Собранието треба да одлучува за именување на Арлинда Хасани Синани за нов вицегувернер на Народната банка. Нејзината кандидатура ја предлага гувернерот Трајко Славески по спроведениот јавен оглас.
Предлогот следува по истекот на седумгодишниот мандат на актуелниот вицегувернер Фадил Бајрами, кој на функцијата беше именуван со собраниска одлука од 31 август 2019 година. Неговиот мандат истекува на 14 септември 2026 година.
Во образложението на предлогот се наведува дека предложента Хасании Синани во текот на кариерата работела на стручни и раководни позиции поврзани со кредитирање, управување со ризици и деловно банкарство.
Кариерата ја започнала во Прокредит Банка АД Скопје како кредитен аналитичар. Потоа напредувала на повеќе раководни позиции, меѓу кои директор на експозитура, директор на деловен центар и директор на секторот за мали и средни претпријатија.
Искуство стекнувала и во Стопанска Банка АД – Скопје, каде што била директор на филијала. Од 2023 година ја извршува функцијата регионален директор за Северозападниот регион.
Според доставената биографија, Хасани Синани во досегашната кариера работела и во области поврзани со регулативата и супервизијата на банкарскиот систем, управувањето со ризици и корпоративното управување. Таа била вклучена и во процеси на одлучување во рамки на повеќе банкарски тела и комитети.
Меѓу нив се наведуваат Комитетот за ризик, Комитетот за кредитен ризик, Комитетот за управување со средства и обврски (ALCO), како и Комитетот за човечки ресурси.
Нејзиното професионално усовршување, според предлогот, опфаќа и програми за среден и висок менаџмент во рамки на ProCredit Academy во Франкфурт на Мајна, Германија.
Гувернерот Славески во предлогот до Собранието наведува дека по спроведувањето на јавниот оглас ја предлага Хасани Синани за вицегувернер на Народната банка.
За именувањето на новиот вицегувернер конечната одлука треба да ја донесе Собранието, во согласност со законската постапка.