Бизнис

Димитриеска Кочоска: Домашниот бизнис доби 239 милиони евра за инвестиции, производство и нови работни места

Мерката поттикнала значаен инвестициски циклус

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска објави дека досега вкупно 239 милиони евра од средствата наменети за поддршка на домашните компании се веќе пласирани во македонската економија. Таа оцени дека мерката поттикнала значаен инвестициски циклус во приватниот сектор.

Димитриеска-Кочоска потсети дека пред повеќе од две години била препознаена потребата да им се помогне на компаниите кои имаат идеи и потенцијал за инвестиции, но немаат пристап до доволно поволно финансирање. Токму затоа, во соработка со бизнис-секторот и банките, бил креиран модел преку кој 250 милиони евра биле ставени на располагање за развојни инвестиции во домашниот приватен сектор, под поволни услови и со полесен пристап до крајните корисници.

Средствата се обезбедени од унгарската Експорт-импорт банка. Министерката нагласи дека Владата не ги гледа како трошок за буџетот, туку како инвестиција во домашната економија.

„Поддршката за домашните компании е инвестиција во економскиот раст“, порача Димитриеска-Кочоска.

Првата транша кон домашните компании била исплатена во март минатата година. Оттогаш до денес во македонската економија се пласирани вкупно 239 милиони евра. Според министерката, овие средства веќе придонеле за започнување значаен инвестициски циклус во приватниот сектор, со ефекти врз зголемувањето на производството, отворањето нови работни места и подобрувањето на конкурентноста на домашните компании.

Таа нагласи дека целта на Владата била најнапред да се препознаат реалните потреби на домашниот бизнис, а потоа да се создадат услови тие потреби да се претворат во конкретни инвестиции. Големиот интерес на компаниите покажал дека мерката одговара на реалните потреби на бизнис-секторот. Дополнителен ефект е тоа што средствата обезбедени преку Владата се надополнуваат и со сопствен капитал на компаниите, со што вкупниот инвестициски циклус е уште поголем.

Димитриеска-Кочоска истакна дека најважното прашање веќе не е само колку пари се пласирани, туку какви ефекти зголемениот пристап до капитал има врз реалната економска активност. Првите индикатори се охрабрувачки: корпоративното кредитирање во периодот на спроведување на мерката бележи просечен годишен раст од околу 15 отсто. Во периодот од март минатата година до јуни годинава, стапката на раст се движела меѓу 13,5 и 16,5 отсто.

Растот на БДП во првиот квартал од 2026 година изнесувал 3,1 отсто. На тоа му претходел раст од 3,5 отсто во четвртиот квартал од 2025 година, додека во третиот и вториот квартал од минатата година растот изнесувал по 3,8 отсто. Како еден од позначајните двигатели на растот, министерката ги посочи јавните и приватните инвестиции. Позитивни сигнали се забележуваат и кај извозот, индустриското производство и вработеноста.

„Сите податоци покажуваат дека економската активност се движи во посакувана насока и се потврда за позитивните ефекти на политиките коишто ги спроведуваме“, наведе Димитриеска-Кочоска.

Таа оцени дека резултатите од мерката се значајни бидејќи покажуваат оти економските политики треба да се оценуваат преку конкретните промени што ги предизвикуваат во реалната економија. Како главни цели на Владата ги наведе зголемувањето на инвестициите, поголемото производство, создавањето посилни домашни компании, отворањето нови работни места, поголемата конкурентност и обезбедувањето одржлив економски раст.

Министерката најави дека Владата и во следниот период ќе продолжи со креирање и спроведување мерки со кои на домашните компании ќе им се овозможи полесно да инвестираат, да го зголемуваат својот капацитет и да создаваат нова вредност за целата економија.

„Со посветеност ќе продолжиме да креираме и спроведуваме мерки кои им овозможуваат на компаниите да растат, да инвестираат и да создаваат нова вредност за целата економија“, порача Димитриеска-Кочоска.

Најнови вести од: Бизнис

„Макпетрол“ со 17,83 милијарди денари приходи и 475 милиони денари добивка во првото полугодие

На годишното собрание на акционери во мај 2026 година е донесена и одлука за исплата на дивиденда за 2025 година во вкупен бруто-износ од 467,3 милиони денари, односно 4.620 денари бруто по акција, со рок за исплата најдоцна до 30 септември 2026 година.

Владата со билатерални договори ќе ги олеснува последиците од ЕЕС системот за превозниците

Македонија со билатерални договори го решава проблемот со камионскиот транспорт во Шенген-зоната, рече министерот за транспорт Николоски. Во однос на најавените протести вели дека не смееме да паднеме во замката на колективизација.

Инвестиции во туризмот и отварање нови авиолинии, Николовски на средба со „Корендон“

Македонија е интересна дестинација за инвестиции во туризмот и отворање нови авиолинии е заклучокот на вицепремиерот и министер за транспорт и врски Николовски по средбата со представниците на „Корендон“ една од најголемите групации во Европа. На состанокот се разговарало за можностите за нови инвестиции, развој на авиосообраќајот и унапредување на туризмот во Македонија.

Скопје станува регионален центар за европска сертификација на финансиски професионалци

АБИТ и ЕФПА Луксембург започнуваат стратешко партнерство преку кое во регионот ќе бидат достапни меѓународни програми за финансиско образование и професионална сертификација. Ова нуди посебна вредност за студентите на Хајделберг факултет Скопје.

Во Македонија не се искористува ниту приватниот капитал од инвестиција како Иловица

Во наоѓалиштето во Иловица, утврдено е дека рудникот би експлоатирал 10 милиони тони руда годишно, а просечното годишно производство е проектирано на над 10.000 тони бакар. Според количините на руда што ги поседува, проектот се предвидува да биде активен околу 23 години.

To top