

Еден од основачите на Институтот за национална историја на Македонија

Во 1948 година Абаџиев се враќа во Македонија. Станува еден од основачите на Институтот за национална историја, вршител на должноста негов заменик-директор и еден од најактивните соработници. Од 1949 година е член на Друштвото на писателите. Книжевната работа во татковината ја започнал со расказот „Двајцата другари“, кој е објавен во Скопје во 1948 година.

Потоа ја издал збирката раскази „Изгрев“ (Скопје, 1950). Потоа уследуваат: „Епопеја на ножот“ (Скопје, 1951), „Последна средба“ (Скопје, 1953), романот „Арамиско гнездо“ (Скопје, 1954), романот „Пустина“ (Скопје, 1961), раскази „Табакерата“ (Скопје, 1962). Во 1972 година му се објавени „Избраните дела“ во четири тома. Во сите негови дела историските теми имаат истакнато место. Во 1958 година сценариото за филмот „Мис Стон“ бил првиот чекор на Абаџиев во филмската уметност. Потоа пишува и сценарија и радиодрами. Во 1948 година добил награда за проза од Владата на НРМ. Во 1961 година му е доделена и Октомвриската награда за романот „Пустина“.

Богатото творештво посветено на македонскиот народ

Својата длабока приврзаност кон татковината Македонија и кон македонскиот народ, на кој му го посветил сето свое богато творештво, Абаџиев ги искажал преку некоја длабока случајна симболика и со денот кога неговата душа се преселила во вечноста и во трајното колективно помнење на македонскиот народ: умира токму на 2 август, на Илинден, кој како датум го разработуваше во своите романи, особено во „Пустина“.

Во октомври 2023 година Институтот за македонска литература од Скопје организираше научен собир по повод 60 години од неговата смрт. Професорката д-р Валентина Миронска-Христовска од Институтот за македонска литература во таа пригода нагласи дека Абаџиев има особено значење за македонската култура како еден од основачите на Македонскиот литературен кружок. Ѓорѓи Абаџиев и другите напредни и национално свесни членови на Македонскиот литературен кружок во периодот на многубројните национални, социјални, политички и општествени противречности го претставуваат континуитетот, односно алката во создавањето на македонската национална литература и на македонската култура воопшто. Притоа голем е влогот на Абаџиев во македонската проза, но и во македонската историографија и публицистика.“ – укажа тогаш Миронска-Христовска.

Гоце Смилевски констатира дека неговиот роман „Пустина“ е првиот психолошки роман во македонската литература и наедно спаѓа меѓу најзначајните прозни остварувања во нашата книжевност.

Опишувајќи го татка си Ѓорѓи Абаџиев, историчарката на уметноста Соња Абаџиева во едно интервју од 2023 година го означува како основоположник на психолошкиот роман во Македонија и изнесува важен детал од неговиот живот. Најдобри пријатели му беа две надарени, но повлечени сродни души: Блаже Конески и Васил Иљоски.“ – нагласува Соња Абаџиева.

По катастрофалниот земјотрес во Скопје (26.7.1963) Ѓорѓи Абаџиев бил евакуиран во Куманово. Претходно заболен, тој починал на 2 август 1963 година. Блаже Конески го одржува последното посмртно слово над гробот на својот пријател Ѓорѓи Абаџиев.

 

 

Најнови вести од: Колумни

За Лант е „глупаво прогласувањето на македонскиот како бугарски јазик“ – дали Костадинов го стори тоа како кандидат за претседател на Бугарија?!

„Бугарските научници, кои тврдат дека концептот на македонскиот јазик бил непознат пред Втората светска војна, или кои продолжуваат да тврдат дека македонскиот јазик не постои, изгледаат не само нечесно, туку и смешно и глупаво! Грчките  научници, кои изнесуваат слични тврдења, покажуваат арогантно незнаење за своите словенски соседи!“ – има констатирано авторот на „Граматиката на македонскиот книжевен јазик“ американскиот славист Хорас Лант во научна статија во 1984 година реагирајќи на постојаните негирање на постоењето и самобитноста на македонскиот јазик. Лант е роден на 12 септември 1918, а починал на 11 август 2010 година. Навршувањето на 108-та годишнина од раѓањето на овој светски признат лингвист е повод да се осврнеме од гледна точка на неговите македонистички истражувања на политичкиот театар, кој го приреди во бугарскиот парламент Костадин Костадинов, лидерот на бугарската ултрадесничарска и националистичка партија „Преродба“. Како пратеник Костадинов поднесе иницијатива македонскиот јазик да биде прогласен и да биде третиран како бугарски јазик. Кажаното од Лант важи денес во целосна мера и за Костадинов: нечесна е и смешна и глупава оваа негова иницијатива за јазикот, кој сиот научен свет го познава и го признава како македонски јазик – идентитетски столб на македонскиот народ.

