Македонија

Тошковски: Намален бројот на убиства, разбојништва и тешки кражби во првите осум месеци

Министерот Тошковски оценува намалување на насилниот криминал

Податоците за движењето на криминалитетот во првите осум месеци од годинава покажуваат намалување кај повеќе тешки кривични дела, меѓу кои убиства, обиди за убиства, разбојништва и тешки кражби. Ова го истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во гостувањето во централниот Дневник на Македонската радио-телевизија, каде зборуваше и за истрагата за убиството во Чаир и актуелната безбедносна состојба.

Според податоците што ги презентираше Тошковски, од јануари до август 2026 година биле регистрирани 12 убиства, наспроти 19 во истиот период минатата година, што претставува намалување од околу 37 проценти.

Намален е и бројот на регистрирани сторители – од 26 на 13, додека бројот на жртви од 20 е намален на 12, односно за околу 40 проценти.

Кај обидите за убиство намалувањето е приближно 65 проценти. Разбојништвата се намалени за околу 40 проценти, а тешките кражби за приближно 30 проценти во однос на истиот период во 2025 година.

„Слободно можам да оценам дека имаме намалување на бројот на кривични дела од овој тип на насилен криминалитет. Кога би говореле за разбојништва, имаме намалување за околу 40 проценти, а кога би говореле за тешки кражби, имаме намалување за околу 30 проценти“, рече Тошковски.

Во разговорот, министерот се осврна и на убиството во Чаир. Тој информираше дека истрагата продолжува и дека се утврдуваат околностите поврзани со еден од двајцата осомничени, вклучително и прашањето зошто лицето било на слобода во моментот кога било извршено делото.

Поради текот на истрагата, Тошковски не соопшти дополнителни детали, но изрази очекување дека осомничените наскоро ќе бидат лишени од слобода. Тој посочи дека и во претходни случаи на најтешки кривични дела осомничените биле пронајдени и против нив биле преземени соодветни мерки.

Во однос на прашањето за безбедноста на граѓаните, министерот нагласи дека состојбата треба да се оценува преку конкретни податоци и статистички показатели, а не само преку поединечни случаи.

„Прашањето дали македонските граѓани се безбедни е легитимно. Слободно можам да кажам да, но сепак станува збор за едно комплексно прашање. Истото не би можеле да го толкуваме надвор од она коешто би требало да бидат бројки, статистика и реалност“, истакна Тошковски.

Сепак, покрај намалувањето кај дел од тешките кривични дела, Тошковски посочи и категории кај кои има зголемување.

Една од нив е семејното насилство. Според министерот, поголемиот број регистрирани случаи може да се поврзе и со поголемата охрабреност на граѓаните да го пријавуваат овој вид насилство. Тој го истакна и променетиот пристап во постапувањето, посочувајќи дека во Скопје е обезбедена достапност на дежурен судија кој може веднаш да постапува по барањата на МВР.

Значителен пораст е регистриран и кај кривичното дело „безобѕирно управување со моторно возило“. Во првите осум месеци од годинава биле евидентирани околу 2.200 вакви кривични дела, што е приближно седум пати повеќе во споредба со истиот период лани.

Тошковски објасни дека зголемувањето е поврзано со измените на Кривичниот законик, но и со примената на системот „Безбеден град“, преку кој полесно се откриваат ваквите прекршоци.

„Го имаме ‘Безбеден град’, којшто ни помага и тоа како во овој дел на детекција на кривичните дела, и заради тоа имаме драстично зголемување на бројот на кривични дела, седум пати повеќе од истиот период лани“, рече министерот.

Тој нагласи дека при анализата на криминалитетот не треба да се гледаат само бројките, туку и промените во законската регулатива, како и начинот на кој се откриваат и регистрираат кривичните дела.

Најнови вести од: Македонија

Сиљановска-Давкова се сретна со првиот човек на „Браќа Манаки“ и претседателката на Друштвото на филмски работници

Посебен печат на 47. издание му дава присуството на славни имиња од светската кинематографија, меѓу кои и Дан Лаустсен, добитник на „Златна камера 300“ за животно дело и Џеф Кроненвет, кому му се доделува специјалната „Златна камера 300“, за особен придонес во филмската уметност

To top