Пишува: Свето Тоевски
Во 1940 година Коле станал член на диверзантската група „Млади антифашистички борци“. Дванаесет дена по излегувањето од печат на неговата збирка песни „Пеш по светот“ бил откриен од бугарската полиција како разнесувач на летоци. На 2 септември 1941 година полицијата ја блокирала шесткатната зграда во која живеел. Сиот материјал, што можел да ги компромитира неговите другари Неделковски го уништил, давајќи им оружен отпор на гонителите. Кога веќе немало надеж за спас се фрлил од прозорецот на својата мансарда на тротоарот на улицата и така загинал. Според сѐ уште непотврдена верзија, постои тврдење дека бугарската полиција го фрлила долу.
Свое сведоштво за за смртта на овој македонски поет дал и неговиот пријател Волче Наумчески, македонски писател и автор на првата стихозбирка, исцело отпечатена на македонски јазик во поранешното Југославија. На 1 септември 1941 година вечерта, во мансардата, во која живеел Наумчевски се наоѓале уште тројца, меѓу кои и Коста Рацин. Подоцна, околу полноќ, дошол и Коле Неделковски. Околу 4 часот изутрината, на 2 септември бугарската полиција почнала да тропа по вратите на становите на мансардата, при што се слушале викотници, трчање по скалите, кршење врати, а потоа и детонација. Кога се разденило истиот ден во станот на Наумчески дошла полиција. Сите присутни ги наредила на еден ѕид долу. Неделковски лежел на тротоарот, мртов, покриен со ќебе. Ккрвта сè уште течела од него. Наумчески и Рацин се погледнале и тивко си шепнале: „Збогум, Коле!“. Последната вечер на Коле Неделковски и неговиот разговор со Кочо Рацин во мансардата е тема на поемата „Ракување“ на македонскиот поет Блаже Конески, објавена во неговата збирка „Песни“ од 1953 година, сведочи Волче Наумчески.
Коле Неделковски е истакнат македонски поет и револуционер, кој живее и твори меѓу двете светски војни. Роден е на 16 декември 1912 година, во селото Војница, близу Велес. Со поезија почна да се занимава како ученик во велешката гимназија. Се преселил во Скопје и и таму пројавил силен интерес кон македонскиот јазик и неговите особености, запишувајќи ретки, но карактеристични македонски зборови. Уште во младоста имал симпатии кон работниците и учествувал во неколку работнички акции. Поради овие активности бил етикетиран како државен непријател и бил следен од полициските власти.
Во 1933 година одлучил да емигрира во Софија, каде што постоела многубројна македонска интелигенција. Бил сомнителен за бугарските власти и бил притворен, но ослободен поради недостиг од докази. Коле започнал да пишува песни. Судбоносна била 1937 година, кога станал член на Македонскиот книжевен кружок од Софија и соработувал со Никола Вапцаров, Антон Панов, Ѓорѓи Абаџиев, Венко Марковски и други македонски национални книжевни дејци. Започнал да ги изучува Пушкин, Лермонтов, Ботев, Јаворов, Дебелјанов, Смирненски и други творци. Во тие активности му помагал Вапцаров. Започнал да ја објавува својата поезија. Праа стихозбирка му е „Молскавици“ во 1939 година. Со таа стихозбирка се пројавува како афирматор на македонска тематика и македонскиот јазик.
Неделковски започнал да ја проучува и македонската историјата. Го читал Зборникот на Миладиновци и пребарувал во Народната библиотека во Софија во потрага по материјали за македонскиот фолклор и македонската преродба од 19 век. Тука ја открил заборавената книга на Крсте Петков Мисирков, „За македонцките работи“, и ја афирмирал пред членовите на Македонскиот литературен кружок и македонската интелигенција.
На 18 мај 1940 година, Неделковски, од името на кружокот, му пишува на д-р Сергеј Крсте Мисирков, синот на Крсте Мисирков, кој тогаш живее и работи во градот Елена. Тоа писмо претставува најавтентичен показ на континуитетот во развитокот на македонската национална мисла и свест и ја посведочува директната врска меѓу Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург и Македонскиот литературен кружок во Софија. Неделковски соопштува дека уште пред неколку месеци, барајќи по творештвото на најголемиот син на Македонија, се сретнал со сопругата на Мисирков, од која, вели, чув и разбрав за дел од животот на вистинскиот Македонец и исто така се израдував уште повеќе кога ми кажа дека и чедото на најскапиот син на Македонија живее со мислите со кои ги проживеал сите свои дни од својот живот неговиот татко.
Неделковски го искажaл својот пиетет кон Мисирков ја опишал состојбата на македонскиот народ и односот на новата генерација кон националното прашање. Затоа тој му пишува на д-р Сергеј Крсте Мисирков: „Викот на бесмртниот Македонец Крсте Мисирков се разнесува дури сега над неговата мила татковина и таа, измачена веќе од борбите и соперништвата на неколку народи, коишто ништо не штедеа за да ја имаат посрбена од едни, побугарена од други и погрчена од трети: но таа не се даде на никого, а си остана со својата боја македонска, и сега, подигната културно и економски, го подзема најдрагиот нејзин глас, го прегрнува најсветото име и со целата своја моќ го држи и го разнесува како светилник до најкрајните катчиња на својата ширина“.
Коле беше поет-романтичар со бескрајна љубов кон својот народ и кон неговата борба за слобода и правда. Тој во колективното помнење на македонскиот народ останува запаметен како еден од најреволуционерните поети во македонската книжевност, човекот што ја откри заборавената книга „За македонцките работи“, член на Македонскиот литературен кружок од Софија, афирматор на македонскиот јазик во литературата и убеден антифашист. Неговата песна „Глас од Македонија“ е една од најпознатите револуционерни песни во македонската книжевност, а неговото творештво се карактеризира со употреба на македонскиот говор, што е особено видливо во неговите збирки „Молскавици“ и „Пеш по светот“. Како поет и македонски национален деец, кој соработувал со Никола Вапцаров и со Кочо Рацин.