Хроника

Сведок: Деко не ја даваше лиценцата на увид, а улицата пред дискотеката беше блокирана од паркирани возила

Инспекторка на судењето за „Пулс“

Сопственикот на кабарето „Пулс“ во Кочани, Дејан Јованов, не им ја дал на увид лиценцата за работа на полициските службеници при контрола во 2023 година, а пристапот до објектот бил целосно блокиран од паркирани возила – сведочеше денеска самостојниот инспектор при Регионалниот центар за гранични работи Исток – Делчево, Деспина Симеонова, на судењето против деветтемина полициски службеници обвинети во врска со пожарот во кабарето „Пулс“.

Симеонова, која сведочеше во рамките на директното испитување од страна на Обвинителството, појасни дека во Министерството за внатрешни работи е вработена од 2001 година, а во текот на 2022 и 2023 година континуирано извршувала работни задачи како инспектор за странци опфаќајќи канцелариска и теренска работа.

Прашана за начинот на спроведување на активностите и соработката со другите служби, таа посочи дека кога работат пспоред Законот за странците, постапуваат само инспекторите за странци, а кога работат според оперативни планови, имаат заеднички акции со инспекторите од МВР, Пазарна инспекција, Труд и социјала…

– Кога работиме во нашиот дел, според Законот за странците, работата може да биде единечна и во тој случај постапуваме само инспекторите за странци. Кога работиме според оперативни планови, анекс-планови од МВР – БЈБ, тоа значи дека имаме заеднички акции со другите инспекторати, со колеги од МВР, со Пазарната инспекција, Труд и социјала и други потребни инспектори, кои се опфатени во тој оперативен план во зависност од потребите – посочи Симеонова.

Наведе дека проверките во Општина Кочани главно се вршеле во угостителски објекти, хотели, мотели, ноќевалишта и апартмани со сместувачки капацитети, со цел откривање нерегуларен и незаконит престој на странци.

Во однос на кабарето „Пулс“, Симеонова потврди дека во периодот од 2022 до 2023 година биле вршени контроли во повеќе наврати, но, како што рече, секогаш во рамките на нејзината надлежност. По секоја извршена контрола, бил изготвуван извештај, кој бил доставуван до Регионалниот центар за гранични работи Исток.

Контролите се одвивале во ноќните часови, првично од 22 до 3 часот, а подоцна од 23 до 4 часот.
За процедурата на евидентирање на неправилностите од страна на другите присутни служби, Симеонова појасни дека секој оперативен план има одговорно лице што ја спроведува акцијата.

– Тој е задолжен по завршувањето да изготви извештај и да го достави до дежурната служба, односно полициската станица во Кочани. Претпоставувам дека ПС Кочани, по хиерархија на вработените, одговорниот треба да го препрати до СВР Штип – рече Симеонова.

На прашањето на Обвинителството за сообраќајниот пристап до кабарето и присуството на возила околу објектот, Симеонова сведочеше дека било сообраќаен хаос.

– Хаос е, со еден збор – не се поминува. Паркингот што се користи од хотелот во близина е преполн, а на улицата пред дискотеката не може да се помине од паркирани возила – рече Симеонова.

Инспекторката детално го опиша и моментот кога од сопственикот на објектот била побарана документацијата за работа. Таа рече дека лиценцата била побарана во нејзино присуство од колегата Златко Кузмановски, кој бил одговорен за акцискиот план.

– На барање на колегата Златко Кузмановски, кој беше одговорен за акцискиот план, во мое присуство беше побарана лиценцата за работа на дискотеката „Пулс“. Од страна на сопственикот Дејан Јованов лиценцата не ни беше покажана, ниту дадена на увид, со објаснување дека е многу доцна да го бара книговодителот бидејќи не е во просториите на дискотеката и дека ќе ја донесе во понеделник. Тврдеше дека ги има поднесено документите за обновување на лиценцата за работа пред 15 дена во Скопје и тврдеше во тој момент дека лиценцата има важност до 31 март 2023 година. Од моја страна и од страна на колегата тоа беше нотирано во извештајот таа вечер – сведочеше Симеонова.

Судскиот процес против деветтемина полициски службеници продолжува со сослушување сведоци и изведување на материјалните докази предложени од Обвинителството.

Најнови вести од: Хроника

Повторно малолетничко насилство: Тешко повреден ученик во Ѓорче Петров – го претепале врсници

Синоќа во СВР Скопје е пријавено дека во двор од основно училиште на подрачјето на Ѓорче Петров, малолетник бил физички нападнат од неколку други малолетници, од кои едниот го познавал, при што се здобил со тешки телесни повреди.

Разрешен Тимот за борба против дрогата во Куманово – Јанев: Кога нема резултати, следи одговорност

Директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев денеска оствари работна посета на Секторот за внатрешни работи Куманово: во средиштето на вниманието беа безбедносната состојба и борбата против нелегалната трговија и дистрибуција на дрога и психотропни супстанции на подрачјето на Куманово, Кратово и Крива Паланка.

Х.Б. (35) од Скопје починал, откако најверојатно доживеал струен удар при перење возило

На 16.09.2026 околу 11:40 часот во СВР Скопје е пријавено дека во с.Студеничани, скопско, во двор од куќа, сопственост на А.С.(56), дошол Х.Б.(35) од с.Студеничани и ја зел вап-машината, за да го измие возилото. Тогаш паднал најверојатно од струен удар.

Тошковски за истрагата за фалсификуваните возачки дозволи: Судството да спречи вакви кривични дела, да не одлучува како во минатото!

Вкупно 27 лица опфати истрагата за фалсификувани возачки дозволи, против кои е поднесена кривична пријава поради сомнение за незаконско внесување категории во возачки дозволи, нивно издавање и употреба. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски синоќа во интервју за МТВ нагласи дека сега на потег се Обвинителството и Судот, кои, како што рече се надева дека ќе донесе законита и праведна одлука, која превентивно ќе дејствува во иднина.

Финансиска полиција: Тројца осомничени за измама за околу 300 илјади евра, кои ги „переле“ преку пилешки копани!

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против пет физички лица и две правни лица, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „Перење пари и други приноси од казниво дело“, „Измама“ „Фалсификување или уништување деловни книги“ и „Даночно затајување“.

To top