Поранешниот градоначалник Стевче Јакимовски поминал речиси три недели на лекување во Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Хоспитализацијата траела од 5 до 26 август, по што бил вратен во КПУ Затвор Скопје.
Според Утковски, Јакимовски самиот пријавил здравствени проблеми, по што на 5 август бил префрлен во приватната болница.
„На 5 август 2026 година, по претходно искажани здравствени тегоби и жалби од негова страна, тој беше хоспитализиран во Клиничката болница ‘Аџибадем Систина’, каде што му беше овозможен соодветен медицински третман и здравствена грижа“, изјави Утковски.
По завршувањето на третманот, на 26 август бил вратен во затворската установа. Директорот одбива да зборува за конкретната дијагноза, повикувајќи се на доверливоста на медицинските податоци.
„Како институција, наша обврска е кон секое лице кое се наоѓа во установата да постапуваме одговорно и човечки и, секогаш кога постои медицинска потреба, навремено да му овозможиме соодветна здравствена заштита“, нагласи Утковски.
Тој додаде дека постапиле согласно надлежностите и медицинските препораки.
„Здравјето и човечкото достоинство мора да бидат почитувани без исклучок“, порача директорот.
Јакимовски е правосилно осуден на една година затвор поради незаконската изградба на општинската зграда во Карпош. Во казната ќе му се пресметаат и петте месеци поминати во куќен притвор. Во моментов повторно се наоѓа во КПУ Затвор Скопје.