Македонија

Ѓорѓиевски ја обвини СДС за ширење хистерија и политизирање на западнонилската треска!

Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски реагираше на обвинувањата на СДС за наводно „задоцнето справување со комарците и зголемениот број случаи на западнонилска треска“. Преку општествената мрежа тој нагласи: „Новата хистерија на СДС, по хистеријата за скопската вода, е оваа за комарците. Но, здравјето на скопјани е премногу сериозна работа за да биде средство за дневнополитички поени. А за Филипче воопшто да не се грижите, јахтата на Заев најверојатно е побрза од комарците и тој е безбеден!“

Првиот човек на македонската метропола истакнува: Без проблем, подготвен сум да разговарам и за ова. Само пред неколку дена видовме што значи неодговорно пласирање информации кога се создаде непотребен страв околу безбедноста на водата во Скопје. Денес повторно гледаме обид да се претвори сериозна здравствена тема во дневнополитичка пресметка.

Но, западно-нилската треска не е нов вирус и не е проблем, кој постои само во Скопје, или Македонија. Според извештајот на Европскиот центар за превенција и контрола на болести, локално стекнати случаи се забележани во повеќе европски земји. Вакви случаи има во Грција,Србија и Косово. Светската здравствена организација јасно посочува дека западнонилскиот вирус одамна кружи во Европа.

Затоа, на граѓаните им должиме информации и превенција, а не политичка хистерија. А кога веќе СДС отвора тема за тоа кој, кога и колку прскал против комарци, добро е да го освежиме паметењето со датумите. Во 2018 година, кога со Град Скопје раководеше тогашната власт на СДС, првата земска дезинсекција против комарци започнала дури на 3 јули и траела до 7 јули, додека првото авионско прскање било организирано на 7 и 8 јули. Практично, првите сериозни активности започнале длабоко во летната сезона.

Во 2026 година активностите започнаа уште на 7 мај. Или по датуми: (1) дезинсекција против ларви: на 7 мај авионска дезинсекција, на 11 јуни авионска дезинсекција, на 26 јуни  теренска дезинсекција, на 10 јули авионска дезинсекција, на 23 јули теренска дезинсекција, на 11 август теренска дезинсекција, на 18 август теренска дезинсекција, (2) дезинсекција против комарци: на 1 и 2 јуни авионска дезинсекција, на 18 и 20 јуни теренска дезинсекција, на 27 и 28 јуни авионска дезинсекција, на 13 и 15 јули теренска дезинсекција, на  30 и 31 јули авионска дезинсекција, на 4 и 6 август теренска дезинсекција. Веќе се закажани дезинсекции за четврток и петок авионски, а од недела до среда теренски.

Сите активности се спроведуваат согласно годишната програма, законските обврски и елаборатот на Центарот за јавно здравје – Скопје, како и препораките од Министерството за здравство и европската регулатива. Тоа се фактите. Јавното здравје не се штити со прес-конференции. Не се штити со создавање страв. Не се штити со политички сензации. Се штити со системска работа, континуирана превенција, стручни препораки и навремени активности на терен.

Затоа, наместо натпревар во тоа кој ќе произведе поголема паника, очекувам од сите политички субјекти минимум одговорност кога зборуваат за здравјето на луѓето. И навистина ме зачудува недостатокот на образ кај луѓе, кои под неразјаснети околности се нашле во политиката. Град Скопје ќе продолжи со третманите согласно со стручните препораки и утврдената динамика, а јавноста ќе биде навремено информирана за секоја наредна активност.

СДС најверојатно ќе продолжи од секоја трагедија да се обидува да собере ситни поени, бидејќи на друг начин не можат да бидат актуелни. Но, здравјето на скопјани е премногу сериозна работа, за да биде средство за дневнополитички поени. А за Филипче воопшто да не се грижите, јахтата на Заев најверојатно е побрза од комарците и тој е безбеден! – посочува градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски во објавата на својот официјален фејсбук-профил.

Најнови вести од: Македонија

Ангелов: Дејствуваат три „воздушни трактори“, заштитивме неколку манастири, сѐ уште е активен пожарот кај Чаниште

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов, преку видеоизјава истакна дека сѐ уште е активен пожарот кај прилепското село Чаниште. Тој не очекува пожарот да го загрози ова, или некое друго село.

To top