Тешка сообраќајна несреќа со смртна последица се случила на патот Битола–Прилеп, кај местото познато како „Туланата“. Животот го загубила 17-годишна девојка.
Од МВР информираат дека несреќата била пријавена на 19 септември 2026 година во 18:29 часот во СВР Битола. Во судирот учествувале патничко возило „опел“ со битолски регистарски таблички, управувано од Е.Ф. (28) од село Канатларци, прилепско, и патничко возило „форд“, исто така со битолски ознаки, управувано од М.Н. (48) од село Долно Српци, општина Могила.
17-годишната сопатничка во „опелот“ починала на местото на несреќата. Смртта ја констатирал лекар од Службата за итна медицинска помош од Битола.
Возачот на „опелот“ Е.Ф., како и 44-годишната Д.Н. и седумгодишно дете – сопатници во „фордот“ – се здобиле со тешки телесни повреди. Тие биле констатирани во Клиничката болница во Битола.
Повреди задобил и 48-годишниот возач на „фордот“, М.Н.
Увид на лице место извршила увидна екипа на СВР Битола.