Писмо од Егејска Македонија од 10.9.1862 против денешните грчки негирања: „Нашите луѓе во Ениџе Вардар го знаат нашиот мачедонски език!“ (2)

„Ќе ти пишувам почесто, ама не знам по бугарски, нашите луѓе овде не знаат бугарски. Нашите луѓе во Ениџе Вардар го знаат нашиот мачедонски език!““  – пишува во писмо, кој го испратил Македонец од Ениџе Вардар, од Егејска Македонија, на 10 септември 1862 година. Јазикот на Македонците во Егејскиот, или Беломорскиот дел на Македонија, не бил бугарскиот, туку македонскиот, или како што стои во оригиналот „мачедонски език“. Ова е многу убедлив доказ и изворно сведоштво, што ги побива сите досегашни и најнови грчки негирања и фалсификати дека „никогаш се говорел македонски јазик на грчката територија“. Но, исто така, и многубројните научни аргументи и докази на врвни светски лингвисти за посебноста на македонскиот јазик и неговата застапеност на сите делови на некогашна етнојазична, неподелена Македонија, претставуваат научен бедем, пред кој се уриваат и стануваат бесмислени досегашните и најновите грчки и сечии други шовинистички негирања на постоењето на мајчиниот јазик на македонскиот народ, но и неговото прикажување како наводна „вештачка творба“, како „измислен јазик“.

Овчарани 2026 ги „разбуди“ духот на Метаксас и грчкиот шовинизам за „измислениот“ македонски јазик и Македонците како „ѓубриња на Балканот“! (1)

Грчката националистичка страница „Грција со висока дефиниција“ на општествената мрежа објави текст за „Контроверзното видео од Мелити“, односно од годинашниов фестивал на македонски ора и песни во Овчарани (на грчки: Мелити). По таа објава во изминативе 48 часа, на 9 и 10 септември, уследи силен бран од реакции на Грци со тешки навреди, пцости, омраза, омаловажувања и негаторски квалификации кон македонскиот народ и јазик, како и кон Република Македонија како држава Македонија.

Теророт врз Македонците во Грција и злогласниот закон на Метаксас од 7.9.1938 за забрана на македонскиот јазик!

На 7 септември 1938 година, диктаторскиот режим на Јоанис Метаксас во Грција го донесе Законот (Правен акт) 2366, со кој радикално се засили претходната забрана и целосно се криминализираше употребата на македонскиот јазик во Егејска Македонија — вклучително и во интимата на сопствениот дом и во кругот на семејството.

Македонистичкото дело на Мјечислав Малецки – бедем пред кој паѓаат сите негирања и фалсификати на македонскиот јазик и идентитет

Истражувањата на полскиот славист Мјечислав Малецки претставуваат непобитен научен доказ за автохтоноста и посебноста на македонскиот јазик. Наспроти повеќедецениските организирани политички напади и фалсификати, кои доаѓаат од одредени кругови, делото на овој светски признат лингвист уште во првата половина на XX век ја зацврсти позицијата на македонистиката на меѓународно ниво. Од една страна стојат произволните толкувања и веќе државна доктрина на негација и фалсификати од страна на Бугарската академија на науки и на официјална Софија во врска со „бугарските темели“ на македонскиот јазик, или за неговата „измисленост како јазик во 1944/1945 година“. Од друга страна стои научната вистина за овој најважен столб на македонскиот идентитет, која се потпира исклучиво врз лингвистички факти и домашни и меѓународни теренски истражувања, кои траат многу повеќе од еден век. Полскиот македонист Мјечислав Малецки починал на денешен ден, на 3 септември 1946 година. Ова е пригода за ново навраќање кон неговото македонистичко научно дело, кое е бедем, пред кој паѓаат сите негирања и фалсификати на македонскиот јазик и идентитет.

Коле Неделковски: Нашата мила татковина, посрбена, побугарена и погрчена, не се даде никому и си остана со македонска боја!

„Викот на бесмртниот Македонец Крсте Мисирков се разнесува дури сега над неговата мила татковина, веќе измачена од борбите и соперништвата на неколку народи, кои не штедеа ништо, за да ја имаат посрбена од едни, побугарена од други и погрчена од трети. Но таа не се даде на никого и си остана со својата боја македонска! Сега, подигната културно и економски, го подзема најдрагиот нејзин глас, го прегрнува најсветото име и со целата своја моќ го држи и го разнесува како светилник до најкрајните катчиња на својата ширина.“ – му напишал македонскиот револуционерен поет Коле Неделковски на 18 мај 1940 година на д-р Сергеј Мисирков, синот на Крсте Мисирков, кој тогаш живее и работи во градот Елена, Бугарија. Ова писмо Неделковски му го пратил на Сергеј во името на Македонскиот литературен кружок, како негов член, откако ја открил во Народната библиотека во Софија заборавената книга на Крсте Петков Мисирков „За македонцките работи“. Коле Неделковски е еден од најреволуционерните поети во македонската книжевност. Починат е на денешен ден, на 2 септември 1941 година во инцидент со бугарската полиција во околности, сѐ уште неразјаснети до крај: скокајќи сам од прозорецот на зградата каде што живеел, или можеби бил фрлен долу.

Европска комисија: Остануваат правилата за влез и излез во Шенген за превозниците од Западен Балкан

Од Европската комисија информираа дека остануваат правилата за влез и излез на транспортерите од Западан Балкан во Шенген зоната, односно тие може да престојуваат 90 дена во рок од 180 денови.

To top