Бугарските власти како да се слепи пред Симеон Михаилов, осуден за обид за убиство Македонија. Човекот кој со потерница се бара во државава за да отслужи казна затвор од 12 ипол години не само што се појави во улога на гостин на вестите на БТВ, туку пред камери се појави и среде Софија, на протест пред македонската амбасада. Но бугарската полиција се уште не реагира иако пред нив стои осуденик кој се бара преку Интерпол. Од МВР за Алфа велат дека процедурите се јасни. Сгласно Европската конвенција за екстрадиција, тој мора да биде уапсен за потоа да се побара и негова екстрадиција:
-Доколку МВР на Македонија биде информирано од страна МВР на Бугарија дека лицето за кое прашувате е лоцирано или лишено од слобода врз основа на наша распишана меѓународна потерница, потоа Министерство за правда на Македонија треба да се обрати до Министерството за правда на Бугарија, со доставување на потребна документација за екстрадиција. Постапката за лицето предмет на интерес не е започната затоа што, не сме известени од бугарска страна дека лицето е лоцирано и лишено од слобода.
И премиерот Христијан Мицкоски вели дека согласно меѓународните договори Бугарија треба да го екстрадира Михаилов, за да одговара пред надлежните органи.
-Ние имаме потерница и очекуваме нашите партнери да постапат соодветно на партнерството, бидејќи ние сме партнери со нашиот источен сосед во една друга Алијанса, која што се вика НАТО Алијанса. И очекуваме луѓето кои што се бараат со потерница, кои што направиле некаков прекршок или кривично дело, во духот на партнерството да ги испорачаат, за да може да се соочат со законот и си правдата, изјави Мицкоски.
Симеон Михаилов во бугарските медиуми глуми жртва на македонскиот систем и ја брани ќерката Ива Михаилова, на која во Кочани и се суди за предзвикување на сообраќајна несреќа со смртни последици – случај кој Бугарија со сите сили се обдиува да го политизира поради нејзиното двојно државјанство. Бегалецот Михаилов кој има бугарски пасош, бара македонскиот суд да ја пушти неговата ќерќа да се лекува во Софија, иако за неа веќе има изречено мерка забрана за напуштање на државата.Михаилов, кој се претставува како голем борец за праватa на Бугарите е осуден за обид за убиство на Драганчо Стоименов во скопската населба Аеродром, во случај поврзан со кочанската група „Детонатор“. Тој бил суден и за злосторничко здружување и насилство.
Првично му била изречена доживотна казна затвор, која во понатамошната судска постапка била намалена, а Македонија сега го бара за издржување на правосилнa затворска казна од 12 и пол години.
Од случајот со Михаилова, Бугарија сака да направи и скандал за наводно непочитување на правата на Бугарите во Македонија. Дури и шестмина бугарски пратеници дојдоа да го следат судското рочиште на обвинетата за „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, по сообраќајната несреќа од октомври лани, во која едно лице го загуби животот, а неколку други беа повредени.