Парите во август продолжија да растат, при што монетарниот агрегат М3 на месечна основа е зголемен за 1,3 отсто, главно како резултат на растот на депозитните пари и краткорочните депозити. На годишно ниво, паричната маса е зголемена за 8,2 отсто, што претставува дополнително забавување на годишната динамика. Раст е забележан кај сите компоненти на паричната маса. Вкупните депозити во август се зголемиле за 1,6 отсто на месечна основа, при што растот главно произлегува од корпоративниот сектор. Во споредба со август минатата година, нивото на депозитите е повисоко за 9 отсто, со зголемување и кај депозитите на домаќинствата и кај оние на корпоративниот сектор.
Пред извесно време нагорна корекција направи и ФЕД и Европската централна банка но НМБР остана воздражана и не го стори тоа. Сепак со оглед на случувањата во светот и берзанските цени, домашните познавачи не ја исклучуваат можноста и централната банка во земјата следниот период истото да го направи.
- „Најчесто нашата банка го следи начинот и што Европската централна банка прави така што најверојатно мислам дека ќе има влијание покачувањето на каматната стапка од Европската централна банка“, рече Васко Богдановски – главен извршен директор на Опфолио инвестиции АД.
Кредитната активност во август пораснала за 0,7 отсто на месечна основа, додека на годишно ниво растот изнесува 13,6 отсто. Зголемување е забележано кај кредитите и на домаќинствата и на корпоративниот сектор, при што домаќинствата имаат поголем придонес во месечниот раст, а корпоративниот сектор во годишниот. Депозитите на корпоративниот сектор во банкарскиот систем во август се зголемиле за 6,2 отсто на месечна и за 6,1 отсто на годишна основа. Месечниот раст се должи на повисоките депозитни пари, додека годишното зголемување е резултат на растот на депозитните пари и долгорочно орочените депозити.
Кредитите на претпријатијата во август пораснале за 0,6 отсто на месечна основа, додека годишниот раст достигнал 15,1 отсто. Целокупното зголемување на кредитирањето на корпоративниот сектор произлегува од кредитите во домашна валута. Кај домаќинствата, вкупните депозити во август се намалиле за 0,4 отсто на месечна основа, како резултат на намалувањето на депозитните пари. Сепак, на годишно ниво депозитите на населението се зголемиле за 10,2 отсто, при раст на сите нивни компоненти.
Орочените депозити на домаќинствата, без средствата на трансакциските сметки, во август бележат раст од 0,6 отсто на месечна и 5,8 отсто на годишна основа. Најголем дел од зголемувањето произлегува од повисоките долгорочно орочени депозити. Кредитите на населението продолжиле да растат, со месечна стапка од 0,7 отсто и годишна стапка од 12,3 отсто. Растот главно се должи на кредитите одобрени во денари. Според намената, во август се зголемиле и потрошувачките и станбените кредити. Потрошувачките кредити пораснале за 0,5 отсто на месечна и 12,2 отсто на годишна основа, додека станбените кредити бележат месечен раст од 0,6 отсто и годишен раст од 16,2 отсто.